Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 4, 5, 10, 12, 13, 14, 15, 16 и 18 од Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/2004).
2. Душко Апостолски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата Уставот на Република Македонија не предвидел за претседателот на Република Македонија, по престанување на функцијата, да врши определени активности поради кои би користел определени права за себе и за своето семејство. Исто така, не постоел уставен основ со закон да се пропишуваат посебните привилегии и права за овие лица, кои не се однесувале за останатите граѓани.
Во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби од Законот се регулирале посебни права за одредените лица само поради општествената положба која ја имале. Со тоа се доведувале останатите граѓани во нерамноправна положба што било во спротивност со членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднавкоста на слободите и правата на граѓаните независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата, во членот 4 предвидел дека претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон има право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица кои правата од работниот однос ги остваруваат во кабинетот на претседателот на Република Македонија, а се именуваат на предлог на претседателот на кого му престанала функцијата.
Според членот 5 од Законот, претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон има право на лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.
Според членот 10 од Законот, претседателот на Република Македонија на кого му престанала функцијата согласно со членот 2 став 1 од овој закон има право на материјални трошоци за потребите при остварувањето на неговите активности, а средствата се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија во висина до 8% од средствата утврдени во Буџетот за претседателот на Република Македонија.
Судот, исто така, утврди дека Законот, во делот ИИИ кој се однесува на “Правата на семејството на претседателот на Република Македонија по престанување на функцијата”, во членот 12 предвидел дека во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседателот има право на месечен паричен надоместок.
Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија.
Брачниот другар правото од ставот 1 на овој член го користи трајно.
Ако починатиот претседател во моментот на настапувањето на смртта имал само малолетни деца, правото од ставот 1 на овој член неговите малолетни деца го користат до завршувањето на редовното школување, односно до наполнети 26 години возраст.
Според членот 13 од Законот, во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, неговите деца имаат право на стипендија за школување во земјата или странство до наполнети 26 години возраст, а согласно членот 14, во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседателот има право на исплата на еднократен паричен надоместок по основ на нематеријална штета чија висина ја утврдува Владата на Република Македонија.
Според членот 15 од Законот во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството има право на сопственост на градежно неизградено земјиште за изградба на семејна куќа со регулиран надоместок за уредување на градежно земјиште или право на сопственост на стан.
Ако семејството го користи правото на сопственост на градежно неизградено земјиште од ставот 1 на овој член, до создавање на услови за живеење во семејната куќа, семејството може да користи сместување во недвижност во сопственост на Република Македонија или изнајмена недвижност без надоместок за користење и за тековно одржување на недвижноста, но најдолго за период од три години од денот на предавањето на земјиштето од ставот 1 на овој член во сопственост на семејството.
Средствата за надоместоците од ставот 2 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
За начинот на остварување на правата утврдени во ставовите 1 и 2 на овој член, Владата на Република Македонија донесува одлука.
Согласно членот 16 од Законот, во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседтелот може да користи и други права како што се:
– лично обезбедување, користење на службено возило и возач;
– службени простории по потреба при прием на домашни и странски делегации и
– финансиски средства и службена придружба при патувања на член на семејството по повод официјална покана за присуство на манифестација надвор од земјата.
За начинот на остварување на правата од ставот 1 на овој член, Владата на Република Македонија донесува одлука.
Според членот 18 од Законот средствата потребни за остварување на правата утврдени со овој закон се обезбедуваат со Буџетот на Република Македонија.
4. Според членот 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.
Во Главата ИИИ дел 2 од Уставот, кој се однесува на функцијата и положбата на претседателот на Република Македонија во организацијата на државната власт, не се содржани одредби со кои изречно би се пропишало донесување на закон за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата или непосредно со Уставот би се уредувале прашањата опфатени со тој закон.
Структурата на Уставот на Република Македонија во однос на остварувањето на законодавната власт покажува дека Собранието на Република Македонија има генерално уставно овластување да донесува закони заради уредување на односите во сите области на општествениот живот, како и должност да донесе определени закони. Според тоа, отсуството на изречно уставно овластување за законско уредување на определени прашања не се пречка согласно членот 68 од Уставот, Собранието да донесе закон во оние области и за оние прашања за кои е оценето дека е потребно.
Оттука, оценката со закон да се уредат правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанувањето на функцијата е право на Собранието засновано на уставните овластувања.
Поради тоа, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон со Уставот од аспект на постоењето на уставен основ за негово донесување.
Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Разгледувајќи ја содржината на оспорените одредби од Законот од аспект на наводите во иницијативата за повреда на принципот на еднаквост, неспорно е дека со Законот, на претседателот на Република Македонија и неговото семејство, по престанокот на функцијата му се утврдуваат права и положба кои се различни од положбата и правата на другите граѓани, на пример, по престанокот на нивниот работен однос. Меѓутоа, за оценување на одредбите на овој Закон од аспект на принципот на еднаквоста, нужно е да се согледа нивната функција и цели и да се има предвид дека принципот на еднаквост функционира во еднакви услови.
Имено, претседателот на Република Македонија стекнува права утврдени со овој закон по престанок на мандатот за кој е избран и стекнува права утврдени со овој закон во случај на трајна спреченост да ја извршува функцијата за времетраење на мандатот.
Семејството на претседателот на Република Македонија, односно брачниот другар и децата на претседателот, стекнуваат права утврдени со овој закон, во случај на смрт на претседателот по престанокот на мандатот или за времетраење на мандатот, кои се однесуваат на нивните егзистенцијални и социјални потреби.
Оттука, посебните права утврдени со Законот произлегуваат од функцијата претседател на Република Македонија, кои всушност се остваруваат по престанокот на функцијата под услови пропишани со Законот.
Поради тоа, право на законодавецот е да ги утврди и димензионира овие права, бидејќи основот за сите нив произлегува од функцијата претседател на Република Македонија утврдена со Уставот, а се остваруваат по престанокот на функцијата.
Според Судот, интенцијата на оспорените одредби од Законот не е во привилегирањето на одредено лице или лица по престанувањето на функцијата претседател на Република Македонија, туку во уредувањето на статусот и дигнитетот на самата функција, кои се изразуваат преку гарантирање на определена положба на личностите што ја извршувале.
Вршењето на функцијата шеф на држава, заедно со практичните последици поврзани со државничкото искуство е основ, кој во случајов на оспорениот Закон, го надминува прашањето на еднаквоста помеѓу граѓаните и го поставува односот на државата кон една државничка функција, па поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.145/2004
29 декември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова