145/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за парцијални измени на деталните урбанистички планови на општина Крива Паланка бр.08-446 донесена од Собранието на општина Крива Паланка на 20 септември 1996 година.

2. Радојко Алексовски од Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што собранието на општината не можело да ја донесе оспорената одлука од причини што подносителот на иницијативата и лицето во чија корист е извршена измената Милковски Стојмен имаат склучено заедничка Спогодба УП.бр.09-494 од 10 мај 1984 година пред Секретаријатот за стопанство, урбанизам и комунално – станбени прашања на Собрание на општина Крива Паланка а со која спогодба е регулирано прашањето за изградба на времен објект – шупа, а која спогодба има важност на урбанистички план и без да се промени таа спогодба или да даде согласност од подносителот на иницијативата никој орган не може да одлучува поинаку.

3. На седницата Судот утврди дека на 10 мај 1984 година во Секретаријатот за стопанство, урбанизам и комунално станбени прашања на Собранието на Општина Крива Паланка е склучена спогодба помеѓу Радојко Алексовски од Крива Паланка како предлагач (подносител на иницијативата пред Уставниот суд) и Милковски Стојмен како противник со барање за локација за времен објект.

Прашањето за времените објекти врз основа на Законот за градежно земјиште и Законот за инвестициони објекти се регулира со програма за уредување на градежното земјиште што ја носи собранието на општината, а решенијата за локација за времени објекти се од времен карактер.

Тоа значи дека собранието на општината при донесување на урбанистичките планови, со урбанистичкиот план може да го уреди просторот на кој е дозволено поставување на времен објект и да предвиди изградба, доградба или надградба на траен објект.

Во однос на постапката за донесување на оспорената одлука Судот утврди дека на 10 март 1995 година Собранието на општина Крива Паланка донело Одлука за пристапување на парцијални измени и дополнувања на урбанистичките планови на општина Крива Паланка.

Во член 3 од Одлуката е предвиден просторот на кој ќе бидат извршени парцијални измени а кои се однесуваат на Деталниот урбанистички план на градот Крива Паланка – лев брег, Детален урбанистички план за Населба Громаѓе и Детален урбанистички план за с. Конопница, с. Ранковци, с. Гиновци, с. Петралица, с. Опила, с. Мождивњак, с. Псача и с. Узем.

На 26 јуни 1996 година Собранието на општина Крива Паланка донело Решение за изнесување на јавен увид на нацрт планот на парцијалните измени и дополнувања на деталните урбанистички планови на општина Крива Паланка.

Во наведеното решение е предвидено дека нацрт-планот ќе биде изложен во канцеларијата на подрачната единица на Министерството за урбанизам и на излогот на Стоковната куќа на плоштадот во градот.

Од извештајот за спроведената јавна расправа утврдивме дека нацрт на плановите биле на јавна расправа односно јавен увид од 16 до 30 јули 1996 година.

На 17 септември 1996 година надлежниот орган на управата ги разгледа приговорите на граѓаните, односно имало само еден приговор и истиот бил прифатен. (Бил прифатен приговорот на Милковски Стојмен, тоа е истото лице со кое подносителот на иницијативата склучиле спогодба за изградба на времен објект – шупа).

По спроведување на наведената постапка Собранието на општина Крива Паланка на 20 септември 1996 година ја донело оспорената одлука.

Во оспорената одлука се наведени кои парцијални измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за Крива Паланка се извршени како и тоа дека составен дел на одлуката е графичкиот дел на урбанистичките планови.

Во член 7 од оваа одлука е предвидено дека донесената одлука ќе се применува по добивање на согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

Постапувајќи по оваа одредба а согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање на 15 октомври 1996 година Собранието на општина Крива Паланка побарало согласност на предлог планот за парцијалните измени на деталните урбанистички планови на Крива Паланка.

На 18 ноември 1996 година надлежното министерство имајќи ја во предвид спроведената постапка за измени и дополнувања на урбанистичките планови дало согласност.

4. Според член 17 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Сл. весник на РМ” бр. 4/96. 28/97) плановите од член 7 на овој Закон се изработуваат како нацрт и предлог на план.

Според став 3 на овој член по нацрт на Деталниот урбанистички план и урбанистичката документација за населено место во општината се спроведува јавна анкета.

Во член 18 е предвидено дека јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетните листови до организаторот на анкетата.

Во став 3 на овој член е предвидено дека за јавната расправа од член 17 став 2 и 3, Министерството надлежно за работите на урбанизмот изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки кои се доставуваат заедно со предлог на планот на усвојување.

Во член 22 став 3 од Законот е предвидено дека општината донесува покрај другите и детални урбанистички планови.

Според став 6 на член 22 е предвидено дека урбанистичките планови меѓу кои и деталните урбанистички планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Имајќи ги предвид изнесените одредби од Законот собранието на општината односно советот на единицата на локалната самоуправа е надлежно да ги донесува деталните урбанистички планови според постапка утврдена со закон.

5. Со оглед на тоа што оспорената Одлука е донесена од Собранието на општината кое согласно Законот е надлежно да ги донесува деталните урбанистички планови, како и со оглед на тоа што пред донесување на оспорената Одлука е спроведена постапка предвидена со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука како од аспект на надлежноста на општината односно Советот да ги донесува урбанистичките планови така и од аспект на постапката за нивно донесување и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 145/98)