154/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2011).

2. Асоцијација „Магна карта“ од Велес и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба со која се брише дел од членот не била во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 39 со кој се гарантира правото на здравствена заштита; членот 1 став 1 во кој е определено дека Република Македонија е и социјална држава; членот 34 според кој граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување; членот 35 според кој Републиката се грижи за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност; членот 32 став 1 според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност; како и членовите 8, 9, 51 и 54 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената законска одредба, во Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010 и 156/2010), во членот 5 став 1 точка 6 зборовите: „и невработено лице кое активно бара работа и кое се пријавува во Агенцијата за вработување на Република Македонија, доколку нема друга основа на осигурување“ се бришат.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2011), во членот 5 став 1 точка 6 зборовите: „и невработено лице кое активно бара работа и кое се пријавува во Агенцијата за вработување на Република Македонија доколку нема друга основа на осигурување“, се избришани.

Тргнувајќи од фактот дека оспорената одредба од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување не е норма која уредува односи, туку норма која констатира престанок на важење на дел од одредба кој во минатото бил во содржината на одредбата со која се уредувало одредено право на конкретен и со Закон утврден начин, и како таква таа норма не е подобна за уставно судска анализа.

Во конкретниов случај, со иницијативата всушност се бара Судот да го укине оспорениот член од Законот и да ја врати во важност претходно важечката одредба која во дел била бришана. Имајќи предвид дека согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијтивата, односно да ја цени уставната основаност на бришаната одредба и од друга страна уставната основаност на одредбата со која таа била бришана од Законот, како и оправданоста на овие законски решенија, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.154/2011
5 октомври 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски