147/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Известувањето за воведување на антикризни мерки, број 05-5203/1 од 20 јули 2010 година, донесено од министерот за труд и социјална политика на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот акт како циркуларно писмо се однесувало за сите центри за социјална работа во Република Македонија и Заводот за социјални дејности, кое било донесено согласно нацрт-записникот од Сто шеесет и шестата седница на Владата на Република Македонија одржана на 10 јуни 2010 година, со кој, меѓу другите мерки, на стручниот кадар му се забранувало едукација и друг вид стручно усовршување преку посета на семинари и обуки (со неодобрување трошоци за оваа намена).

Подносителот на иницијативата смета дека ваквото циркуларно писмо-известување имало карактер на наредба во смисла на член 56 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи се забранувало посета на семинари и обуки, а која забрана, имала општо значење.

Според наводите во иницијативата оспорениот акт бил во спротивност со член 32 став 5 и член 51 став 2 од Уставот, како и со членот 154 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи и член 19 став 1 алинеи 6 и 7 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008 и 85/2009), и се предлага тој да се поништи и истовремено да се донесе решение за запирање на преземените дејствија врз негова основа.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното Известување за воведување на антикризни мерки Министерството за труд и социјална политика, согласно Нацрт-записникот од Сто шеесет и шестата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 10.06.2010 година, ги известува сите центри за социјални работи и Заводот за социјални дејности, за антикризните мерки кои задолжително треба да ги применува секој центар за работа во 2010 година, меѓу кои и забрана за посета на семинари и обуки, редуцирање на посетите во министерството од страна на вработените во центрите за социјална работа, забрана на службени патувања во странство и други.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Според содржината на оспорениот акт јасно произлегува дека тој претставува инструкција на Министерството за труд и социјална политика за примена на мерките за редукција на трошоците на вработените во центрите за социјална работа во Република Македонија и во Заводот за социјални дејности, до крајот на 2010 година, меѓу кои е и мерката за неодобрување трошоци за едукација и друг вид стручно усовршување преку посета на семинари и обуки на што посебно се укажува во иницијативата.

Оттука, според Судот оспорениот, акт иако се однесува на повеќе субјекти, нема карактер на нормативен акт т.е. пропис, со кој се уредуваат права и обврски или правни односи на неопределен круг субјекти во правото, туку претставува акт со кој се регулира постапувањето и начинот на работа во една конкретна состојба за определен временски период, која што налага намалување на трошоците во работата на институциите заради остварување на нивните суштински функции.

Истовремено, Судот утврди дека мерките утврдени во известувањето го исцрпеле своето дејство во 2010 година како и дека во иницијативата не се наведени причините за оспорување на актот како што предвидува член 15 од Деловникот на Уставниот суд, туку само се цитираат одредбите од Уставот и други прописи, што дополнително укажуваат на постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата, а во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.147/2010
26 јануари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски