145/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 42 од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Акционерското друштво за производство на челични конструкции, механизми и киосци “КЕН” ц.о Куманово, донесен од Управниот одбор на Друштвото на 22 јануари 1992 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на меѓусебната согласност на членовите 17, 21, 22, 24, 25, 27, 46, 47 и 48 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, со Општествениот договор за заедничките критериуми имерила за решавање на станбените потреби во организациите на здружен труд и работните заедници.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Горан Пешевски од Куманово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 42 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што оспорениот член не бил во согласност со членот 54 став 3 од Уставот, бидејќи со неговите одредби се правело дискриминација на работниците – учесници на конкурсот за доделување на стан, по основ на имотната положба, односно уште на почетокот, работниците со поголем приход по член на семејно домаќинство од предвидениот немале право да учествуваат на конкурсот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека членовите 46, 47 и 48, а во врска со нив и членовите 17, 21, 22, 24, 25 и 27 од оспорениот правилник не биле во согласност со Општествениот договор за заедничките критериуми имерила за решавање на станбените потреби на работниците во организациите на здружениот труд и работните заедници (“Службен весник на СРМ” бр.11/86).

4. На седницата Судот утврди дека согласно оспорениот член од Правилникот, право на решавање на станбените потреби по основ на солидарност имаат: работници чиј осстварен приход по член на семејно домаќинство е до 49% од просечниот личен доход исплатен во стопанството на Република Македонија за претходната година; работници кои останале без стан поради елементарни непогоди (пожар, поплава, земјотрес, лизгање на земјиштето), а чии семејни и имотни прилики не дозволуваат решавање на овие прашања на друг начин; работници кои живеат под кирија, а нивните семејни и имотни прилики не дозволуваат решавање на овие прашања на друг начин; и семејство на умрени работници кои во моментот на настапување на смртта биле во работен однос со Друштвото ако немаат стан или на друг начин не можат да ја решат оваа станбена потреба.

5. Според член 54 став 3 од Уставот, орграничувањето на слободите и правата не може да биде дискриманаторска по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 42 и член 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 1/90 и 11/91), давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање станови на користење односно основите и мерилата за определување редот на првенство за давање стан на користење.

Од изнесените законски одредби произлегува дека право на претпријатието е да ги утврди критериумите и мерилата за решавање на станбените потреби и по основ на солидарност.

Со оспорениот правилник се утврдуваат меѓусебните права и обврски во врска со давање на станови на користење и на средствата за станбена изградба, а особено начинот, условите и по кој ред на првенство ќе се дават становите и солидарните станови на користење како и средствата за станбена изградба, органите што ќе одлучуваат за тоа, продажбата на општествените станови и слично. Оспорениот правилник не содржи исти мерила и критериуми за распределба на станови и солидарни станови од причина што не може да се изедначат условите за овие две категории на станови. Имено, солидарните станови се градени со посебно наменети средства и се наменети за работниците со пониски доходи поради што во Правилникот за распределба на овие станови доминантно влијание има начелото на солидарност. Притоа, оспорениот член 42 од Правилникот децидно утврдува кои работници имаат право на решавање на станбените потреби по основ на солидарност. Распределбата на другите станови се врши по други основи и мерила (основни и дополнителни критериуми) кои треба да ги исполнуваат работниците при остварувањето на своето право на решавање на станбеното прашање.

Од изнесеното произлегува дека на работниците не им е ограничено правото по основ на имотната состојба да конкурираат за решавање на своите станбени потреби, туку само е нагласено начелото на солидарност и заемност при распределбата на солидарните станови според кое се предвидуваат поповолни услови за работниците со пониски приходи, при решавањето на станбените потреби, поради што судот оцени дека не се поставува прашањето за согласноста на членот 42 од Правилникот со членот 54 став 3 од Уставот.

6. Што се однесува до наводите во иницијативата кои се однесуваат на несогласноста на членовите 46, 47 и 48 а во врска со нив и членовите 17, 21, 22, 24, 25 и 27 од Правилникот со Општествениот договор за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби во организациите на здружениот труд и работните заедници, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за тоа прашање.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.