144/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 16 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 64 и 65 од Колективниот договор за социјална заштита на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.83/2006 и 17/2009).

2. Стамен Филипов и Драги Темелковски, двајцата од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 64 и 65 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата со оспорениот член 64 од Договорот се создавала нееднаквост помеѓу вработените во однос на вреднувањето на основната плата само поради профилот на степенот на образование, при што противуставно и незаконски се фаворизирале „факултетлиите“, магистрите, специјалистите во дејноста и докторите на науки спрема другите, а се занемарувала сложеноста на работите, иако во поднасловите на оспорениот член стоело „занимање од…група на сложеност…..“. Тоа значело дека на занимањата од 7-ма и 8-ма група на сложеност, само и единствено поради профилот на стручната подготовка им се определувале многу поголеми права во поглед на основната плата во однос на другите работници во областа на социјалната заштита. Во продолжение на иницијативата, преку направена компарација на групите на сложеност се заклучува дека се работело за голема и неоснована разлика, што, според подносителите на иницијативата не било во ред. Притоа, секако требало да се земат предвид и додатоците на плата по основ на раководење и одговорност од членот 67 од Колективниот договор.

Повикувајќи се на содржината на член 105 став 3 и член 106 од Законот за работните односи, подносителите на иницијативата по однос на оспорениот член 65 од Колективниот договор наведуваат дека во него не бил вреднуван домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршење на работата за којашто работникот го склучил договорот за вработување, туку било предвидено нешто сосем друго, спротивно од наведените законски одредби. Оттаму, оспорениот член 65 од Колективниот договор битно отстапувал од членот 106 од наведениот закон и бил поставен како неприменлив во практиката, со што посебно се оштетувале токму вработените кои немале високо или вишо образование, а ги вршеле работите за кои го склучиле договорот за вработување. Според тоа, со оспорената одредба биле определени помали права, односно не биле определени никакви права што било спротивно на членот 12 став 2 од Законот за работните односи. Доколку се анализирале двете одредби ќе се утврдело дека платите се определувале само во зависност од степенот на образование, утврден како услов во актот за систематизација на работните места кај работодавачот, но не и во зависност од домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршење на работата за кој работникот го склучил договорот, со што се создавала „невидена“ разлика во платите и нееднаквост на работниците.

На еден голем број вработени, освен тоа, според Колективниот договор, определената основна плата им била пониска од најниската плата (12.967,00 денари) утврдена според закон и колективен договор, со што бил повреден и членот 107 од Законот за работните односи, како и Спогодбата за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност на платите во областа на социјалната заштита, склучен помеѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика од 30 јануари 2009 година, необјавена во „Службен весник на Република Македонија“, што не било во согласност со членот 52 ставови 1 и 2 од Уставот. Дека дошло до намалување на платите на поголем дел од вработените со средно образование „испод нето плата под минимална“ можело да се утврди и од приложениот Список на вработени со нето плата под минималната за 2008 година.

Доколку пак се споределе споменатата, необјавена спогодба и членот 4 од Спогодбата за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2009) ќе можело да се утврди дека во здравствената дејност основната плата на работникот не можела да биде пониска од 16.187,00 денари со што работниците од областа на социјалната заштита и на овој начин биле дискриминирани во однос на работниците од здравствената дејност, бидејќи нивната најниска плата била само 12.967,00 денари, иако истиот Синдикат ги застапувал работниците и во двете дејности. Според тоа, трудот не се вреднувал на ист или барем сличен начин за работниците во исти или слични дејности.

Врз основа на наведените причини, подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одреби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 ставови 3 и 5 и член 51 од Уставот, како и на член 12, член 105, член 106 и член 107 од Законот за работните односи.

Во иницијативата е содржано и барање Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените одредби, бидејќи би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 64 од Колективниот договор за социјална заштита на Република Македонија, коефициентот на сложеност на работите се определува во зависност од степенот на образование утврден како услов во актот за организација и систематизација на работните места кај работо-давачот кој е со опфат од прв (едноставни работи, без приученост) до осми (исклучително значајни, најсложени работи-доктор на науки) степен во однос 1,000 до 3,396.

Поединечните работи, односно занимања се класифицираат во групи 8 групи на сложеност и тоа:

Занимања од I група на сложеност, за едноставни работи, односно занимања без претходно приучување, за кои е доволно основно образование или I степен на стручна подготовка во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,034 до 1,103.

Занимања од II група на сложеност за помалку сложени работи, односно занимања со претходно приучување, за кои е потребен II степен на стручна подготовка, односно осумгодишно училиште со дополнителни функционални знаења и вештини, стекнати со курсеви, или соодветно практично искуство, во кој коефициентот е во однос кој се движи од 1, 137 до 1,308.

Занимања од III група на сложеност за средно сложени работи, односно занимања за кои е потребен III степен на стручна подготовка, односно тесно квалификувани и стручни профили во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,342 до 1,582.

Занимања од IV група на сложеност за сложени работи, односно занимања за кои е потребен IV степен на стручна подготовка, односно квалификувани или стручни профили, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,616 до 1,856.

Занимања од V група на сложеност за сложени работи, односно занимања за кои е потребен V степен на стручна подго-товка, односно средно училиште стекнато преку образование, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,890 до 2,061.

Занимања од VI група на сложеност, и тоа за подгрупа VI/1 за сложени работи, односно занимања за кои е потребен VI степен на стручна подготовка, односно више образование, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 2,096 до 2,198 и за подгрупа VI/2, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 2,369 до 2,712.

Занимања од VII група на сложеност, со подгупи а и б, за сложени и многу сложени работи, односно занимања, за кои е потребно VII степен на стручна подготовка, односно факултет, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 2,849 до 3,054. Во оваа групата припаѓа и подгупата, VII/2, за сложени и високо сложени работи односно занимања за кои е потребен VII степен на стручна подготовка, магистратура и специјализација, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 3,191 до 3,260.

Занимање од VIII група на сложеност за самостојни и советодавни научно-истражувачки работи за кои е потребен VIII степен на стручна подготовка, односно доктори на науки, во кои коефици-ентот е во однос 3,396 за сите звања.

Во оспорениот член 65 од Колективниот договор, со наслов „3.2 Плата за успешност“ е предвидено дека, работникот кој со посебно ангажирање и квалитет во извршувањето на работата во тековната година постигнал натпросечни резултати или бил натпросечно оптоварен има право на плата за успешност во висина на обезбедените средства.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уста-вниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008 и 114/2009), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Според член 12 од истиот закон, при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот (став 1). Со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон (став 2). Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон (став 3). Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот (став 4).

Согласно член 105 став 1 од овој закон, работникот има право на заработувачка-плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Според ставот 3 на истиот член, платата е составена од основна плата, дел од платата за работна успешност и додатоци, ако со друг закон поинаку не е определено.

Основната плата, согласно член 106 став 1 од Законот, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Работната успешност на работникот, согласно став 2 на истиот член, се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за којашто работникот го склучил договорот за вработување, а додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, продолжена работа, работа во недела, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

Според член 107 од овој закон, платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена според закон и колективен договор.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Од анализата на содржината на оспорениот член 64 од Колективниот договор, произлегува дека во него се определува коефициентот на сложеност на работите (систематизирани во 8 групи на сложеност) во зависност од степенот на образование утврден како услов во актот за организација и систематизација на работните места кај работодавачот кој се движи од 1,000 за вршење на едноставни работи за лицата без приученост до 3,396 за доктори на науки. Од поднасловите на секоја од групите на оспорениот член, пак, произлегува дека, групите се формирани во зависност од тоа какви работи треба да се вршат (едноставни, помалку сложени, средно сложени, сложени или високо сложени), како образование е потребно (од основно до VIII степен на стручна подготовка), како и дали се потребни дополнителни функционални знаења и вештини, стекнати со курсеви или соодветно практично искуство, или пак соодветни квалификации.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Колективниот договор групите на сложеност, а со тоа и коефициентите не се формираат исклучиво врз основа на степеност на образование, како што погрешно сметаат подносителите на иницијативата, туку и според сложеноста на работите што секој од работниците ја врши, Судот оцени дека се несоновани наводите од иницијативата за фаворизирање на високообразованите кадри, наспроти останатите, како и за создавање на голема и неоснована разлика.

Определувањето на конкретниот коефициент на сложе-ност за секое работно место, исто така, според оцена на Судот, преставува право и обврска на страните надлежни за склучување на Колективниот договор, кои имаат законска обврска за меѓусебно преговарање заради уредување на правата и обврските на договорните страни, а преку коефициентите на сложеност се изразуваат потребите, барањата и карактерот на дејноста-социјална заштита.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Колективниот договор се фаворизирале високообразованите кадри на штета на сите други вработени, не може да претставуваат основ за изразување на сомневање во уставноста и законитоста на оспорените одредби. Ова од причина што согласно член 32 став 5 од Уставот, правото на плата на работникот се уредува со закон и со колективни договори, како што е направено во конкретниот случај, а опреде-лувањето пак на коефициентите на сложеност од кои зависи висината на платата на вработените, е фактичко прашање кое го утврдуваат договорните страни при колективното преговарање и за кое Судот не е надлежен да одлучува.

Од анализата на содржината на оспорениот член 65 од Колективниот договор произлегува дека со него се предвидува посебно право за работникот, изразено како право на плата за успешност кој ја остварува работник кој посебно се ангажирал и покажал квалитет во работата во тековната година, постигнал натпросечни резултати или бил натпросечно оптоварен.

Тргнувајќи од околноста што оспорената одредба предвидува право на плата за успешност, како дел од кој е составената платата согласно член 105 став 3 од Законот за работните односи, како и од околноста што членот 106 став 2 од истиот закон, ја поврзува работната успешност на работникот со неговиот домаќински однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со наведените законски одредби. Ова од причина што одредбите на Законот за работните односи не познаваат, односно не предвидуваат поголема плата за домаќински однос на работникот, туку предвидуваат плата за успешност, како еден од деловите од кој е составена платата, при што успешноста, меѓу другото, зависи и од домаќинскиот однос кон работата, од каде Судот оцени дека не можат да се прифатат како основани наводите од иницијативата дека оспорениот член 65 од Колективниот договор определувал помали права, односно не определувал никакви права. Според тоа, оспорената одредба е во согласност со членот 12 од Законот за работните односи. Тука треба да се има предвид и содржината на членот 106 став 1 од Законот за работните односи, кој определува дека основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување.

Наводот од иницијативата за повреда на членот 107 од Законот за работните односи сторена на начин што на еден голем број вработени, според Колективниот договор основната плата им била пониска од најниската плата (12.967,00 денари) Судот оцени дека не може да се поврзе со содржината на оспорените одредби од Колективниот догвор за кој е поднесена иницијативата, бидејќи истите не ја уредуваат висината на најниската плата.

Имајќи предвид дека со оспорените одредби не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија на кои се повикуваат подносителите на иницијативата, не се создава нееднаквост помеѓу субјектите и се уредуваат права на начин како што предвидел Законот за работните односи Судот оцени дека оспорениот член 64 и член 65 од Колективниот договор за социјалната заштита на Република Македонија е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 ставови 3 и 5 и член 51 од Уставот, како и со член 12, член 105, член 106 и член 107 од Законот за работните односи.

Со оглед на тоа што Спогодбата за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност на платите во областа на социјалната заштита, склучен помеѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на република Македонија и Министерството за труд и социјална политика од 30 јануари 2009 година, не е предмет на оспорување со поднесената иницијатива, туку се користи како аргумент во поткрепа на основаност на наводите од иницијативата, Судот оцени дека не постои деловничка основа за впуштање во оцена на нејзината согласност со Уставот и со законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.144/2009
16 декември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски