154/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 12 во делот

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата најнапред се укажува на постоење на Законот за стандардизација („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002), со кој се дефинира меѓународната електротехничка комисија IEC како меѓународна организација за стандардизација (член 2 точка 7 алинеја 2 од Законот) и дека македонската национална стандардизација се заснова на услогласувањето со научниот и техничкиот степен на развој и искуство, како и со усогласувањето со правилата на меѓународната и европската стандардизација (член 5 став 1 алинеја 6 од Законот) и дека Владата на Република Македонија основа Институт за стандардизација како јавна установа заради вршење на работите и задачите од областа на стандардизацијата утврдени со овој и со друг закон (член 6 став 1 од Законот). Потоа, се укажува на постоење на Одлука за основање на Институт за стандардизација на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2003 од март 2003 година), со која е основан наведениот институт и дека Република Македонија станала асоцијативен член на Меѓународната електротехничка комисија IEC во јануари 2005 година и како таква Република Македонија ги прифатила барањата кои произлегуваат од публикациите на Меѓународната електротехничка комисија, во врска со нарушувањето на мирот на граѓаните со штетна бучава, и тоа: публикации 179, 225, 651 и 804. Прифаќањето на наведените стандарди на Меѓународната електротехничка комисија е извршено со член 12 од Одлуката.

Во иницијативата е наведено дека стандардот од публикацијата 179, донесен на Меѓународната електротехничка комисија, бил заменет со нов стандард од Комисијата означен како 61672-1/-2, стандардот од публикацијата 225 бил заменет од Комисијата со нов стандард означен како 61260, стандардот од публикацијата 651 бил заменет со нов стандард од Комисијата означен како 61672-1/-2, а стандардот од публикацијата 804 бил заменет со нов стандард од Комисијата означен како 61672-1/-2. Овие промени, пак, на меѓународните стандарди, не биле следени со промена на оспорениот дел од член 12 на наведената одлука.

При таква состојба, а имајќи го предвид член 8 од Уставот на Република Македонија според кој почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелна вредност на уставниот поредок на Републиката (алинеја 11, н.з.), подносителот на иницијативата смета дека нормите од член 12 на Одлуката, со оглед на тоа дека се заменети со нови меѓународни стандарди, не можат да бидат основ и темел на кој ќе се градат одредени стандарди, па како противуставни треба да се укинат.

Со други зборови, подносителот на иницијативата бара укинување на оспорениот дел од член 12 на Одлуката поради негова неусогласеност со новодонесените меѓународни стандарди.

4. Судот на седница утврди дека во член 12 од Одлуката се определува дека „Бучава и звучна изолација се мери и докажува на пропишан начин со мерни уреди на ниво на звук и соодветни филтри во согласност со барањата на Меѓународната електроакустична комисија IEC – публикација 179, 225, 651 и 804 како и во согласност со стандардите ANSI S 1.4.“ Оспорен е делот– “публикација 179, 225, 651 и 804” од член 12 на Одлуката.

5.Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата бара укинување на оспорениот дел од член 12 на Одлуката поради негова неусогласеност со новодонесените меѓународни стандарди односно норми од меѓународни акти.

Со оглед на тоа што Уставниот суд е надлежен да ја оценува согласноста на законите со Уставот и на другите прописи со Уставот и законите, а не и согласноста на подзаконските прописи со меѓународните стандарди, произлегува дека таквото барање не влегува во делокругот на Судот, поради што иницијативата треба да се отфрли согласно наведената одредба од Деловникот на Судот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: Исмаил Дарлишта, д-р Наташа Габер- Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.154/2012
13 февруари 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски