Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот “Ограничувања и забрани во трговијата” и членовите 29 и 30 од Законот за трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на поднасловот “Ограничувања и забрани во трговијата” и членовите 29 и 30 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата во конкретниов случај не постоеле услови од член 55 став 3 од Уставот за внесување во Законот за трговија на оспорениот поднаслов и оспорените одредби или поточно речено според подносителот ограничувањето на слободата на пазарот и претприемништвото можело да следи дури кога ќе настанат одредени околности кои ги доведуваат во прашање одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Понатаму, подносителот наведува дека Владата не може со закон да биде овластена да пропишува и одредени мерки, затоа што тоа е во надлежност на Собранието како носител на законодавната власт, а Владата со нејзината државна управа тие мерки може само да ги извршува. Ова затоа што во член 91 од Уставот не е предвидена надлежност на Владата да може привремено да врши ограничување и забрана во трговијата или во која било друга дејност, ниту за тоа да пропишува одредени мерки.
Оттука, според подносителот на иницијативата, оспорениот поднаслов и одредби од член 29 и 30 не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3, 4,и 7, 51, 54 став 1 и 2, 55, 91 алинеја 1 и 5, 124, 125 и 126 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за трговија се уредуваат условите и начинот на вршење на трговијата на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки.
Во делот ИИИ “Услови за вршење на трговијата” поднаслов “Ограничување и забрана во трговијата” односно во член 29 од Законот е предвидено дека: Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата во случај на:
– природни и други непогоди во Република Македонија, кога настанале или би можеле да настанат сериозни пореметувања во трговијата, пореметувања во снабдувањето на населението или пореметувања во други области кои го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните;
– сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производство, преработка и за животот и здравјето на граѓаните;
– воена остојба или непосредна закана за независноста и интегритетот на Република Македонија и
– потреби за осигурување на производите, суровините и репродукциониот материјал што се од посебно стратешко значење за одбраната на Република Македонија.
Владата може да ги пропише ограничувањата во вршењето на трговијата во случаите од ставот 1 на овој член само ако пореметувањето не може да се отстрани со други мерки или ако потребите не можат да се намират од стоковите резерви, со увоз или други мерки на трговската политика.
Во членот 30, пак, од Законот е предвидено дека во случаите од членот 29 став 1 на овој закон, Владата може да ги пропише следниве мерки:
– ограничување на трговијата на одделни стоки или посебни услови за трговија на одделни стоки;
– определување на највисоки цени за одделни производи и услуги во производството и прометот;
– ограничување на извозот или увозот на одделни стоки или пропишување на посебните услови за увоз или извоз на одделни стоки;
– забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока;
– обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед;
– обврска за одделни трговци да чуваат определена количина и вид на стоки и
– забрана на употреба на одделни стоки во производството на други стоки.
Трговецот е должен да се придржува на мерките од ставот 1 на овој член.
4. Во член 8 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврдена и слободата на пазарот и претприемништвото.
Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на истиот член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според став 3 на наведениот член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Од наведените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем.
Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати во апсолутна смисла и дека таа не е само работа на субјектите на пазарот, туку и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.
Имено, државата како регулатор на економската политика е должна да води сметка и за почитување на другите темелни вредности на економскиот и политичкиот систем на државата како што се независноста, територијалниот интегритет, зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето.
Во насока на остварување на овие начела законодавецот пропишал дека Владата во точно определени случаи може привремено да го ограничи вршењето на трговијата и ги пропишал мерките кои можат да бидат преземени ако со други мерки настанатите пореметувања во трговијата не можат да се отстранат.
Оттука, според Судот целта на законодавецот со одредбите од член 29 и 30 од Законот не била да се ограничи вршењето на дејноста како едно од основните економски права на субјектите на пазарот во нормални услови, туку државата како гарант на економската и политичката стабилност во суштина врши ограничување на вршење на трговијата во точно определени околности и утврдува мерки кои Владата треба да ги преземе со цел да се отстранат или ублажат несаканите последици од настанатите околности.
Со оглед на наведеното не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби и поднасловот од Законот за трговијата со член 55 од Уставот.
4. По однос на наводите во иницијативата дека Владата не може со закон да биде овластена да пропушува одредени мерки затоа што тоа е во надлежност на Собранието како носител на законодавната власт, Судот смета дека се неосновани.
Ова пред се имајќи предвид дека мерките се пропишани токму во оспорената одредба од член 30 од Законот, а Владата во насока на операционализација ги спроведува тие мерки, како носител на извршната власт согласно член 88 став 1 од Уставот.
Имено, имајќи ја предвид уставната поставеност на Владата во структурата на државната власт, Владата е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамки на Уставот и законот (член 88).
Според член 91 од Уставот, пак, Владата покрај, другото, ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.
Тргнувајќи од изнесеното наспроти содржината на оспорените одредби поместени во поднасловот “Ограничувања и мерки во трговијата” од Законот за трговија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.146/2005
2 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова