151/2000-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 февруари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 6, 8 и 15 од Одлуката за утврдување на надоместокот за употреба на градежно земјиште на подрачјето на Општина Зрновци, донесена од советот на Општина Зрновци на 7 мај 1997 година (“Службен гласник на Општина Зрновци” бр.4/97).
2. СЕ ОТФРЛА барањето од иницијативата за утврдување на веродостојноста на “Службен гласник на Општина “Зрновци” бр.4/97).
3. Земјоделската задруга “Зрновка” Ц.О од село Зрновци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Уставот на Република Македонија затоа што стапила во сила со денот на донесувањето, а не по објавувањаето во службеното гласило на Општината. Во иницијативата е изнесено тврдење дека оспорената одлука не била објавена во Службениот гласник на Општина Зрновци, туку во управната постапка се означувал друг службен гласник што укажувало дека “Службениот гласник на Општина Зрновци” бр.4 во кој била објавена е само компјутерска обработка, односно не бил веродостоен.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се утврдува и пропишува обврска за плаќање надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на Општина Зрновци за непосредните корисници на таквото земјиште, односно за носителите на правото на користење на недвижност, сопствениците на недвижностите и за носителите на станарското право.
Во членот 3 е утврдена намената на средствата од употребата на градежното земјиште и тоа: за финансирање на изградба и одржување на комунални објекти и за уредување на градежното земјиште согласно однапред донесена програма.
Според членот 4 од оспорената одлука обврзници на надоместокот се и правни и физички лица носители на правото на користење односно сопственици на згради односно дел од згради, а во членот 5 е определен кругот на субјектите што се ослободени од плаќање надоместок за употреба на градежното земјиште.
Според член 6 од Одлуката надоместокот за употреба на градежното земјиште се плаќа месечно и тоа по 40 денари од куќа, а во членот 8 е утврдена висината и начинот на плаќање на надоместокот за изграден нето корисен простор – дуќан и изнесува:
а) до 30 м2 корисна површина по 6 денари од м2 и за секој нареден метар квадратен од 30 до 100 м2 50% од цената под “а”, од 100 до 200 м2 35% од цената под “а”, над 200 м2 25% од цената под “а”.
б) за изграден нето корисен деловен простор, административен или производствен по 2,4 денари од м2 месечно, а за дворно место 3,5 по м2 месечно.
Надоместокот утврден во членот 6 (по куќа) ќе го напатува КЈП ” Водовод” – Кочани со сметката за вода, а наплатата на надоместокот за деловен простор ќе го врши Управата за јавни приходи при подрачната единица на Министерството за финансии Кочани.
И според член 15 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Зрновци”.
5. Согласно член 52 став 1 Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Со оглед на тоа што според членот 15 од Одлуката е предвидено дека влегува во сила со денот на донесувањето, односно пред нејзиното објавување, според наше мислење може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со членот 52 став 1 од Уставот.Меѓутоа, според мислењето на Судот од значење за уставноста и законитоста на оспорената одлука е одредбата на членот 6 и членот 8. Имено, според член 6 од оспорената одлука, надоместокот за употреба на градежно земјиште и надоместок за употреба на изградено градежно земјиште ќе се плаќ?а месечно и тоа по 40 денари од куќа.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 44 став 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89, 21/91, 71/96 и 19/99) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Надоместокот за употреба на градежното земјиште, според членот 45 од Законот, се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор, а според член 48 од овој закон, висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населбата или населеното место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталции, рационалност на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште).
Од наведените законски одредби произлегува дека општината при утврдувањето на висината на надоместок за употреба на градежно земјиште мора да ја има предвид зоната на земјиштето, како и погодностите што ги дава земјиштето на корисникот и во зависност од зонирањето на градежното земјиште и погодносите што ги дава, пред се од степенот на опременост на комуналната инфраструктура, да ја определи висината на надоместокот. Исто така, висината на надоместокот зависи дали тој надоместок се однесува на користен станбен, деловен и друг јавен користен простор или на градежно земјиште што е под објектот и што служи за редовна употреба на објектот (дворно место, паркинг и сл.). Според тоа, Законот недвосмислено ги воспоставил критериумите од што зависи висината на надоместокот, како и дека тој се плаќа по единица површина, и тоа посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор. Потребата, пак, од пропишување на различна висина на надоместок за употреба на користен изграден простор, односно за градежното земјиште, несомнено произлегува од различноста на употребната вредност што ја има корисниот простор кој служи за становање, вршење на деловни работи и сл., за разлика од градежното земјиште што служи за редовна употреба на објектот. Меѓутоа, доносителот на оспорената одлука не ги имал предвид со Законот воспоставените критериуми за определување висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште кога во членот 6 определил дека и надоместокот за користен изграден простор и за градежното земјиште што служи за редовна употреба на објектот да се плаќа месечно по 40 денари од куќа.
Исто така, доносителот не ги имал предвид воспоставените критериуми кога во членот 8 од Одлуката ја определил висината на надоместокот за нето користен простор – дуќан (под “а”) и за изграден него користен деловен простор, административен и производствен. Со други зборови кога за висината на надоместокот воспоставил не само различни критериуми од оние кои важат и за граѓаните, туку се раководел од дејноста дали е во прашање дуќан, друг деловен простор или административен односно производствен.
Со оглед на тоа што висината на надоместокот во членот 6 од Одлуката е определена по куќа (паушално) и со оглед на тоа што како основ за определување на висината на надоместокот во членот 8 е предвиден критериумот деловен, административен или производствен простор, односно висината на надоместокот се определува во зависност од дејноста што ја врши корисникот на градежното земјиште, пред Судот основано се поставува прашањето за нивната согласност со член 33 од Уставот и со член 45 од Законот за градежното земјиште за што по сопствена иницијатива одлучи да поведе постапка и за овие одредби.
6. Во поглед на другите прашања што се покренуваат во иницијативата Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и суди ите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Милан Недков, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.151/2000
28 февруари 2001 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов