15/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 112 точка 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/1986, 17/1991, 84/2005 и 109/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Упатството во врска со начинот и постапката на поединечно запишување на правата на недвижностите, бр. 02-6980/1 од 21.10.2005 година, донесено од директорот на Државниот завод за геодетски работи.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата со оспорената одредба од Законот, на Државниот завод за геодетски работи му се давало генерално и воопштено овластување да издава упатства во врска со спроведувањето на Законот и прописите донесени врз основа на него, кое во примената ќе создавало нејаснотии и недоразбирања за кои конкретни упатстава станувало збор, со што се отстапувало од член 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, како и членовите 51, 95 став 3 и 96 од Уставот на Република Македонија.

Оспореното упатство не било објавено во “Службен весник на Република Македонија”, а во него било утврдено дека истото ќе се применува наредниот ден од денот на приемот на Секторот, односно Одделението за премер и катастар и ќе важело до донесувањето на подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за изменување и дополнување на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 84/2005). Поради тоа подносителот на иницијативата смета дека Државниот завод за геодетски работи немал право и должност да го донесе ова упатство пред да се донесат поблиските прописи од Законот, односно со донесувањето на истото се повредени член 8 став 1 алинеја 3, 51 и 52 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, член 58 од Законот за изменување и дополнување на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, членовите 81-а до 81-д од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, како и член 3 став 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека со точка 8 став 1 од оспореното упатство, со кој се пропишувало дека барателот е должен, со поднесувањето на барањето за поединечно запишување на правото на недвижност која се наоѓа во катастарската општина во која е во примена непремерен катастар – пописен катастар на земјиште, да приложи и изјава во која ќе бидат наведени сите граничари на предметната недвижност, со име, презиме и адреса на живеење и се утврдувале права и обврски за граѓаните и другите правни лица спротивно на член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, поради што со оспорениот став се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот и членовите 81-а до 81- д од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.

Според подносителот на иницијативата, оспорената точка 8 став 3 од Упатството, со која се пропишувало обезбедување учество на Јавниот правобранител во постапката на запишување на правата на недвижностите доколку предметната парцела граничи со имот на Република Македонија и има разлика во површината помеѓу пописниот катастар и премерувањето поголема од 20%, не била во согласност со членот 67 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, според кој во постапката за излагање на јавен увид на податоците за недвижностите во државна сопственост, се поканува Јавниот правобранител на Република Македонија, што подразбирало негово задолжително учество во постапката.

Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука по иницијативата, да донесе решение за запирање на извршувањето на оспореното упатство, со оглед на тоа што во тек е запишување на правата на недвижностите во повеќе катастарски општини во Република Македонија и притоа, со неучество на Јавниот правобранител на Република Македонија, би можеле да настанат неотстранливи штетни последици за државната сопственост.

4. Судот на седницата утврди дека според член 112 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, Државниот завод за геодетски работи има право и должност да: 1) издава упатства во врска со спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на него и 2) врши непосреден надзор над работењето на трговците поединци-овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи.

Судот, исто така, утврди дека Упатството во врска со начинот и постапката на поединечно запишување на правата на недвижностите, бр. 02-6980/1 од 21.10.2005 година, е донесено од директорот на Државниот завод за геодетски работи, врз основа на членот 112, а во врска со одредбите на член 81-а до 81-д од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.

Со Упатството се појаснува начинот на спроведување на постапката за поединечно запишување на правата на недвижностите во рамките на поднесеното барање, заведувањето на барањето во деловодната книга под одреден архивски знак за подрачните одделенија за премер и катастар, односно за Секторот за премер и катастар во Скопје, формирањето на предмет по барањето, преземање на дејствија со цел комплетирање на целокупната документација потребна за запишување на правата на недвижностите, донесување на решение за поединечно запишување на правата на недвижностите и спроведување на конечното решение во списокот на промени за земјиште и згради, начинот на спроведувањето на промените во електронската база на податоци во катастарот на земјиштето и во катастарот на недвижностите. На крајот од Упатството се наведува дека истото се применува наредниот ден од денот на приемот во Секторот, односно одделението за премер и катастар и ќе важи до донесување на подзаконски акти кои произлегуваат од Законот за изменување и дополнување на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.

5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а според став 3 на истиот член, организацијата и работата на органите на државната управа се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите се утврдува начинот и постапката за премерот, катастарот и запишувањето на правата и недвижностите.

Со овој закон се утврдува дека работите на премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се во надлежност на Државниот завод за геодетски работи.

Согласно член 5 и 35 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Државниот завод за геодетски работи е самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.

Со член 42 од овој закон се утврдува дека инспекцис­киот надзор опфаќа надзор над спроведувањето и примената на законите и другите прописи, а со член 43 став 1 од истиот закон, се утврдува дека инспекцискиот надзор го вршат само органите на државната управа во рамките на своите овластувања.

6. Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека законодавецот го основал Државниот завод за геодетски работи како орган на државната управа кој има задача да ги врши работите што се однесуваат на премерот, катастарот и запишувањето на правата на недвижностите. Начинот и постапката за премерот, катастарот и запишувањето на правата на недвижностите, законодавецот ги уредил со посебен закон.

Во функција на надзор над извршувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз негова основа, законодавецот со оспорениот член 112 точка 1 од Законот, го овластил Државниот завод за геодетски работи да издава упатства во врска со спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на него. Тоа е овластување за органот на државната управа од надлежната област, преку директорот кој раководи со органот, да издава конкретни упатства (напатствија, инструкции) за начинот на примената на законските и подзаконските прописи од страна на стручните служби на Државниот завод за геодетски работи или од страна на другите овластени лица за вршење на оперативни теренски геодетски работи (трговци поединци-овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи). Ваквото овластување не подразбира донесување на подзаконски прописи за доуредување на одредбите на Законот, туку само напатствија за начинот на примената на Законот или прописот донесен врз основа на овој закон.

Оттука, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од членот 112 точка 1 од Законот се создавале нејаснотии и недоразбирања за кои конкретни упатства станувало збор. Фактот што одредбата е сместена во главата на Законот со која се уредува надзорот над примената на овој закон, доволно јасно укажува дека станува збор за издавање на упатства (напатствија) во функција на полесна и унифицирана примена на пропишаните одредби од страна на службите задолжени за нивната примена, што на овие упатства им дава карактер на конкретни, интерни акти со кои се пропишува начин на постапување од страна на стручните служби надлежни за спроведување на законот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека немаат основ наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Законот се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеење на правото од член 8 алинеја 3 од Уставот, како и членовите 51, 95 став 3 и 96 од Уставот на Република Македонија.

7. Судот на седницата, врз основа на доставено известување од Државниот завод за геодетски работи, бр. 03-1729/5 од 11.04.2006 година, утврди дека со донесувањето на Правилникот за начинот на запишување на правата на недвижностите и постапката за излагање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 9/2006), оспореното упатство во врска со начинот и постапката на поединечно запишување на правата на недвижностите, бр. 02-6980/1 од 21.10.2005 година, престанало да важи.

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, а со оглед на тоа што оспореното упатство престанало да важи и да се применува, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел, поради што согласно член 110 од Уставот и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд одлучи истата да ја отфрли.

8. Врз основа на наведеното, Судот утврди дека не постојат услови за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспореното упатство.

9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.15/2006
10 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова