152/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 ноември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 14 од Законот за земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/98).

2. Фатмир Скендеровски од с. Голем Папрадник – Центар Жупа, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 14 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се ограничува правото на сопственост и се ограничува правото на промет на земјоделското земјиште што е во спротивност со член 8, 30 и 55 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за земјоделското земјиште се уредува користењето, располагањето и заштитата на земјоделското земјиште.

Во член 13 е предвидено дека со земјоделското земјиште сопствениците располагаат под услови и на начин утврдени со овој закон освен ако со друг закон поинаку не е уредено.

Во оспорениот член 14 е предвидено дека: “со цел да се спречи уситнувањето на земјоделските парцели а во функција на порационално користење на земјоделското земјиште и примена на современи агротехнички, агромелиоративни и хидромелиоративни мерки, во случај на продажба, размена или давање под закуп на земјоделското земјиште право на првенство имаат: заедничкиот сопственик, сосопственикот и соседите чие земјиште граничи со земјиштето што се продава, разменува или дава под закуп.

Правото на првенство од ставот 1 на овој член се остварува преку доставување писмена понуда од сопственикот до субјектите од ставот 1 на овој член. Ако повеќе од една страна ја прифати понудата, приоритет се дава на заедничкиот сопственик, потоа на сосопственикот, па на соседите чие земјиште граничи со она што се продава, разменува или дава под закуп.

Ако повеќе од едно лице од иста група на субјекти со право на првенство од ставот 1 на овој член (заедничкиот сопственик, сосопственикот или соседите) ја прифати понудата сопственикот може да го понуди земјоделското земјиште на оној кој дал највисока цена во рамките на таа група.

Сопственикот од ставот 1 на овој член земјоделското земјиште може да го понуди и на јавен оглас.

Субјектите од ставот 1 на овој член правото на првенство го остваруваат ако ја прифатат највисоко постигнатата цена на јавната понуда.

Носителите на правото на првенство од ставот 1 на овој член се должни во рок од 30 дена да се изјаснат за прифаќање на понудата, во спротивно тие го губат правото на првенство и сопственикот може земјоделското земјиште да го понуди на друго правно или физичко лице.

4. Според член 8 од Уставот на Република Македонија покрај другите темелна вредност на Уставниот поредок на Република Македонија е и правната заштита на сопственоста; слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата.

Никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото може да се ограничат со закон единствено заради одбраната на републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Во функција на динамичната страна на сопственоста како основа за учество во економските односи уставот ги гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквоста на субјектите на пазарот, при што државата е должна да презема мерки против монополското однесување на пазарот.

При тоа Уставот предвидел и одредени ограничувања на слободата на сопственичкото дејствување кога се работи за одбраната на земјата, зачувувањето на природата, животната средина и здравјето на луѓето.

Според член 56 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за републиката и уживаат посебна заштита.

Од наведената одредба произлегува дека Уставот предвидел и една група на материјални добра кои претставуваат предмет на посебна заштита.

Имајки предвид дека земјата е добро од општ интерес, а тоа добро може да биде во приватна сопственост, оваа уставна одредба упатува дека земјиштето како добро од општ интерес кое може да биде во приватна сопственост трпи определени ограничувања.

5. Тргнувајки од наведените уставни одредби според кои земјоделското земјиште претставува добро од општ интерес за Републиката тоа ужива и посебна заштита без оглед во која форма на сопственост тоа се јавува.

При тоа кај добрата од општ интерес личното право не може да биде толку многу нагласено туку пред се прво треба да биде нагласен општиот интерес за заштитата на добрата кои имаат таков карактер. Во конкретниов случај државата првенствено поаѓа од своето право и обврска да го заштити земјоделското земјиште како добро од општ интерес. Во рамките на заштитата на ова добро треба да се додадат и социјалните и економските функции на државата да создаде услови за живот на граѓаните на секое подрачје при тоа настојувајки да го задржи населението на одредено подрачје и овозможувајки му најрационално да го користи тоа земјиште на тоа подрачје.

Остварувањето на овие општи цели и поттикнувањето на економскиот напредок и грижата за порамномерен развој утврдени во член 57 од Уставот се еден од основите со закон да се предвидат општите услови со кои ке се обезбеди рационално користење на земјоделското земјиште. Според тоа, сопственикот на земјоделското земјиште тоа земјиште како добро од општ интерес за кое државата е заинтересирана тоа да се користи најрационално ке располага со него и ќе го користи но во рамките на законските ограничувања кои се во интерес на сопственикот и заедницата, а кои произлегуваат од карактерот на таквото земјиште.

Тргнувајки од вака поставената концепција за земјоделското земјиште како добро од општ интерес законодавецот го утврдил институтот на првенствено право во случај на продажба, размена или давање под закуп на земјоделското земјиште кој институт се среќава скоро во сите земји. Со востановувањето на ова право се спречува распарчувањето на земјоделското земјиште. Првенственото право востановено со законот не се однесува само при продажба на земјоделското земјиште, туку и при давање на тоа земјиште под закуп или во случај на размена. Според тоа, Судот смета дека со определувањето на условите под кои сопственикот на земјоделското земјиште може да го отуѓи, односно да го даде под закуп или размени земјоделското земјиште не значи ограничување на сопственоста. Имено, сопственикот може да го оттуѓи земјоделското земјиште под определени услови, односно тој прво мора тоа земјиште да го понуди на заедничкиот сопственик, сосопственикот и соседот чие земјиште граничи со парцелата која се продава, разменува или дава под закуп, при што на сопственикот му е дадена можност земјоделското земјиште да го понуди и на јавен оглас, а лицата кои имаат право на првенство тоа право го остваруваат ако ја прифатат највисоко достигнатата цена на јавната понуда.

Според тоа, Судот смета дека интенцијата на законодавецот не е ниту да го ограничува правото на сопственост ниту пак да ги преферира лицата кои полагаат право на предимство при купување, размена и давање под закуп на земјоделското земјиште туку имал за цел да го утврди режимот на најрационално користење на земјоделското земјиште како добро од општ интерес. Токму заради тоа тој ги утврдил и роковите во кои лицата кои го користат ова право треба да се повикаат на тоа право, а доколку во тој рок тие не ја изразат својата воља тогаш сопственикот може да го продаде, даде под закуп или да го размени земјоделското земјиште со друго физичко или правно лице.

Со оглед на изнесеното Судот смета дека со предвидувањето на институтот на првенствено право на заедничкиот сопственик, сосопственикот и на соседот кој граничи со земјоделското земјиште кое што е предмет на продажба, размена или давање под закуп се утврдени само условите под кои може да се отуѓи земјиштето, а утврдувањето на тие услови не значи ограничување на правото на сопственост и ограничување на прометот на земјоделското земјиште.

6. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.152/98)