146/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 66 став 3 и 4 од Законот за референдум и граѓанска иницијатива (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/1998).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 од Законот за постапката за собирање потписи на избирачи и предлагање за донесување закон, за распишување на референдум и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/1996).

3. Тодор Петров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби не биле согласни со Уставот, затоа што со нив временски им се ограничувало правото на избирачите да ја легитимираат својата волја за поддршка на предлогот за донесување на закон за распишување на референдум или за поднесување на предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 66 став 3 од Законот за референдум и граѓанска иницијатива рокот за собирање потписи за поднесување на предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, е шест месеци од денот на започнувањето со собирање на потписи.

Во ставот 4 на овој член од Законот е предвидено дека рокот за собирање на потписи за предлагање за донесување на закон и за донесување на одлуки и решавање на други прашања што се во надлежност на Собранието е три месеци од денот на започнувањето со собирање на потписи.

5. Согласно член 2 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според членот 71 став 1 од Уставот право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Македонија и најмалку 10.000 избирачи.

Во членот 73 став 3 од Уставот е предвидено дека Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи.

Ставот 2 на член 74 од Уставот предвидува дека одлуката за менување на границата на Републиката е усвоена на референдум, доколку за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Согласно член 120 став 3 од Уставот одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Членот 130 од Уставот предвидува дека предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.

Од содржината на наведените уставни одредби произлегува дека референдумот, како институција, е предвиден како еден од облиците на непосредната демократија и притоа по правило, референдумот има факултативен карактер.
Исклучок, кога референдумот е задолжителен, претставува одредбата од членот 73 став 3 од Уставот според која собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи.

Имајќи ги предвид овие уставни одредби наспроти оспорените законски одредби кои определуваат рок во кој референдумот ќе се спроведува, односно ќе се собираат потписи на избирачи, Судот смета дека тие се согласни со Уставот од причина што определувањето на рокот има цел да ги обврзе органите на одговорно однесување во сите фази на одлучување и што законодавецот на тој начин всушност го утврдува времето во кое може да трае определена активност која, меѓу другото, има и организациска природа што на референдумот му дава легитимен карактер.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на членот 66 став 3 и 4 од Законот за референдум и граѓанска иницијатива.

6. Судот на седницата, исто така, утврди дека со Решение У.бр.94/1996 не повел постапка за оценување, меѓу другите и на уставноста на член 7 став 3 од Законот за постапката за собирање потписи на избирачи за предлагање за донесување закон, за распишување на референдум и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/1996).

Ставот 3 на член 7 од Законот бил оспоруван затоа што според подносителот на иницијативата, со него се ограничувало времетраењето на собирањето на потписи што било спротивно на Уставот на Република Македонија.

Неповедувајќи постапка, Судот изразил став според кој утврдените рокови во оспорениот закон претставуваат само оптимални рокови за остварување на една конкретно започната иницијатива, а не ограничување на правата на граѓаните и на избирачите да покренат друга иницијатива или, пак, обврска на покренувачите на конкретната иницијатива, да чекаат да изминат предвидените рокови, ако веќе го собрале потребниот цензус на потписи утврден со Уставот.

7. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што одредбата од членот 7 став 3 од Законот за постапката за собирање потписи на избирачи за предлагање за донесување закон, за распишување на референдум и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, била предмет на оценка пред Судот кој оценил дека не може основано да се постави прашањето за нејзината уставност, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2004
29 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова