154/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија2 бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 од Одлуката за наплата на манипулативни трошоци кои настануваат при изработување на сметките за вода и ѓубретарина за претпријатија и граѓани бр.02-107/1-6 донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Комуналец” во Прилеп на 17 јануари 1994 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на точките 2 и 3 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Методија Богоевски од Прилеп му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа граѓаните на Прилеп биле задолжени со сметките за вода да платат и износ од 30 денари без да бидат известени зашто се наплатува овој износ и без да биде објавена Одлуката, што не било во согласност со Уставот и закон.

4. Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија прописите се објавуваат пред да влезат во сила.

Со оглед на тоа што со точката 4 од Одлуката се предвидува Одлуката да влезе во сила со денот на донесувањето, а не со или по обрајувањето, Судот оцени дека тој член не е во согласност со член 52 од Уставот.

5. На седницата судот, исто така, утврди дека во точката 1 од Одлуката се предвидува манипулативните трошоци кои настануваат при изработување на сметките за вода и ѓубретарина за претпријатијата и граѓани да се надоместува при изготвување на сметките. Според точката 2 од Одлуката е определена висината на манипулативните трошоци за секоја поединечно изработена сметка, да изнесува 30 денари, а во точката 3 се предвидува финансовиот сектор да врши корекција на цената согласно стапките на инфлација.

Според член 15 став 1 од Законот за облигационите односи, кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот се применува како републички пропис, во засновувањето на двостраните договори учесниците поаѓаат од начелото на еднаквата вредност на взаемните давања.

Од изнесените одредби произлегува дека односите поврзани со наплатување на сметките за потрошената вода се дел од облигационите односи што настануваат меѓу претпријатијата за вршење комунални услуги и корисниците на тие услуги. Притоа, во овие односи согласно член 15 од Законот, задолжителнен е принципот на евивалентност на меѓусебните давања кои според мислењето на Судот се однесуваат на дадената услуга за испорака на вода и изнесување на смет и цената на трошоците за изготвување на тие сметки кои се плаѓаат на паушален начин. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 1, 2 и 3 од Одлуката со законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. ( У.бр.154/96 )