154/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 146 став 1 алинеја 1 и член 147 став 1, став 2 во делот

2. Игор Талевски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 146 став 1 алинеја 1 од Законот била нејасна, неизведена до крај правна норма, која оставала простор за арбитрерност и нејзина различна примена и норма која создавала правна несигурност, што не било во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова затоа што се поставувало прашање дали семејните домаќинства имаат правен субјективитет и дали истите можат да бидат обврзници на даноци и други јавни давачки? Ова од причина што семејните домаќинства немале статус на правни лица, ниту на физички лица, па според тоа не можеле да бидат обврзници на радиодифузната такса и во таа смисла не можеле да бидат воведени во соодветниот регистар на обврзници и не можел да им биде доделен единствен даночен број (ЕДБ). Поради ваквата состојба, примената на оспорената одредба во пракса доведувала до тоа, со радиодифузна такса арбитрерно да се задолжуваат едни членови на семејните домаќинства на сметка на другите членови или пак да се задолжуваат повеќе членови на едно исто семејно домаќинство, што не било во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, која барала во правниот поредок да функционираат јасни, недвосмислени норми, кои не оставаат простор за арбитрерна или различна примена. Дополнително, оспорената одредба не била во согласност со член 33 од Уставот, според кој обврската за плаќање на даноци и други јавни давачки била определена како индивидуална обврска, односно истата ја имал секој субјект поединечно.

Од друга страна, МРТ не можела и не смеела да ги врши работите во врска со водењето на регистарот на обврзници за плаќање радиодифузна такса која е јавна давачка, како што било предвидено со оспорениот член 147 став 1 од Законот, бидејќи исклучива надлежност за вршење на тие работи, согласно другите закони, имала Управата за јавни приходи. Во спротивно, како што било предвидено со оспорената одредба, се создавала правна несигурност, бидејќи ако се земел предвид фактот дека МРТ ги нема надлежностите кои ги има Управата за јавни приходи, тогаш се поставувало прашање од каде и на кој начин МРТ ќе ги обезбедува податоците за водење на регистарот на обврзници на радиодифузна такса?

Според член 37-б од Законот за буџетите, наплатата на приходите и другите приливи се врши согласно со закон (став 1) и сите приходи и други приливи на Буџетот на Република Македонија и Буџетите на општините, се уплатуваат на трезорската сметка и се евидентираат на соодветните сметки на Трезорската главна книга (став 5). Имајќи го предвид наведеното, се поставувало прашањето дали работите во врска со пресметувањето, утврдувањето и наплатата на средствата од радиодифузната такса, која што е определена како јавна давачка, што значи како јавен приход, односно приход на Буџетот на Република Македонија, Управата за јавни приходи можела да ги врши во име и за сметка на МРТ, како што предвидувал оспорениот дел од членот147 став 2 од Законот и дали наплатата на оваа јавна давачка можела да се врши на сметката на МРТ, како што предвидувал оспорениот став 5 од истиот член или наплатата требало да се врши на трезорската сметка, согласно одредбите на Законот за буџетите, кој имал предимство пред другите закони во врска со остварувањето на јавните приходи и расходи?

Како што биле моментално определени, оспорените одредби од член 147 став 2 и став 5 од Законот овозможувале двојно сметководство на јавните приходи, така што средствата за радиодифузна такса, која што е јавна давачка, наместо на трезорската сметка, се слевале на сметката на МРТ, што било спротивно на начелото на сеопфатност од Законот за буџетите и спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја прифати иницијативата и да ги укине оспорените одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 146 став 1 алинеја 1 од Законот за радиодифузна дејност, радиодифузна такса плаќа секое семејно домаќинство во Република Македонија.

Според член 147 став 1 од истиот закон, работите во врска со водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса ги врши МРТ, согласно ставот 2 на истиот член, работите во врска со пресметувањето, утврдувањето и наплатата на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, во име и за сметка на МРТ, ги врши Управата за јавни приходи, а според ставот 5 на овој член, наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Законот за радиодифузната дејност се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата (член 1).
Според член 145 став 2 од Законот, радиодифузната такса е јавна давачка.
Со член 146 став 1 од Законот се утврдуваат обврзниците за плаќање на радиодифузна такса, и тоа:
– секое семејно домаќинство во Република Македонија;
– хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби;
– трговци поединци регистрирани согласно со Законот за трговските друштва, како и вршители на дејност регистрирани согласно со закон, до 20 вработени, по една радиодифузна такса
– правни лица и сопственици на деловен простор, на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор, по една радиодифузна такса и
– сопственици на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса.

Одредбата која се оспорува, според која секое семејно домаќинство плаќа радиодифузна такса (член 146 став 1 алинеја 1) е содржана во основниот текст на Законот при неговото донесување (2005 година) и досега не е менувана.

Уставниот суд на Република Македонија во неколку наврати ја ценел уставноста на членот 146 став 1 од Законот за радиодифузна дејност, при што оценил дека овие законски одредби се во согласност со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки на начин утврден со закон и дека со истите не се повредува начелото на владеењето на правото утврдено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што во Законот, радиодифузната такса е утврдена како јавна давачка, која е уставна категорија, а истовремено се утврдени и обврзниците, основицата, висината и начинот на плаќање на оваа јавна давачка. Во таа смисла. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.153/2006 од 13 декември 2006 година, помеѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 146 став 1 во целина и посебно на алинеја 3 од истиот член, а со Решенија У.бр.235/2007 од 21.11.2007 година, У.бр. 191/2009 од 10.02.2010 година и У.бр. 78/2009 од 03.03.2010 година ги отфрлил иницијативите со кои повторно се барало оценување на уставноста на членот 146 став 1 од Законот, оценувајќи дека нема аргументи за промена на ставот на Судот.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара оценување на уставноста на член 146 став 1 алинеја 1 од Законот, со образложение дека одредбата била нејасна и оставала простор за арбитрерност и различна примена ( арбитрерно да се задолжуваат едни членови на семејно домаќинство на сметка на други членови или да се задолжуваат повеќе членови од едно исто семејно домаќинство), што создавало правна несигурност и не било во согласност со начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Семејните домаќинства немале статус ниту на физички лица ниту на правни лица, па според тоа не можеле да бидат обврзници на радиодифузна такса и не можеле да бидат воведени во соодветниот регистар на обврзници и да им биде доделен единствен даночен број (ЕДБ). Одредбата не била во согласност со член 33 од Уставот затоа што обврската за плаќање на даноци и други јавни давачки била определена како индивидуална обврска, односно секој субјект ја имал поединечно.

Според Судот, овие наводи во иницијативата не се аргументи кои би можеле да водат кон промена на веќе изградениот став на Судот во однос на прашањето за уставноста на член 146 став 1 алинеја 1 од Законот. Ова затоа што е јасна законската одредба според која семејното домаќинство е утврдено како обврзник за плаќање на една радиодифузна такса, а право е на законодавецот да утврди кој ќе се смета како обврзник за плаќање на оваа јавна давачка. Според член 2 став 1 од Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012 и 38/2014), семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Прашањето за примената на оваа законска одредба (случаите кога повеќе членови на семејното домаќинство по грешка биле задолжени за плаќање на истата радиодифузна такса) не е прашање од уставноправен карактер поради што не е во надлежност на Уставниот суд.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценил уставната основаност на оспорениот член 146 став 1 алинеја 1 од Законот за радиодифузната дејност, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Членот 147 од Законот ја добива својата актуелна содржина со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010), според кој членот 147 се менува во целост и добива нова содржина искажана во пет става.

Според став 1 овој член, работите во врска со водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса ги врши МРТ. Според став 2 на истиот член, работите во врска со пресметувањето, утврдувањето и наплатата на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, во име и за сметка на МРТ, ги врши Управата за јавни приходи, а според ставот 5 на истиот член, наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон.

Уставниот суд ја ценел уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010), при што со Решение У.бр. 67/2011 од 20.04.2011 година, не повел постапка за оценување на уставноста на овој закон.

Во ова решение Судот изразил став дека законодавецот со Законот ја предвидел радиодифузната такса како јавна давачка, а со оспорените измени и дополнувања на Законот за радиодифузна дејност од 2010 година (Законот има 5 члена), е уреден начинот на наплатата на средствата од радиодифузната такса преку Управата за јавни приходи и елементите поврзани со ова законско решение. Поради тоа Судот оценил дека се неосновани наводите во иницијативата со кои се оспорува уставноста на Законот и подносителот го немал во предвид интегралниот текст на Законот за радиодифузната дејност кој радиодифузната такса ја утврдил како јавна давачка, која подлежи на посебен правен режим на уредување кој законодавецот го уредил, а за што постои уставен основ. Врз основа на изнесеното за оспорениот Закон, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот со Уставот.

Со сега поднесената иницијатива повторно се бара оценување на уставноста на одделни одредби од членот 147 од Законот, кои се однесуваат на посебниот правен режим кој законодавецот го уредил по однос на работите во врска со водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса и работите во врска со пресметувањето, утврдувањето и наплатата на средствата од радиодифузната такса.

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на оспорените одредби од член 147 од Законот и со Решение У.бр. 67/2011 од 20.04.2011 година оценил дека истите се во согласност со Уставот, затоа што постои уставен основ законодавецот да ја утврди радиодифузната такса како јавна давачка која подлежи на посебен правен режим на уредување кој законодавецот го уредил со оспорените одредби, а со сега доставената иницијатива повторно се оспоруваат одредбите од истите причини, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.154/2013
9 април 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева