150/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 120 став 7 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/83, 29/89, 15/90, 11/91 и 40/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Лилјана Дамјановска од село Мислешево, Струга, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Притоа, во иницијативата не се наведува со која законска одредба или принцип од Уставот не е во согласност оспорената законска одредба, туку дека оспорената одредба од законот треба да се врише затоа што лицата што завршиле Филозофски факултет – педагошка група, според соодветниот наставен план не биле толку добро оспособени за извршување на одделенска настава како што биле оспособени лица со завршена педагошка академија – отсек одделенска настава.

3. На седницата Судот утврди дека со член 120 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование се утврдени условите под кои може да се остварува воспитно-образовната дејност во основните училишта. Притоа, со ставот 2 е утврдено дека наставници по одделенска настава (учители) можат да бидат лица кои завршиле педагошка академија, отсек одделенска настава, а во ставот 7 е определено дека наставници во одделенска настава (учители) можат да бидат и лица кои завршиле Филозофски факултет – педагошка група.

4. Според член 44 од Уставот на Република Македонија секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија може да донесува закони, меѓу другото, и за уредување на односи поврзани со остварувањето на правото на човекот и граѓанинот на основно образование. Во тие рамки со законот можат да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност со различен степен на ова образование, во смисла на утврдувањето на стручната подготовка на наставниците. Притоа, според мислењето на Судот, работа е на целесообразност кој степен и кој вид на образование ќе биде одреден за вршење воспитно-образовна дејност во одделенска настава односно дали за вршење на оваа дејност ќе биде опредлен само еден, или два и повеќе степени и видови на образование.

Од тие причини, Судот оцени дека нема основа за поставување на прашањето за уставноста на оспорената законска одредба и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.