152/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на
– Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Гази Баба за 2010 година („Службен гласник на општина Гази Баба“ бр.6/2010), и
– Решението за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Гази Баба за 2010 година.

2. Тодор Петров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Гази Баба за 2010 година која била донесена на 29 април 2010 година, во ставот 2 од Одлуката се вели дека влегувала во сила со денот на објавувањето, а ќе се применувала од 1 април 2010 година, поради што истата била во спротивност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Со иницијативата се бара поништување на оспорените акти и да се донесе Решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што ќе се превзеле од оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 став 1 од Одлуката е предвидено дека Во Одлуката за извршување на Буџетот на Оштина Гази Баба за 2010 година, број 07-5990/4 од 28.12.2009 година („Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.01/2010), во членот 9, по ставот 1, се додава нов став 2 кој гласи: „Вредноста на бодот за исплата на платите на вработените кои имаат статус на државни службеници, се утврдува во висина на „73,85“”. Според ставот 2 од истиот член се наведува дека ставот 2 станува став 3.

Судот на седницата исто така утврди дека во членот 2 од Одлуката, Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Гази Баба“, а ќе се применува од 01.04.2010 година.

Со Решението за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Гази Баба за 2010 година се утврдува дека се објавува Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Гази Баба за 2010 година, што Советот на општина Гази Баба ја донесе на седницата одржана на 29.04.2010 година, и дека ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Гази Баба“.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Судот веќе има уставно-судска пракса по однос на ова прашање и нема основ по повод оваа иницијатива за поинакво одлучување, имено оспорените акти поради нивниот темпорален карактер повеќе не произведуваат правно дејство, сметаме дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.152/2010
26 јануари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски