15/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 11 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Карпош 3, опфат помеѓу ул. „Љубљанска“, Бул. „Илинден“, канал за одводнување и река Вардар, бр. 07-1996/1, донесена од Советот на Општина Карпош на 30 август 2007 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр. 15/2007).

2. Тони Трифуновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката наведена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, деталниот урбанистички план бил во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање од причина што во планот не биле почитувани правилата за оддалеченост на планираните објекти од тротоарот (пр. објектот кој бил планиран помеѓу улица Илинденска и улица Љубљанска со висина од 16.6 метри, требало да биде одалечен од тротоарот за половина од неговата висина, кој норматив не бил почитуван во планот). Во иницијативата понатаму се укажува дека зеленилото што се наоѓа на тие парцели било уништено и процентот на застапеност бил намален. Како причина за незаконитост на планот во иницијативата се наведува и тоа дека опфатот за кој бил донесен деталниот урбанистички план бил за спорт и рекреација, а според Генералниот урбанистички план намената била за сервисни дејности, кои со оспорениот ДУП биле преправени во големи трговски центри, што било отстапување и од висината и од намената.

Во иницијативата се наведува дека со донесувањето на деталниот урбанистички план во потполност била променета улогата на Генералниот урбанистички план. Понатаму се наведува дека трасата на улица Љубљанска била променета спротивно на Генралниот урбанистички план, дека висината на предвидениот објект за комерцијални дејности (трговски центар) и намената на тој објект не одговорала со оглед на тоа што зоната била предвидена за спорт и рекреација. Сите наведени работи укажувале дека планот е спротивен на Генералниот урбанистички план поради што подносителот бара да се преиспита законитоста на оспорениот план.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за локалитет Карпош 3, опфат помеѓу ул. „Љубљанска“, Бул. „Илинден“, канал за одводнување и река Вардар, бр. 07-1996/1, Советот на Општина Каропош ја донел на 30 август 2007 година и истата е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр. 15/2007.

Оспорената Одлука е донесена врз основа на член 26, став 4, алинеја 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр. 51/05) и член 16 од Статутот на Општината Карпош (“Службен гласник на Општина Карпош” бр. 1/06), на седницата на Советот на Општината Карпош одржана на 30 август 2007.

Во членот 1 став 1 од Одлуката е утврдено дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за локалитет Каропш 3, опфат помеѓу ул. „Љубљанска“, Бул. „Илинден“, канал за одводнување и река Вардар, општина Карпош Скопје. Во ставот 2 на овој член се наведени прописите врз основа на кои е изработен планот.

Во членот 2 од Одлуката е утврден опфатот на планот и се определени границите на планот.

Во членот 3 од планот е утврдено дека планот се изработува во две фази, и се утврдени намените, согласно сo намените на ГУП на град Скопје од 2002 година (сервисно-снабдувачки центар; парковско зеленило; скејт парк; терени за одбојка; видиковец; отворен паркинг, заштитно зеленило, трафостаница). Во овој член е утврдена и максималната висина на објектите (13.12м).

Во членот 4 е утврдена содржината на планот (планиран развој, документациона основа, графички дел).

Во членот 5 од Одлуката е утврдено дека составен дел на одлуката се текстуалниот дел, графичките прилози, основните параметри за уредување на просторот и табеларниот приказ на урбаниситичките параметри.

Во членот 6 од Одлуката е предвидено дека планот се заверува со печат на Советот на Општина Карпош и потпис на претседателот на Советот на Општината. Во членот 7 од Одлуката е предвидено дека Советот на општината, во рок од 30 дена од завршувањето на законската постапка за донесување на деталниот урбанистички план, ќе обезбеди комплетна документација за реализација на Планот.

Во членот 8 од Одлуката се наведува дека планот со сите негови делови се чува во Секторот за урбанизам на Општина Карпош – Одделение за просторно и урбанистичко планирање.

Согласно членот 9 од Одлуката, одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Карпош”.

Одлуката е заведена под бр.07-1996/1 од 30 август 2007 година и потпишана од страна на претседателот на Советот на Општина Карпош Трифун Трифуновски.

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува содржината на деталниот урбанистички план во смисла на тоа дека при неговата изработка не биле почитувани утврдените нормативи за височината на планираните објекти и нивната одалеченост од тротоарот, дека била променета намената на планираниот простор спротивно на Генералниот урбанистички план (во Генералниот урбанистички план просторот бил праниран за сервисни дејности, а во деталниот урбанистички план намената била за спорт и рекреација), со што била променета улогата на Генералниот урбанистички план. Или поинаку кажано, иако иницијативата се повикува на несогласност на планот со Законот, во неа не се наведува ниту една причина зошто оспорениот план е спротивен и на кои одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање тој е спротивен, односно во иницијативата отсуствуваат наводи за тоа од кои причини подносителот смета дека оспорената Одлука за донесување на деталниот урбанистички план не била донесена во постапка согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, од кој аспект само може Уставниот суд да ги оценува урбанистичките планови.

Уставниот суд во досегашната уставно-судска практика (Решение У.бр.158/2010 од 20 октомври 2010 година, Решение У.бр.5.2008 од 26 март 2008 година, Ррешение У.бр.140/2004 од 23 март 2005 година) укажал дека не е надлежен да ја оценува содржината на Деталниот урбанистички план, ниту пак евентуалните промени во намената на планираниот простор како и тоа дека Судот нема надлежност да ја оценува согласноста на деталните урбанистички планови со Генералниот урбанистички план, односно дека тоа прашање го цени Министерството за транспорт и врски во постапката за давање на согласност на планот. Во конкретниот случај, врз основа на доставената документација, Судот утврди дека наведеното министерство, дало согласност на планот, меѓу другото и врз основа на мислењето на Градот Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот (допис бр.07/13-2048/1 од 17 август 2008 година) дека во Предлог деталниот урбанистички план (оспорен со предметната иницијатива) се вградени основните намени и параметри утврдени во Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

Во таа смисла, сите забелешки на планот наведени во иницијативата, со оглед на тоа што се однесувале на содржината на планот, подносителот на иницијативата можел да ги истакне во постапката за донесување на самиот Детален урбанистички план, односно на Јавната презентација и јавната анкета која била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, што од негова страна, видно од доставената документација не било сторено.

Имајќи предвид, дека со иницијативата предметната одлука се оспорува од аспект на нејзината содржина и во однос на акти чија што оценка не е во надлежност на Уставниот суд, како и фактот што во неа нема јасни и конкретни причини за оспорување на предметната одлука од аспект на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, односно фазите за донесување на планот уредена со закон, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.15/2012
11 април 2012 година
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски