У.бр.155/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 212 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член се создавала нееднаквост, односно дискриминација меѓу граѓаните по основ на нивната имотна состојба, бидејќи стручната и правната помош во овој случај ќе им била достапна само на онаа категорија граѓани кои имале средства да ги платат услугите на адвокатите, што не било случај пред внесувањето на оспорената одредба во законикот. Оспорената одредба наместо да има позитивен одраз, негативно ќе се одразела врз реалното остварување на слободите и правата на граѓаните, што не било во согласност со интенциите на Уставот на Република Македонија. Со оглед на тоа што стручната и правната помош биле предуслов за остварување скоро на сите слободи и права, со оваа законска одредба се вршело ограничување и на другите права и слободи на граѓаните, а во прв ред на правото да се бара судска заштита. Имено, според ова решение, правото на судска заштита на сите индивидуални права и правни интереси на граѓаните, во случај кога тие не биле способни сами да се застапуваат, ќе им било достапно само на оние кои можеле да платат адвокат, а не и на оние кои немале таква можност, поради што се нарушувала и процесната рамнотежа поради нееднаквата имотна состојба на странките во постапката. Понатаму, во иницијативата се наведува дека адвокатите биле само дел од единствената правна професија и тие имале исто знаење и способности како и другите лица со завршен правен факултет и положен правосуден испит. Со тоа што овие лица не се определиле професионално да се занимаваат со адвокатура, не ги правело помалку квалификувани од адвокатите и тие да даваат стручна и правна помош било на граѓаните или на правните лица во кои се вработени. Со оспорената законска одредба се воспоставувала монополска положба на адвокатурата во давањето и обезбедувањето на стручна и правна помош на граѓаните и правните лица и тоа во сите области и во сите постапки и случаи, без никаков исклучок, што било крајно рестриктивно и неповолно, бидејќи со неа се вршело ограничување и на сите други права и слободи на граѓаните утврдени во Уставот, кое пак, не само што немало основ во Уставот, туку било и прекумерно неоправдано и од аспект на членовите 12 став 3 и 53 од Уставот. Освен тоа, употребениот термин “а не е адвокат” во членот 381-а од Кривичниот законик, создавал конфузија и дисхармонија во правниот режим на обезбедување стручна и правна помош воопшто, бидејќи во постојната регулатива, односно во други закони (Законот за парничната постапка, Законот за нотарските работи, Законот за индустриска сопственост и други), биле содржани решенија кои, исто така, се однесувале за давање и обезбедување правна помош, но од лица што не се адвокати. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со Уставот во целина, а посебно со членовите 8 став 1 алинеите 1 и 3, 9, 12 став 3, 50, 51, 53, 54 став 1 и 55 од Уставот на Република Македонија, како и со член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Во иницијативата се предлага Судот да изрече времена мерка со која ќе се запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 212 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004), по членот 381 се додава нов наслов “Надриписарство” и нов член 381-а, кој што гласи: “Тој што без регистрирана дејност за надомест дава стручна и правна помош на граѓани и правни лица, а не е адвокат, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година”.

4. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и принципот на владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8 алинеи 1 и 3 од Уставот.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Согласно член 12 став 3 од Уставот, лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.

Членот 50 став 1 од Уставот, утврдува дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност, а според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со оспорениот член 212 од Кривичниот законик со кој по членот 381 се додава нов наслов и нов член 381-а, се санкционира давањето на стручна и правна помош за надомест од страна на лица кои немаат регистрирано дејност, а не се ни адвокати.

Оспорениот член всушност определува кога станува збор за надриписарство, а тоа е кога лице дава стручна и правна помош за надомест, а нема регистрирана дејност ниту пак е адвокат.

Оттука недвосмислено произлегува дека стручна и правна помош може да дава за соодветен надомест само лице кое има регистрирано дејност за тоа или е адвокат, со што се овозможува компетентно давање на стручна и правна помош на граѓаните кога тоа им е потребно.

Во врска со наводите содржани во иницијативата дека граѓаните не можеле да ги остварат своите слободи и права доколку немале средства да ги платат услугите на овластените лица за давање на стручна и правна помош треба да се има предвид дека законодавството на Република Македонија го познава и го регулира институтот “сиромашко право”, па на граѓаните кои не се во можност да ги платат судските трошоци без притоа да се доведе во прашање нивното нужно издржување или издржувањето на нивното семејство, им се дозволува бесплатна правна помош и се ослободуваат од плаќање на судските трошоци.

Понатаму, во кривичната постапка, бранител може да биде само адвокат (член 63 став 4 од Законот за кривичната постапка). Бранител по службена должност се поставува кога одбраната е задолжителна (член 66 од Законот за кривичната постапка), односно по барање на обвинетиот му се поставува бранител ако според својата имотна состојба не е во можност да ги поднесува трошоците на одбраната (член 67 од Законот за кривичната постапка). Ако на обвинетиот му бил назначен бранител, а со плаќањето на наградата и на нужните издатоци би било доведено во прашање издржувањето на обвинетиот или издржувањето на лицето кое е должно тој да го издржува, наградата и нужните издатоци паѓаат на терет на буџетските средства. Ова важи и за оштетниот како тужител кога му бил назначен полномошник (член 93 став 1 од Законот за кривичната постапка). Исто така се дозволува ослободување плаќање на судските трошоци ако со нивното плаќање би било доведено во прашање издржувањето на обвинетиот или на лицата што тој ги издржува.

Во парничната постапка, на странката која е ослободена од плаќање на трошоците на постапката, судот може на нејзино барање да и определи да ја застапува полномошник, ако е тоа нужно за заштита на нејзините права, при што таа е ослободена од плаќање на фактичките издатоци и наградата на назначениот полномошник (член 158 – 160 од Законот за парничната постапка).

Ваквите законски решенија се во насока на операционализација на членот 7 од Законот за судовите, според кој секој има право на еднаков пристап пред судовите во заштита на неговите права и правно заснованите интереси и дека никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите поради недостиг на материјални средства.

Овие законски решенија упатуваат на заклучокот дека не е основано образложението во поднесената иницијатива дека правото на судска заштита им е достапно само на оние лица кои можат да платат адвокат, а не и на оние кои немаат таква можност.

Врз основа на изнесеното произлегува дека оспорениот член од Кривичниот законик го санкционира надриписарството односно давањето на стручна и правна помош и тоа со надомест, од страна на лице кое нема регистрирана дејнот за тоа и не е адвокат.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, а особено фактот дека начинот и условите под кои можат да се вршат определени дејности е регулирано со посебни закони, произлегува дека давањето на стручна и правна помош е уредено со повеќе закони и тоа со надомест или без надомест од страна на овластени лица, а дека надриписарството не е дозволено.

Поради тоа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Кривичниот законик со наведените членови од Уставот, како и со членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, која меѓу другото, во рамките на минималните права, го определува и правото секој обвинет да се брани самиот или со бранител по свој избор, или доколку самиот не располага со средства за бранител, да му се постави по службена должност адвокат кога интересите на правдата тоа го бараат.

5. Со оглед на фактот што Судот оцени дека нема основи за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Кривичниот законик, Судот утврди дека нема основи да донесе времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената законска одредба.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.155/2004
1 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова