155/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на писмото бр.16-510/1 од 5 април 1996 година на Управата за јавни приходи упатено до Заводот за платен промет на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Рамадан Демишовски од книговодственото биро “Конс трејд” од Струга, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Имено оспореното писмо не било во согласност со Законот за данок на промет на производи и услуги и со Законот за акцизите бидејќи овие закони не предвидувале можност во случаи кога даночниот обврзник немал обврска да плаќа данок на промет – акциза да мора до Заводот за платен промет да достави такво известување, а доколку не достави ќе му била присилно наплатена аконтација во износ на претходната платена аконтација данок на промет – акциза.

3. Судот на седницата утврди дека предмет на оспореното писмо е примената на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платен промет при што Управата за јавни приходи изнесува свои мислења и сугестии по однос на обврските на носителите на платниот промет кои се однесуваат на аконтациите на данокот на промет на производи , услуги и акцизи и данокот од добивка.

4. Судот на седницата оцени дека писмото на Управата за јавни приходи не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, бидејќи како што стои во насловот, предмет на ова писмо е примената на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платен промет (“Сл.весник на РМ” бр.65/95). Имено, според овој член од Законот, носителот на платниот промет ќе издаде налог за плаќање на товар на имателот на сметката, доколку во пропишаниот рок истиот не ги намирил обврските пропишани со закон и за тоа ќе го извести органот за јавни приходи. Во таа смисла, во ова писмо, упатено до Заводот за платен промет и до банките како носители на платниот промет, Управата за јавни приходи изнесува свои мислења и сугестии по однос на обврските кои се однесуваат на аконтациите на данокот на промет на производи, услуги и акцизи и данокот од добивка, меѓутоа самото писмо не уредува никакви односи.

Во однос на прашањето дали членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платен промет е во согласност со Законот за данок на промет на производи и услуги и со Законот за акцизите Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.155/96)