150/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

Член 18 став 2 и став 5; член 24 став 3; член 68 став 5; член 77 став 6, во деловите што гласат: “не е дозволена жалба”; член 83 став 3, во делот што гласи: “не го задржува извршувањето на решението”; член 90 став 3; член 97 став 4; член 99; член 100 став 4; член 103 став 1; член 104 став 2; член 105 став 3; член 111; член 159 став 6; член 160 став 5 и став 6, во деловите што гласат; “не е дозволена жалба”; член 175 став 8; член 192 став 3; член 233 став 3; член 234 став 3, во деловите што гласат: “жалбата против ова решение не го задржува извршувањето на решението; член 239 став 5, член 247; член 260 став 6; член 263 став 2; член 285 став 3; член 286 став 3; член 294 став 2; член 296 став 5; член 303 став 5; член 405 став 3; член 414 став 3; член 420 став 2; член 446 став 4 и член 467 став 2, во деловите што гласат; “против оваа одлука на претседателот на советот не е дозволена жалба”, од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/97).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата означените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, со член 15 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија затоа што со нив се исклучувало правото на жалба како едно од слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани во Уставот и дека жалбата против определена одлука на суд не го задржува извршувањето на решението.

3. На седницата Судот утврди дека според член 18 од Законот, кога судскиот совет во текот на постапката или
претседателот на советот на подготвителното рочиште, по службена должност или по повод приговорите од странките, ќе утврди дека се работи за спор што треба да го суди судија поединец на истиот суд, постапката по правосилноста на ова решение ќе продолжи пред судијата поединец и тоа по можност пред претседателот на овој совет како судија поединец. Судијата поединец е врзан за правосилната одлука со која предметот му се отстапува во надлежност.

Во случај од ставот 1 на овој член советот може, според состојбата на постапката, да одлучи предметот да не му го отстапи на судија поединец, туку тој сам да ја спроведе постапката. Против оваа одлука на советот не е дозволена жалба.

Одредбите на ставовите 1 и 2 од овој член ќе се применуваат и кога во текот на постапката пред советот ќе се променат околностите или тужителот ќе го намали тужбеното барање, така што спорот би требало да го суди судија поединец.

Ако советот донел одлука за спор што требало да го суди судија поединец, оваа одлука не може да се побива поради тоа што одлуката за спорот не ја донел судија поединец.

Кога судијата поединец во текот на постапката, по службена должност или по повод приговорите од странките ќе најде дека за судење е надлежен советот на истиот суд, постапката ќе продолжи пред советот. Против ова решение на судијата поединец не е дозволена жалба.

Според член 24 став 3 од Законот против решението со кое се одлучува за судирот на надлежноста, не е дозволена жалба.

Според член 68 став 5 од Законот, против решението со кое се усвојува барањето за изземање не е дозволена жалба, а против решението со кое барањето се одбива не е дозволена посебна жалба.

Според член 77 став 6 од Законот против решението со кое се наредуваат мерки за отстранување на недостатоците не е дозволена жалба (се мисли на недостатокот во тужбата ако лицето не може да биде странка во постапката или ако странката нема законски застапник или законскиот застапник нема посебно овластување).

Во ставот 3 на член 83 од Законот е предвидено дека жалбата против решението за оневозможување на застапувањето
не го задржува извршувањето, а според ставот 3 на членот 90 ако се посомнева во вистинитоста на писменото полномошно, судот со решение може да определи да се поднесе заверено полномошно. Против ова решение не е дозволена жалба.

Според член 100 од Законот, ако роковите не се определени со закон, ги определува судот со оглед на околностите на случајот, а според оспорениот став 4 на овој член, против решението за продолжување на рокот не е дозволена жалба.

Во членот 103 став 1 е предвидено дека рочиштето го определува судот кога тоа е пропишано со закон или кога тоа го бараат потребите на постапката. Против решението за определување на рочиштето не е дозволена жалба, Судот може да одлучи рочиштето да се одржи надвор од судската зграда кога ке најде дека тоа е нужно или дека на тој начин ке се заштеди во време или во трошоците на постапката. Против ова решение не е дозволена жалба. Според член 105 став 3 против решението за одлагање на рочиштето не е дозволена жалба.

Според член 111 против решението со кое се усвојува предлогот за враќање во поранешна состојба не е дозволена жалба освен ако предлогот е усвоен спротивно на член 108 од овој закон или ако предлогот е поднесен ненавремено.

Во ставот 1 на член 159 е предвидено дека Одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката ја донесува првостепениот суд на предлог на странката, а според оспорениот став 6 на овој член против решението на судот со кое се усвојува предлогот на странката не е дозволена жалба.

Според член 160 став 5 назначениот полномошник може од оправдани причини да бара да биде разрешен. За тоа одлучува надвор од главната расправа претседателот на советот, а на расправата советот. Против одлуката на судот со која се разрешува полномошникот не е дозволена жалба, а според ставот 6 од овој член против решението на судот со кое се усвојува барањето на странката за назначување на полномошникот не е дозволена жалба.

Во членот 175 став 8 е предвидено дека против решението со кое се усвојува преиначувањето на тужбата не е дозволена посебна жалба, а според член 192 став 3 против одлуката на судот со која се прифаќа учеството на замешувачот не е дозволена посебна жалба.

Според член 203 жалбата против решението со кое се утврдува (член 197 – кога постапката се прекинува) или се определува (член 198 – случаи кога судот определува прекин на постапката) прекин на постапката, како и против решението со кое се утврдува мирувањето на постапката (член 201), не го задржува извршувањето на решението, а во неговиот став 2 е предвидено дека ако судот на рочиштето го одбил предлогот за прекин на постапката и одлучил постапката веднаш да продолжи, против тоа решение не е дозволена посебна жалба.

Според член 209 став 5 од Законот против решението на судот со кое изведувањето на доказите му се доверува на претседателот на советот или на замолениот судија не е дозволена посебна жалба, а во членот 218 став 6 против одлуката на судот од ставот 1 на овој член (кога едната странка се повикува на исправа и тврди дека таа се наоѓа кај другата странка, судот оваа странка ќе ја повика да ја поднесе исправата оставајки и за тоа определен рок) не е дозволена посебна жалба.

Според член 225 став 2 од Законот против решението на судот од ставот 1 на овој член (оправданоста на причините за одбивање на сведочење или давање одговор на одделни прашања ја оценува судот пред кој сведокот треба да сведочи. Ако е потребно предходно за тоа ке се сослушаат странките), странките немаат право на посебна жалба, а сведокот може ова решение да го побива во жалбата против решението за парична казна или затвор поради тоа што одбил да сведочи или не дал одговор на одделно прашање, а според член 233 став 3 жалбата против решението за паричната казна или за затвор не го задржува извршувањето на решението, освен ако во таа жалба се побива и одлуката на судот со која не се усвоени причините на сведокот за одбивање да сведочи или да даде одговор на одделно прашање.

Во членот 234 став 3 од Законот е предвидено дека во решението со кое се одмеруваат трошоците на сведокот, судот ќе одреди определениот износ да се исплати од положениот аванс, а ако аванс не е положен, ке и наложи на странката определениот износ да му го плати на сведокот во рок од осум дена. Жалбата против ова решение не го задржува извршувањето на решението.

Според член 239 став 5 од Законот против решението со кое се усвојува барањето за изземање не е дозволена жалба, а против решението со кое барањето се одбива не е дозволена посебна жалба.

Во членот 247 од Законот против решението на судот од членовите 236 (вештачењето го вршат вештаци што ги определува парничниот суд), 237 (кој го врши вештачењето) и член 246 (кога се определени повеке вештаци) на овој закон не е дозволена жалба.

Според член 260 став 6 од Законот против решението на судот со кое се усвојува предлогот за обезбедување на докази, како и против решението со кое се одлучува изведувањето на докази да започне пред да се достави решението до противникот, не е дозволена жалба.

Во членот 263 став 2 од Законот е предвидено дека против одлуките што ги донесува претседателот на советот во текот на подготвувањето на главната расправа а кои се однесуваат на управувањето со постапката, не е дозволена жалба.

Според член 285 став 3 од Законот против решението со кое се определува или се одбива изведувањето на доказите не е дозволена посебна жалба.

Според член 286 став 3 од Законот против решението со кое се одбиваат приговорите на странките не е дозволена посебна жалба, ако советот одлучил веднаш да се продолжи расправањето за главната работа.

Според член 294 став 2 од Законот против решението за исклучување на јавноста не е дозволена посебна жалба, а според неговиот член 296 став 5, против решението што се однесува на раководењето со расправата не е дозволена посебна жалба.

Во членот 303 став 5 од Законот е предвидено дека жалбата против решението за паричната казна или за отстранувањето од судницата не го задржува извршувањето на решението.

Против решението на судот од ставовите 1 и 2 на член 405 од Законот не е дозволена жалба, а според неговиот член 414 став 3 од важни причини судот може да одлучи жалбата да не го задржува извршувањето на решението. Исто така, според член 420 став 2 од важни причини судот може да одлучи жалбата да не го задржува извршувањето на решението.

Според член 446 став 3 од Законот, за назначување на судија, односно на претседател на избраниот суд е надлежен
судот кој за спорот бил надлежен во прв степен да не е склучен договор за избраниот суд, а според неговиот став 4, против решението на судот не е дозволена жалба.

И на крајот, според член 467 став 2 во итни случаи претседателот на советот може веднаш по предходно испитување на тужбата да закаже подготвително рочите или рочиште за главна расправа. Против оваа одлука на претседателот на советот не е дозволена жалба.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 15 од уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, а во членот 50 став 1, исто од Уставот, е предвидено дека секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во членот 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 2 на овој член, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Од наведените уставни одредби произлегува дека посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставува правото на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите, правото на еднаква заштита на слободите и правата на граѓанинот пред судовите што подразбира дека граѓаните се рамноправни во изнесувањето на фактите и доказите пред судовите. Користејки го ова право, граѓаните не само што имаат можност да ги заштитат своите права и интереси, туку преку правото на жалба се постигнува и отстранување на незаконитостите во работењето на судовите, со што се придонесува за јакнење на законитоста. Оттука, правото на жалба ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и справедлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок суд со што се прокламира и двостепеност во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси. Посебното значење на жалбата е изразено и во нејзиното суспензивно дејство, кое може да се исклучи само со закон во посебни случаи. Ваквото, пак, дејство на жалбата спречува настапување на последици што тешко можат да се отстранат во случаи кога жалбата е уважена.

Поаѓајки од ваквото сваќање на жалбата, а со цел да се одговори на наводите во иницијативата Судот смета дека треба да се имаат предвид и одредбите од Законот за парничната постапка за видовите на одлуките што ги донесува судот. Имено, согласно член 310 од овој закон, со пресуда судот одлучува за барањето кое се однесува на главниот предмет и на споредните барања, а според членот 334, исто од овој закон, против пресуда донесена во прв степен странките можат да изјават жалба. Според ставот 2 од овој член, навремено изјавена жалба спречува пресудата да стане правосилна, а според ставот 3, за жалбата против пресудата одлучува второстепениот суд. Според тоа жалбата изјавена против пресудата има деволутивно и суспензивно дејство, за разлика од жалбата против решение на суд нема секогаш такво дејство, бидејки во некои случаи изрично со законот е определено дека жалбата не го задржува извршувањето на решението.

Во член 364 од Законот е предвидено дека против решението на првостепениот суд е дозволена жалба, ако во овој закон не е определено дека жалба не е дозволена, а според ставот 2, ако во овој закон изрично определува дека посебна жалба не е дозволена, решението на првостепениот суд може да се побива само во жалбата против конечната одлука.

Од означената одредба произлегува дека постојат три видови на решенија на првостепениот суд – решенија против кои е дозволена жалба; решенија против кои не е дозволена посебна жалба и решенија против кои не е дозволена жалба.

Во првата група, спаѓаат решенијата на судот со кои завршува постапката пред првостепениот суд. Против овие решенија, по правило, е дозволена жалба (решенија со кои се отфрлува тужбата поради пресудена работа, поради тоа што веќе тече парница, ако за иста работа е склучено судско порамнување, поради тоа што не постои способност да се биде странка, во постапката, поради отфрлање на поднесок ако не е извршена исправка во определен рок и друго).

Втората група ја сочинуваат решенијата за кои со Законот е пропишано дека не е дозволена посебна жалба, тоа се решенијата кои се однесуваат на управување со постапката, (и предметот на оспорување) но, за да може целосно да се испита нивната законитост и затоа што можат да бидат од влијание на одлуката за главната работа Законот пропишува дека посебна жалба не е дозволена, со цел да се спречат злоупотребите од учесниците во постапката и одолговлечувањето на постапката, а жалба може да се изјави во жалбата по конечната одлука. Такви решенија се содржани во оспорените одредби од член 68 став 5, член 239 став 5 со кое се одбива барањето за изземање на судија или судија-поротник, односно вештак; член 175 став 8 со кое се усвојува преиначувањето на тужба; член 192 став 3, со кое се предвидува учество на замешувачот; член 203 став 2, со кое се одбива прекин на постапката; член 209 став 5, со кое му се доверува на претседателот на советот или на замолениот судија и изведување на определени докази; член 218 став 6 со кое се наложува поднесување на исправа во доказната постапка; член 225 став 2, за оправданоста за одбивање на сведочење, односно давањето одговор на одделни прашања; член 285 став 3 за изведување на докази; член 286 став 3 ако се одбива приговорот на странките дека тужбеното барање не спаѓа во судска надлежност, член 294 став 2, за исклучување на јавноста; член 296 став 5, кои се однесуваат на раководењето со главната расправа; член 401 став 4 (не е оспорен со иницијативата но содржи вакво решение), за повторување на постапката.

Анализирајки ги оспорените одредби во целина, како и нивните оспорени делови, судот донесува ваков вид на решенија и тие се однесуваат на управувањето и раководењето на постапката, но како што е наведено од причини што можат да влијаат на одлуката за главната работа, граѓаните го остваруваат правото на жалба со жалбата против конечната одлука. Според тоа овој вид решенија не го исклучува правото на жалба односно не го повредуваат уставното право на жалба и не може да се постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни одредби.

Третата група ја сочинуваат решенија против кои воопшто не е дозволена жалба и тоа се решенија кои главно се однесуваат на управувањето на постапката, а по кои ако не се постапи по нив, судот може да донесе и друго решение со кое не се завршува првостепената постапка, односно решенија донесени од повисокиот суд, а се однесуваат на постапката на понискиот суд. Такви се решенијата од оспорените членови: член 18 став 2 и 5, за составот на судот; член 24 став 3 за судирот на надлежноста меѓу судовите; член 68 став 5, со кое се усвојува барањето за изземање на судија или судија поротник, односно вештак, член 77 став 6, решенија за отстранување на недостапност да се биде странка во постапката, законското застапување и посебното овластување на законскиот застапник; член 90 став 3, за поднесување на заверено полномошно; член 97 став 4, за поднесување на исправа во оригинал или препис; член 100став 4 за продолжување на рок; член 104 став 2, кога судот ке најде дека рочиштето може да се одржи надвор од судската зграда; член 105 став 3, член 299 став 2 (не е оспорен), за одлагање на рочиште и за одбивање на предлог да се одложи рочиштето; член 111, за усвојување на предлог за враќање во поранешна состојба; член 159 став 6, за ослободување од плаќање на трошоци во постапката; член 160 став 5 и 6, за назначување на полномошник на странка која е ослободена од плаќање на трошоци во постапката; член 232 став 2, за заколнување на сведоци; член 236, 237, 246, 247, за назначување на вештаци, член 260 став 6 (членовите 232, 236, 237, 246 не се оспорени), член 263 став 2, одлуките на претседателот на советот во текот на подготвувањето на главната расправа, а кои се однесуваат на управувањето на постапката; член 405 став 3, решенија на претседателот на советот на првостепениот суд; член 420 став 2 – решение на судот со кое не се усвојува предлогот за издавање платен налог.

Од анализата на означените одредби во целост несомнено произлегува дека со решение судот односно претседателот на советот или судијата поединец, одлучува за управување со постапката, а не и за главната работа. Ако се има предвид дека постапката пред судот се уредува со закон, трогаш судот е обврзан само со законот што ја уредува постапката, а не и со барањата на странките во врска со управувањето во постапката. Оттука во согласност со Уставот се и законските решенија, во случаите кога се исклучува правото на жалба, а се однесуваат само на раководењето, односно управувањето со постапката. Ако се има предвид дека уставната гаранција за правото на жалба содржана во член 15 од Уставот е поместена во главата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, односно Уставот третирајки го правото на жалба како граѓански и политички слободи и права, тогаш не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените, а и на другите означени одредби во решението, затоа што го исклучуваат правото на жалба на граѓанинот. Имено, како што е наведено со овој вид на решенија судот управува со постапката, која несомнено е во интерес на граѓанинот но не одлучува за неговото право, односно за негови права и слободи за што Уставот му гарантира право на жалба. За неговите права и слободи судот одлучува со поединечниот акт донесен во постапка во прв степен. Поради тоа Судот смета дека оспорените одредби од Законот за парничната постапка не ги повредуваат правото на жалба и другите права и уставни принципи како што се владеењето на правото, судската заштита и за ограничување на слободите и правата.

Во поглед на одредбата од член 420 став 2 според која не е дозволена жалба на решението на судот со кое не се усвојува предлогот за издавање на платен налог. Судот смета дека во овој случај нема одлука на суд, затоа што во ваквите случаи судот ја продолжува постапката по тужба во која граѓанинот може да го оствари правото на жалба.

Судот при одлучувањето посебно ги елаборира оспорените одредби од Законот за парничната постапка содржани: во член 83 став 3 – жалбата против решението за оневозможување на застапувањето не го задржува извршувањето на решението; член 203 став 1 – жалбата против решението со кое се утврдува (член 197) или се определува (член 198) прекин на постапката, како и против решението со кое се утврдува мирувањето на постапката (член 201), не го задржува извршувањето на решението; член 233 став 3 – жалбата против решението за паричната казна или затвор не го задржува извршувањето на решението (освен ако не се усвоени причините на сведокот за одбивање да сведочи или да даде одговор на одделно прашање); член 234 став 3 – жалбата против решението со кое се одмеруваат трошоците на сведокот и да се платат од определениот аванс, не го задржува извршувањето на решението; член 303 став 5 – жалбата против решението за паричната казна или за отстранување од судницата не го задржува извршувањето на решението; член 414 став 3 – од важни причини судот може да одлучи жалбата да не го задржува извршувањето на решението – спротивно на ова, ставот 2 од овој член, предвидува рокот за жалба да изнесува 8 дена. Инаку, во последниов случај е во прашање постапка поради смеќавање на посед, во која со решение судот одлучува и за главната работа.

Од анализата на овие оспорени одредби произлегува дека законодавецот предвидел жалбата да не го одлага извршувањето на решението. Во поглед на ваквото дејство на овој вид судски решенија Судот смета дека гарантирајќи го правото на жалба, Уставот не ги утврдува елементите и својствата на жалбата, а исто така не уредува ни едно прашање од значење за остварување на ова право, како што се на пример прашањата во врска со тоа кој орган одлучува по жалбата, во кој рок и под кои услови може да се изјави жалбата, какво дејство има жалбата во однос на актот против кој е изјавена и сл.

Судот смета дека Уставот со неуредување на ниедно од горенаведените прашања истите ги предоставил на законско уредување, па оттука е и право на законодавецот сите овие прашања, а во тие рамки и правното дејство на жалбата, да ги уреди со закон.

Во врска со дејството на жалбата во однос на решението против кое е изјавена, во законите со кои се уредуваат правилата на постапување на органите и организациите или институциите кои решаваат за правата, обврските или правните интереси на граѓаните и правните лица, како правило е прифатено начелото на суспензивното или одложното дејство на жалбата. Меѓутоа, во нашето законодавство, а и во законодавствата на други земји, од начелото на суспензивното дејство на жалбата постојат исклучоци. Такви исклучоци, освен во оспорените одредби од Законот за за парничната постапка, се предвидени и во други закони со кои се уредуваат постапките пред судовите и органите на државната управа.

Според мислењето на Судот, уставно гарантираното право на жалба не значи и забрана на законодавецот во определени случаи да предвиди исклучок од начелото на суспензивното дејство на жалбата и тоа особено во оние случаи кога ќе оцени дека поради одлагањето на извршувањето на решението на некоја од странките би се предизвикала штета што не би можела да се поправи односно надомести, во случаи кога се работи за презмање итни мерки од јавен интерес што не можат да се одлагаат, во случаи кога поради одлагање на извршувањето на решението би можело да дојде до повреда или загрозување на со Устав загарантираните права и слободи на другите граѓани.

Имајќи го предвид наведеното, како и посебната природа и карактерот на дејствијата што ги презема судот во текот на постапката, Судот оцени дека прашањето за согласноста на оспорените одредби не само што не може да се постави во однос на членот 15 од Уставот, туку ова прашање не може да се постави ни во однос на одредбата на член 50 став 1 од Уставот, според која на секој граѓанин му се гарантира судска заштита на неговите слободи и права во случај кога тие се повредени или загрозени. Ова од причини што со оспорените одредби во суштина не се ограничува судската заштита на правата на граѓаните затоа што таа се остварува во постапка пред судовите, во постапка пропишана со Законот.

Во однос на наводите во иницијативата дека оспорените одредби, меѓу другото, не се во согласност и со член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека и во однос на овој член од Уставот не може да се постави прашањето за нивната согласност, со оглед дека со оспорените одредби не се ограничува ни едно од правата и слободите загарантирани со Уставот на Република Македонија.

Судот посебно ги елаборираше и оспорените одредби на член 446 став 4 и на член 467 став 2. Во иницијативата имено и овие одредби се оспоруваат од аспект на неможноста решението на судот да се напаѓа со жалба и при тоа утврди дека оспорената одредба на член 446 се однесува на избран суд. Не е спорно дека со Законот за парничната постапка во посебна глава (триесетта) се уредува постапката пред избраните судови чие седиште е во Репубвлика Македонија, но овој вид судови се надвор од единствениот судски систем на Република Македонија, во кој судската власт, согласно Уставот и Законот за судовите ја вршат основните, апелационите и Врховниот суд на Република Македонија. Оттука уставната гаранција за правото на жалба не може да се однесува на граѓаните кои договориле надлежност за определен вид на спорови, пред избран суд.

Оспорената одредба од член 467 став 2 од Законот, односно делот од оваа одредба го исклучува правото на жалба против одлука на претседателот на советот во постапката во стопанските спорови и тоа во случаи кога претседателот на советот може веднаш по предходно испитување на тужбата да закаже подготвително рочиште или рочиште за главна расправа, без да ја достави тужбата на тужениот на одговор. И во овој случај Судот смета дека е во прашање одлука на претседателот на советот донесена во рамките на неговото овластување да управува со постапката, односно решението се однесува за закажување на подготвително рочиште или рочиште за главна расправа, со решението не се одлучува за главната работа (тужбеното барање) и правото на жалба странката го остварува со одлуката на судот за главната работа), поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината уставност.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов, освен во делот на решението што се однесува за одредбата на член 233 став 3 од Законот за парничната постапка што го донесе со мнозинство гласови во истиот состав. (У.бр.150/98)