У.бр.151/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13, член 17, член 21, член 25 и член 125 став 1 и став 2 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (‘’Службен весник на Република Македонија’’ бр.42/02)
2. СЕ ОТФРЛА:
а) барањето: Судот, до донесување на конечна одлука да го сопре изборниот процес на парламентарните избори за 2002 година.
б) барањето за оценувањето уставноста и законитоста на постапката за избор на граѓанинот Фазли Велиу за пратеник во Собранието на Република Македонија.
3. Движењето за обнова на Македонија, Партијата на пензионерите на Република Македонија, Граѓанската алијанса на Македонија и Републиканската партија на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.
4. Според наводите во иницијативата во определувањето на поимите ‘’политички партии во опозиција’’ и политички партии на власт’’ противуставно било внесено мерилото ’’кои на последните избори за пратеници добиле најмногу гласови на пропорционалната листа’’. Во ова неуставно мерило било дополнително вметнато уште едно временско мерило: ‘’13 мај 2001 година’’ со што се спојувале две различни состојби, една, во ставот 2, што се однесувала за политичките партии во опозиција и втората, во ставот 4 што се однесувала за политичките партии што се на власт.
Со ваквата законска формулација се повредувало уставното начело за еднаквоста. Имено четири политички партии се фаворизирале, затоа што од нив се избирале целосните состави на изборните органи. Со тоа, останатите политички субјекти, во изборниот процес, биле ставени во нееднаква положба.
Како последица на ваквото законско регулирање, доаѓало до фактичко непостоење на елемнтарни претпоставки за спроведување на изборите во изборните единици 6 и 2.
Исто така, во иницијативата се наведува дека било прекршено и општото начело на избирачко право во случајот на граѓанинот Фазли Велиу, кој бил предложен за кандидат за пратеник во Собранието на Репуиблика Македонија, независно од тоа што немал активно избирачко право поради немање постојано живеалиште на територијата на Република Македонија.
Според подносителите на иницијативата, постоела и несогласност меѓу Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија и Законот за избирачкиот список.
Едновремено,со иницијативата се бара Судот, до конечно усогласување на овие два закона, да го запре изборниот процес на парламентарните избори 2002 година.
5. Судот на Седницата утврди дека со членовите 13, 17, 21 и 25 од Законот се уредува начинот на формирањето на Државната комисија; начинот на именување на претседател и негов заменик на регионалната комисија; начинот на именување на претседател и заменик на општинската изборна комисија и начинот на формирањето на избирачкиот список.
Со одредбите од членот 125 став 2 и став 4 од Законот се појаснува кои политички партии се на власт.
6. Согласно член 20 став1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Во ставот 2 на овој член од Уставот е предвидено граѓаните да можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии.
Според ставот 3 на овој член од Уставот програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и кон поттикнување на воениа агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Со ставот 4 на овој член од Уставот се забрануваат воени или полувени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.
Понатаму, согласно член 22 став 1 од Уставот секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.
Избирачкото право, согласно ставот 2 на овој член од Уставот е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Според ставот 3 на овој член од Уставот, избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.
Како што се гледа од наведените одредби, Уставот им го гарантира правото на граѓаните на здружување во политички партии.
Притоа, ваквото здружување го условува со тоа што нивните програми не смеат да бидат насочени кон уривање на уставниот поредок на Републиката.
Уставот предвидува и забрана во смисла што не дозволува воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.
Други ограничувања во поглед на слободата на здружувањето на граѓаните, Уставот не познава.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (членовите 13, 17, 21, 25) не се однесуваат на на ограничување или повреда на правото на здружување на граѓаните, туку го уредуваат начинот на формирањето на Државната изборна комисија; начинот на именување на претседател и негов заменик на регионалната комисија; начинот на именување на претседател и заменик на општинската изборна комисија; начинот на формирањето на избирачкиот одбор.
Имено, според Судот, овие оспорени одредби се, еден вид, одредби од техничка природа во контекст на останатите одредби од Законот.
Во овој контекст Судот ги имаше предвид и одредбите од членот 125 од Законот кои се поместени во главата на ‘’преодните и завршните одредби’’ и со кои всушност се појаснува кои политички партии се во опозиција(став 2) и кои политички партии се на власт (став 4).
Во случајов, Судот оцени дека, тие имаат цел да ги разрешат евентуалните проблеми во применувањето на Законот.
Инаку, што се однесува до наводите во иницијативата дека со нив се повредувал членот 22 став 2 од Уставот, кој зборува за карактерот на избирачкото право, Судот оцени дека истите не стојат од причина што овој член од Уставот го регулира индивидуалното избирачко право што го стекнува секој граѓанин со наполнети 18 години и начинот на неговото оставрување (на слободни избори со тајно гласање).
Имено, според Судот, ова право не може да се доведува во корелација со дефинициите на партиите во опозиција и партиите на власт.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.
7. Што се однесува до барањето, Судот да го сопре изборниот процес на парламентарните избори за 2002 година, додека меѓусебно не се усогласат Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија и Законот за избирачки список, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите.
Инаку, имајќи ја предвид одредбата од членот 27 од Деловникот според која Судот може да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот акт, Судот оцени дека, во конкретниов случај не постои ниту теоретска шанса за изрекување на ваква метка од причина што иницијативата е поднесена по завршувањто на изборниот процес на парламентарните избори за 2002 година.
8. Што се однесува до прашањњето дали граѓанинот Фазли Велиу бил предложен за кандидат за пратеник во Собранието на Република Македонија, независно од тоа што немал активно избирачко право, Судот оцени дека тоа прашање спаѓа во надлежноста на редовните судови, односно дека истото излегува од доменот на надлежноста на овој Суд.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стој мен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.

У. бр. 151/2002
5 март 2003 год.
Скопје
дб

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов