147/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 10-е став 2, член 11 и член 29 од Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија-пречистен текст, број 03-69/2 од 16.03.2013 година, член 28-а од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија, број 03-205/2 од 22.06.2013 година и член 10-а и 10-б од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија, број 03-224/2 од 19.07.2013 година, донесени од Извршниот одбор на Карате Федерацијата на Македонија.

2. Карате Клуб “МЕТАЛУРГ” – Скопје, преку полномошникот, адвокат Сашо Додевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актите, означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата по цитирање на членови од Уставот (член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 1, член 47 став 5), членови од Законот за спортот (член 1, член 2, член 14 ставови 1, 2 и 3 и член 16 став 1), како и оспорените членови од Правилниците, наведува дека тие не биле во согласност со Уставот и Законот за спортот. Со условите предвидени со оспорените членови од Правилниците, се вршела дискриминација на натпреварувачите за учество на Светско првенство надвор од моменталната спортска форма и состојба на истите која требала да биде единствен услов за настап како ултимативен критериум за натпреварувачки квалитет кој се докажувал на Плеј-Оф Турнирот. Со истите спротивно на дотогашната спортска и историска прагматика се вршело попречување на развојот на карате спортот, спречување на настап на спортистите со поставување на услови кои не ги поставувала ниту Европската ниту Светската Карате Федерација.

Во Статутот на Светската Карате Федерација, не биле содржани услови дека за учество на светското карате првенство требало да постои претходен пласман на европски, медитерански, балкански или било кои други првенства, како што предвидувале неуставните и незаконити одредби од Правилникот на Карате Федерацијата на Македонија, во кој во 2013 година биле имплементирани услови за настап на светските карате првенства, со претходен пласман на Европски карате првенства од 1-5 место или освојување медал на Балкански и Медитерански првенства, кои го спречувале развојот на карате спортот на целата територија на Република Македонија и промоцијата на Републиката на меѓународен спортски план и постигнување врвни спортски резултати.

3. Судот, на седницата утврди дека со иницијативата се оспоруваат членови содржани во Правилник за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија-пречистен текст, број 03-69/2 од 16.03.2013 година, Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија, број 03-205/2 од 22.06.2013 година и Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија, број 03-224/2 од 19.07.2013 година, донесени од Извршниот одбор на Карате Федерацијата на Македонија.

Судот исто така утврди дека доносителот на актите во кои се содржани оспорените членови е здружение на граѓани.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 110 алинеја 7 од Уставот, е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Од погоре наведената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува само за актите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните кои се наведени во член 110 алинеја 7 од Уставот, но не и за другите акти кои тие ги донесуваат.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оценување на уставност и законитост на членови од Правилници за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Република Македонија, донесени од Извршниот одбор на Карате Федерацијата на Македонија, кое е здружение на граѓани.

Имајќи ги во вид актите во кои се содржани оспорените членови со иницијативата, Судот утврди дека тоа се интерни акти на здружение на граѓани за кои Судот согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, нема надлежност да одлучува.

5. Со оглед дека со иницијативата се оспоруваат одредби од акти на здружение на граѓани за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува, Судот утврди дека актите во кои се содржани оспорените одредби не се подобни за уставно судска оцена, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 став 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 147/2013
28 мај 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева