У.бр.151/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 8 од Методологијата за пресметка на цените на пресметковните елементи по кои производителот на електрична енергија ја испорачува електричната енергија на снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи и снабдувачот во краен случај со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија„ бр.97/2012 и 91/2013).

2. Михо Лаброски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Методологијата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 8 од Методологијата за пресметка на цените на пресметковните елементи по кои производителот на електрична енергија ја испорачува електричната енергија на снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи и снабдувачот во краен случај со електрична енергија бил во спротивност со членот 55 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата подносителот го објаснува значењето на ангажираната моќност. Според него, постоењето на евтините тарифи и ангажираната моќност со процент од 33,33% биле неразделни нитки на една логичка целина. Едностраното интервенирање на некоја од тие нитки без да се интервенира кај нејзината сијамска близначка, другата нитка, претставувала овозможување на нефер (неразумен) профит на економскиот оператор или обратно (ако имаме воведување на дополнителна ефтина тарифа).

Регулаторната комисија евидентно постапила во корист на производителите на електрична енергија, а на штета на граѓаните раздвојувајќи ги овие две категории. Со оглед дека увозот е минорно либерализиран во сегментот на електрична енергија со ваквата постапка бил прекршен членот 55 од Уставот на Република Македонија.

Со иницијативата се бара да се укине членот 8 од наведената Методологија и од сега па понатаму употребата на овој член од Методологијата во актуелните тарифници за сите врсти на потрошувачи, односно да се вратела дневната евтина тарифа за сите потрошувачи на електрична енергија.

Меѓутоа, на воведувањето на новата Методологија од 2012 година биле претходени неколку активности на Регулаторната комисија за енергетика кои претставувале подготовка за конечен удар врз граѓаните. Во 2008 година Регулаторната комисија за енергетика дозволувала операторот да ги замени сите броила со нови кои ќе биле сопственост на операторот т.е. во нашиов случај на ЕВН. Со регулативата со која се овозможувала ваква замена на броилата, Регулаторната комисија за енергетика подметнувала и забрана на избор на граѓанинот на тарифен модел на мерење на потрошената електрична енергија (еднотарифно мерење или двотарифно). Односно од 2008 година па наваму граѓанинот немал право на избор на тарифен модел, а претходно до 2008 година го имал тоа право.

Подносителот наведува дека Регулаторната комисија е свесна дека укинувањето на дневната тарифа без намалување на процентот за ангажирана моќност (33,33%) било само по себе противуставно. Исто така била противуставна и забраната за избор на тарифен модел (еднотарифен или двотарифен).

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да биде укината.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 8 став 1 од Методологијата за пресметка на цените на пресметковните елементи по кои производителот на електрична енергија ја испорачува електричната енергија на снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи и снабдувачот во краен случај со електрична енергија се наведува дека според времето на испорака на електрична енергија во текот на денот се утврдуваат следниве цени на електрична енергија: 1) цени на активна електрична енергија за време на високи дневни оптоварувања на електроенергетскиот систем, и 2) цени на активна електрична енергија за време на ниски дневни оптоварувања на електроенергетскиот систем

Во ставот 2 од Методологијата, време на високи дневни оптоварувања е периодот од 07:00 до 22:00 часот, за секој ден освен недела.

Според ставот 3 од Методологијата, време на ниски дневни оптоварувања е периодот од 22:00 до 07:00 часот наредниот ден, за секој ден освен недела.

Во ставот 4 е определено дека време на ниски дневни оптоварувања е периодот од 00:00 до 24:00 часот во недела.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на Законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на седницата одржана на 30.06.2014 година ја донесе Одлуката за престанување на важење на Методологијата за пресметка на цените на пресметковните елементи по кои производителот на електричната енергија ја испорачува електричната енергија на снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи и снабдувачот во краен случај со електрична енергија.

Според членот 1 од оваа одлука, престанува да важи Методологијата за пресметка на цените на пресметковните елементи по кои производителот на електричната енергија ја испорачува електричната енергија на снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи и снабдувачот во краен случај со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012 и 91/2013).

Според членот 2 од истата одлука, правните акти и дејствијата донесени и преземени согласно со Методологијата Методологијата за пресметка на цените на пресметковните елементи по кои производителот на електричната енергија ја испорачува електричната енергија на снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи и снабдувачот во краен случај со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012 и 91/2013), престануваат да произведуваат правни последици.

Со оглед на тоа што оспорената методологија престанала да важи и истата повеќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.151/2016
16 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски