У.бр.15/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992), на седницата одржана на 7 јули 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 384 став 7, во делот

2. Јулијана Масларкова од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015).

Во иницијативата се наведува дека наведената законска одредба била спротивна на член 18 од Уставот, според кој „се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци“ (став 1) и „на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците“ (став 2), како и спротивна на член 2 став 1 точка 1 од Законот за заштита на личните податоци, според кој „личен податок е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.“ Поради тоа, подносителот на иницијативата предлага Судот да донесе одлука за поништување на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека од содржината на оспорениот член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015) произлегува дека со него се врши дополнување на член 384 став 7 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ број 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 6/2016, 30/2016 и 61/2016), поради што оспорената одредба е дел од членот 384 став 7 на Законот за трговските друштва.

Членот 384, пак, од Законот за трговските друштва е систематизиран во Петтиот дел „Форми на трговски друштва“ (членовите 110-552) и тоа во Четвртата глава посветена на „Акционерско друштво“ (членовите 270-454), Оддел 6 „Органи на друштвото“ (членовите 342-415), Пододдел 4 „Собрание на друштвото“ (членовите 382-415). Пред да се изнесе содржината на наведената законска одредба, Судот оцени дека е потребно да се изнесат некои одредби од Оддел 6 „Органи на друштвото“, Пододдел 1 „Заеднички одредби“ (членовите 342-366).

Според член 342 став 1 од Законот, „управувањето со друштвото може да биде организирано според едностепен систем (одбор на директори) или според двостепен систем (управен одбор или управител и надзорен одбор).“

Во член 348 од Законот, посветен на забрани во врска со конкуренција, се определува дека „членовите на органот на управување, односно на надзорниот одбор, како и членовите на нивните семејства (сопружници, родители и деца) без одобрение на одборот на директори, односно на надзорниот одбор не смеат: 1) за своја или за туѓа сметка да вршат работи коишто спаѓаат во предметот на работење на друштвото; 2) да вршат друга дејност или активност во друго друштво, со ист или сличен предмет на работење, платена или неплатена, за сопствена сметка или за сметка на друго лице; 3) да биде член на орган на управување или член на надзорен одбор, односно контролор во друго друштво коешто има ист или сличен предмет на работење како и друштвото и 4) во просториите на друштвото да врши работи за своја или за туѓа сметка“ (став 1). „Пред изборот на физичко лице за член на органот на управување, кандидатот во писмена форма, го известува органот на друштвото овластен за неговиот избор за сите свои дејности и активности во друго друштво, платени или неплатени, кои ги врши за сопствена сметка или за сметка на кое било друго лице“ (став 2). „Собранието мора да биде известено на првата наредна седница за даденото одобрение од ставот 1 на овој член“ (став 3). „Ако членот на органот на управување, односно на надзорниот одбор постапи спротивно на забраните од ставот 1 на овој член, односно премолчи релевантен факт во известувањето од ставот 2 на овој член, друштвото може: 1) да бара надомест на штета или 2) да бара на друштвото да му ја отстапи правната работа што ја склучил за своја сметка и да му ја даде користа што потекнува од правната работа склучена за своја или за туѓа сметка“ (став 4).

Во член 349 од Законот за трговските друштва, посветен на судир на интересите, се определува дека „за секој договор или друга деловна активност на друштвото во којашто друштвото е странка и во којашто член на органот на управување, односно на надзорниот одбор има интерес, дури и на посреден начин, мора да се постапи според членовите 457, 459 и 460 од овој закон“ (став 1).

Според член 457 од Законот, посветен на зделки на друштвото со заинтересирана страна, „секоја зделка (вклучувајќи, без ограничување, заем, кредит, залог или гаранција) во која заинтересираната страна е член на орган на управување, односно надзорниот одбор или управителот, вклучувајќи ги и раководните лица, или акционер на друштвото кој заедно со поврзаните лица поседуваат 20% или повеќе проценти од акциите со право на глас на друштвото или лице кое има овластување да дава упатства на друштвото што се задолжителни, се смета за зделка со заинтересирана страна и се извршува од страна на друштвото во постапка во согласност со одредбите на овој закон“ (став 1). „Се смета дека лицето од ставот 1 на овој член е заинтересирана страна и има интерес во извршување на зделката од страна на друштвото доколку тоа лице, негов застапник, сопружник, родители, деца, браќа/сестри од двајцата родители или само од едниот родител, родители посвоители, посвоени деца и/или некое лице поврзано со нив (во натамошниот текст: заинтересирана страна): 1) е страна во таквата зделка, нејзин корисник, застапник или посредник во таква зделка или 2) поединечно или заедно поседуваат 20% или повеќе проценти од акциите во правното лице кое е страна во зделката, нејзин корисник, застапник или посредник во таквата зделка или 3) е член на органот на управување, односно на надзор на правното лице кое е страна во зделката, нејзин корисник или застапник во таква зделка, или е раководно лице на тоа правно лице или 4) ако е така определено со статутот“ (став 2).

Според член 459 од Законот, посветен на известување за постоење заинтересирана страна во зделките на друштвото, „лицата наведени во членот 457 од овој закон се должни да го известат одборот на директори, односно надзорниот одбор: 1) за друштвата во кои тие сами или заедно со поврзани лица имаат 20% или повеќе проценти од уделот, односно акции со право на глас; 2) за друштвата во чиишто органи имаат управувачки функции и 3) на нив познати тековни или можни зделки, во кои се заинтересирана страна.“

Според член 460 од Законот, посветен на постапката за одобрување зделка со заинтересирана страна, „секоја зделка со заинтересирана страна е предмет на претходно одобрување од страна на одборот на директори, односно на надзорниот одбор или на собранието, на начинот и според постапката определена во овој член“ (став 1). „Одлука за одобрување на секоја зделка со заинтересирана страна се врши со мнозинство гласови од членовите на одборот на директори, односно на членовите на надзорниот одбор кои немаат интерес во зделката. Ако сите членови на одборот на директори, односно на надзорниот одбор се заинтересирани страни или ако бројот на членовите на одборот на директори, односно членовите на надзорниот одбор кои немаат интерес е помал од бројот што е потребен за кворум за седницата на одборот на директори, односно на надзорниот одбор определен во статутот, таквата зделка ја одобрува собранието“ (став 2). „Собранието ја одобрува зделката со заинтересираната страна со мнозинство гласови на сите акционери кои немаат интерес, а кои поседуваат акции со право на глас и тоа, ако: 1) вредноста на имотот на којшто се однесува ваквата зделка или поврзаните зделки изнесува 2% или повеќе проценти од книговодствената вредност на имотот на друштвото, според последните ревидирани финансиски извештаи на друштвото или во однос на понудената цена во случај кога треба да се купи имот; 2) зделката или поврзаните зделки се однесуваат на издавање преку запишување или продажба на акции што изнесуваат повеќе од 2% од обичните акции на друштвото, преостанати во тој период и обичните акции во кои може да се конвертираат хартии од вредност претходно издадени во серии и кои можат да бидат конвертирани во акции или 3) зделката или поврзаните зделки се однесуваат на издавање преку запишување на конвертибилни обврзници, што може да се конвертираат во обични акции, а кои изнесуваат повеќе од 2% од издадените обични акции на друштвото и ако, во исто време, претходно издадените обични акции во серии се конвертибилни во акции“ (став 3). „Во одлуката со која се одобрува зделка со заинтересирана страна се определува лицето кое е страна на зделката или е корисник, како и вредноста, предметот и другите материјални услови на зделката“ (став 4). „Во постапката за одобрување зделка со заинтересирана страна цената на имотот или услугите кои се продаваат или се купуваат со неа ги определува одборот на директори, односно надзорниот одбор“ (став 5). „Зделката со заинтересирана страна извршена спротивно на одредбите на овој оддел од овој закон е ништовна“ (став 6). „Секоја заинтересирана страна е одговорна кон друштвото, акционерите и кон другите членови на органот на управување, односно надзорниот одбор или управителот, за штетите што им ги предизвикала доколку во рок од три години од денот кога е одобрена зделката со заинтересираната страна се утврди дека е штетна за трговското друштво, акционерите или за членовите на органот на управување, односно надзорниот одбор кои немаат интерес во зделката. Ако повеќе заинтересирани страни се одговорни, нивната одговорност е солидарна“ (став 7).

Од изнесените законски одредби произлегува дека членовите на органите на управување на акционерско друштво (членовите на одборот на директори, на управниот одбор и на надзорниот одбор-член 342 став 1), како и членовите на нивните семејства (сопружници, родители и деца-член 348 став 1), имаат определени законски ограничувања во врска со вршењето на работите од нивниот делокруг како што се: пред изборот за член на органот на управување, да го известат тој орган за сите дејности или активности во друго друштво (член 348 став 2); по изборот, тие лица да мораат да добијат одобрение од органот на управување за вршење на истите или други дејности или активности во други друштва и за тоа одобрение да го известат собранието на акционерското друштво на првата наредна седница (член 348 ставовите 1 и 3); ако членот на орган на управување има одобрение за вршење на исти или други дејности или активности во други друштва, при донесување на одлука за склучување на секоја зделка со заинтересирана страна мора да го извести органот на управување за својата поврзаност со заинтересираната страна (член 459 и член 460 став 1) и во тој случај тие лица се исклучуваат од одлучувањето за таа зделка (член 460 став 2), а доколку повеќе членови на органот на управување не можат да одлучуваат за конкретна зделка поради поврзаност на секој од нив со заинтересираната страна па нема потребно мнозинство за донесување на одлука, тогаш одлуката ја одобрува собранието во состав од акционерите кои немаат поврзаност со заинтересираната страна (член 460 став 3); ако член на орган на управување врши исти или други дејности или активности во друго друштво без одобрение на органот на управување, тогаш друштвото може да бара надомест на причинета штета или преземање на тие работи (член 348 став 4), а ако тој член на органот на управување учествувал во донесување на одлука за зделка со заинтересирана страна со која тоа лице има поврзаност, тогаш таа зделка е ништовна и членот на органот на управување, како и заинтересираната страна, се должни да ја надоместат причинетата штета на акционерското друштво (член 460 ставовите 6 и 7). Таквите ограничувања за членовите на органот на управување на акционерско друштво се во функција на остварување на конкуренција и спречување на судир на интересите.

Членот 384 од Законот за трговските друштва се однесува на годишното собрание на акционерското друштво (го свикува органот на управување најдоцна во рок од три месеци по составувањето на годишната сметка, на финансиските извештаи и на годишниот извештај за работата на друштвото во претходната деловна година-став 1; на годишното собрание се усвојуваат годишната сметка, финансиските извештаи и годишниот извештај за работата на друштвото, потоа се одлучува за употребата на чистата добивка и се одобрува работата на членовите на органот на управување и тоа со гласање за секој член на органот одделно-ставовите 2, 5 и 6; ако годишното собрание не го свика органот на управување, него може да го свикаат неизвршните членови на органот на управување или суд по предлог на кој било акционер-ставовите 3 и 4).

Според член 384 став 7 од Законот, „во годишниот извештај за работата на друштвото во претходната деловна година, органот на управување има обврска објективно да ги презентира и да ги објасни главните фактори и околности коишто влијаеле на определувањето на работењето, вклучувајќи ги и промените во опкружувањето во чиишто рамки друштвото дејствува, одговорот на друштвото на тие промени и нивното влијание, политиката на вложувања за одржување и за поддршка на успешноста во работењето на друштвото, вклучувајќи ја и политиката на дивиденди, изворите на средствата на друштвото, политиката на односот на долгорочниот долг спрема основната главнина и политиката на управување со ризикот, големите зделки и зделките со заинтересирани страни со прикажани податоци за висината на износот на трансакциите кои се извршени врз основа на зделка со заинтересирана страна и начинот и постапката во која била одобрена зделката со заинтересирана страна, име, презиме и адреса на заинтересираната страна ако е физичко лице, или назив и седиште ако заинтересираната страна е правно лице, како и средствата на друштвото чијашто вредност не е одразена во билансот на состојбата според меѓународните стандарди за финансиско известување, изгледите за идниот развој на друштвото и неговиот деловeн потфат, активностите во сферата на истражувањето и развојот, како и информациите во врска со стекнувањето сопствени удели или акции, во зависност од релевантните околности. Во годишниот извештај на друштвото се објавуваат и примањата на секој извршен член на одборот на директори и на член на управниот одбор (плата, надоместоци на плата, бонус, осигурувања и други права), односно надоместокот на неизвршните членови на одборот на директори и на членовите на надзорниот одбор. Во Годишниот извештај на друштвото задолжително се објавуваат и детални податоци за примањата во други друштва (плата, надоместоци на плата, надоместоци за членство, бонус, осигурувања и други права) за извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор, неизвршните членови на одборот на директори и членовите на надзорниот одбор, доколку истите членуваат во органи на управување на други друштва. Во Годишниот извештај на друштвото задолжително се објавуваат и детални податоци за вработувањето (назив на работодавач, дејност, висина на плата, надоместоци на плата, бонус, осигурувања и други права) за извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор, неизвршните членови на одборот на директори и членовите на надзорниот одбор, доколку истите имаат засновано работен однос кај други работодавачи“. Ставовите 8-10 од истиот член на Законот се однесуваат на ситуација кога годишното собрание нема да ја одобри работата на органот на управување (собранието може да одлучи да се пристапи кон избор на сите нови или избор на нови одделни членови на органот на управување), односно ако ја одобри работата на органот на управување, но ќе побара надомест на причинета штета.

Од целината на член 384 на Законот за трговските друштва произлегува дека во него се уредуваат прашања во врска со свикувањето и делокругот на годишното собрание на акционерско друштво, при што ставот 7 од овој член на Законот се однесува на годишниот извештај за работата на друштвото во претходната деловна година, а оспорениот дел од тој став се однесува на содржината на годишниот извештај и тоа: во него задолжително да се објават детални податоци за примањата на членовите на органот на управување што ги остваруваат во други друштва, било како членови на органи на управување или како лица вработени во тие други друштва.

Имајќи ја предвид изнесената содржина на член 384 од Законот во целина, и гледајќи го оспорениот дел од наведената законска одредба заедно со другите напред наведени законски одредби, Судот утврди дека определувањето, во годишниот извештај за работата на акционерско друштво да се објавуваат детални податоци за примањата на членовите на органот на управување во други друштва, е во функција на вршењето на законските овластувања на собранието на акционерското друштво да ја усвојува годишната сметка, финансиските извештаи и годишниот извештај за работата на друштвото, како и да ја одобрува работата на органот на управување (член 384 ставовите 2, 5 и 6), од една страна, како и во функција на остварување на конкуренцијата и спречување на судир на интереси (членовите 348, 349, како и членовите 457, 459 и 460), од друга страна.

При таа состојба, а имајќи ги предвид и определбите од член 320 на Законот за трговските друштва дека „на секој акционер мора да му се обезбеди право на увид во актите и другите документи на друштвото од член 319 на овој закон, во седиштето на друштвото, на начин определен во статутот“ (став 1), како и дека „акционерот не може јавно да ги објавува или да ги презентира информациите, освен на акционерите, ако остварува пред надлежен орган некое право определено со закон, со статутот и со друг акт на друштвото, или ако тие веќе не се јавно објавени“ (став 6), Судот оцени дека оспорениот дел од член 384 став 7 на Законот за трговските друштва не ги повредува определбите од член 18 на Уставот, за сигурноста и тајноста на личните податоци на граѓаните и за заштитата од повреда на личниот интегритет на граѓанинот од повреда што произлегува од регистрирањето на информации за него при обработка на личните податоци, поради што одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 384 став 7 на Законот за трговските друштва.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.

У.бр.15/2016
7 јули 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева