Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија,член 71 и член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија„бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јануари 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Програма за дополнување на Програмата за изработување на урбанистички планови на општина Богданци бр.07-1634/8, донесена од Советот на општина Богданци на 17.09.2013 година („Службен гласник на општина Богданци“ бр.14/2013).
2. Анастасија Олумчева градоначалник на општина Богданци до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената програма не била во согласност со член 44 став 1 од Законот за локалната самоуправа од причина што една од советничките во Советот на општината била брачен другар на лицето кое има поднесено иницијатива за урбанизација на просторот кој е наведен во предлог-програмата што било спротивно на наведениот член од Законот за локалната самоуправа. Воедно, оспорената програма била спротивна и на член 5 став 2 од Законот за општата управна постапка според кој при водење на постапките и при решавањето, органите се должни на странките да им овозможат полесно да ги заштитат и остварат своите права водејќи при тоа сметка остварувањето на нивните права да не биде на штета на други странки ниту во спротивност со јавните интереси утврдени со закон. Во конкретниов случај според наводите на подносителот со промена на опфатот на локалната планска документација која е во постапка и која претходно е финансирана од друго лице се нарушувало правото на еден граѓанин за сметка на друг граѓанин.
Со оглед на тоа подносителот бара 1. поништување на оспорената програма, а до конечно одлучување, 2. да се стави надвор од сила извршувањето на наведената програма и поединечните акти или дејствија што се донесени односно преземени по истата.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 17 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012 и 55/2013) и член 25 став 1 точка 43 од Статутот на општина Богданци, Советот на општината на седницата одржана на 17 септември 2013 година донел Програма за дополнување на Програмата за изработување на урбанистички планови во општина Богданци за 2013 година
.
Според член 1 од оспорената програма во Програмата за изработување на урбанистички планови во општина Богданци за 2013 година („Службен гласник на општина Богданци бр.17/2012 и 9/2013) во делот II. Посебни одредби, Табела IV. Изработување на локална урбанистичко планска документација по точка 16-а се додава точка 16-б.
Направените измени се однесуваат за изработување на локална урбанистичка планска документација м.в.„Црквица“ КО Богданци на катарстарски парцели: 1751/1, 11760/1, 11760/2, 11751/2, 11763, 11762 и 11761 кои се во државна и приватна сопственост на површина од 1,5 ха за лесна индустрија финансирана од ВИ ВИ ПРОМ Богданци.
4.Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.
Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011,144/2012 и 55/2013).
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.
-урбанистички план за четврт
Според член 15-а став 1 од Законот, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел.
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од наведените уставни,законски и деловнички одредби наспрема наводите од иницијативата,Судот оцени дека истите се неосновани.
Ова од причини што прво подносителот на иницијативата само формално се повикува дека оспорената програма не била во согласност со Уставот на Република Македонија ,затоа што со неа се нарушувало правото на еден граѓанин за сметка на друг без притоа да наведе соодветни одредби од Уставот како и соодветни аргументи кои ја прават програмата несогласна со Уставот.
.
Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена со член 110 од Уставот,содржината на оспорената програма и уставно судска практика наспрема наводите во иницијативата,Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената програма, односно, Судот не може да се впушти во утврдување на факти дали член на совет на општина е во роднинска врска со инвеститорот, како и тоа дали некое право на претходниот инвеститор е повредено или не.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената Програма, поради што се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5 Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.148/2013
29 јануари 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
..