У.бр.151/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за утврдување бесправен објект за кој не може да се изврши вклопување на објектот во урбанистичко-планска документација во ДУП за локалитетот „Црква УЕ Б“ (КП 762/4 и 762/22), бр.07-192/14 од 10.06.2014 година, донесена од советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.13 од 10.06.2014 година).

2. Ајдуван Мамудов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била незаконита, односно не била во согласност со Законот за локална самоуправа, како системски закон, од причина што согласно член 36 точка 15 од истиот, советот на општината немал надлежност да решава по наведената управна работа. Според подносителот, постапувањето со бесправно изградени објекти било дозволено само согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Правилникот за стандарди за вклопување на бесправни објекти во урбанистичко планска документација. Советот на општината немал законска можност и надлежност да одлучува за вклопување на бесправно изградени објекти согласно одредбите на Правилникот за стандардите за вклопување на беспрвни објекти во урбанистичко-планска документација. Советот на општината немал надлежност да донесува општ акт со кој ќе се впушти во решавање на правна работа за која постоел специјален закон со одредби каде што надлежност на советот не била предвидена.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине како незаконита.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за утврдување бесправен објект за кој не може да се изврши вклопување на објектот во урбанистичко-планска документација во ДУП за локалитетот „Црква УЕ Б“ (КП 762/4 и 762/22), донесена од советот на општина Аеродром на 20-та седница одржана на 09.06.2014 година, има два члена.

Според член 1 од Одлуката, во врска со поднесеното барање за утврдување на правен статус на бесправен објект (објект број 1 и објект број 2), број 23-4889/1 од 27.06.2011 година, а кое се однесува на објекти кои лежат на КП 762/4 и 762/22 КО Кисела Вода 2, советот на општина Аеродром констатира дека не може да се изврши вклопување на бесправно изградените објекти во урбанистичко-планска документација за локалитетот „Црква УЕ Б“, согласно со одредбите на Правилникот за стандарди за вклопување на бесправни објекти во урбанистичко планска документација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 56/2011, 162/2012 и 95/2013).

Според член 2 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Оспорената одлука е донесена од страна на советот на општина Аеродром, во врска со конкретно поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти кои лежат на точно наведени катастарски парцели.

Од содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа претставува поединечен акт со кој советот на општина Аеродром констатира дека конкретното поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправни објекти не може да се прифати со оглед дека не може да се изврши нивно вклопување во урбанистичко планската документација за локалитетот „Црква УЕ Б“, а не претставува пропис со кој на општ начин се уредуваат односи или се утврдуваат права и обврски кон неопределен број субјекти. Оттука, произлегува дека оспорената одлука не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен, конкретен акт, поради што Судот не е надлежен да ја оценува нејзината законитост и дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.151/2014
10 декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева