152/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Одлуката за измена на начинот на наплата и покачување на цените на услугите што ги врши Комуналната работна организација “Чистота и зеленило”-Куманово бр.02-47/1 од 15 јануари 1987 година, донесена од Работничкиот совет на Комуналната работна организација “Чистота и зеленило”-Куманово.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Томислав Доцевски од Куманово му поднесе иницијатива за оценување уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со уставното начело за еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот утврдено во член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се уредува начинот на наплата на цената за вршење на комуналните услуги, меѓу другото и за изнесување на сметот. При тоа, се утврдени цените за изнесување на смет што ја плаќаат граѓаните, посебно за домаќинства во паушален износ и за дворно место по м2.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по иницијативата.

Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што со оспорената одлука не се уредуваат односи на општ начин, туку се утврдуваат цени за одделни комунални услуги што ги врши Јавното претпријатие “Чистота и зеленило” – Комуново, односно не претставува пропис восмисла на член 110 од Уставот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.152/96)