144/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 366 став 4 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија” бр.28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на член 366 став 4 од Законот за трговските друштва со член 55 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005 и 106/2008).

3. Тодор Пљаков адвокат од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 366 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 9 став 2 и член 32 ставови 1 и 5 од Уставот. Ова затоа што на лицата наведени во оспорениот член не се применувале одредбите од колективните договори, како и одредбите од Законот за работните односи кои се однесувале на засновањето и престанувањето на работниот однос, на дисциплинската одговорност, на платата, на надоместоците и на заштита на правото на работниците. Co оваа законска одредба фактички наведените лица немале право на судска заштита, особено во случај на престанок на работниот однос.

Исто така, оспорената одредба била во колизија и со член 55 од Законот за работните односи кој бил донесен по донесување на Законот за трговските друштва.
Од наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја поништи оспорената одредба.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 366 став 4 од Законот за трговските друштва „на извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор, односно на управителот и на раководните лица не се применуваат одредбите од колективните договори, како и одредбите од Законот за работните односи што се однесуваат на засновањето и на престанувањето на работниот однос, на дисциплинската одговорност, на платата, на надоместоците и на заштита на правата на работниците. Правата од овие одредби од Законот за работните односи, овие лица ги остваруваат на начин и според условите утврдени во договорот од член 350 на овој закон и договорот од ставот 3 на овој член”.

5. Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработувањето и заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 5 на член 32 од Уставот, остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005 и 106/2008) со овој закон се уредуваат работите меѓу работникот и работодавачот кои се воспоставуваат со склучување на договорот за вработување.

Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Во членот 54 од наведениот закон е утврдено дека ако договор за вработување склучуват деловни лица (менаџери) во договорот за вработување страните можат поинаку да ги уредат правата, обврските и одговорностите од работниот однос, a кои се однесуваат на условите и ограничувањето на работниот однос на определено време, работното време, обезбедување на дневен и годишен одмор, плаќање на работникот и престанување на важност на договорот за вработување.

Во член 55, пак, од Законот е утврдено дека работоводниот орган (менаџер) правата и обврските од работен однос, за времето додека е именуван, односно избран на таа должност, ги остварува кај работодавачот кај кого е именуван, односно избран според одредбите на овој закон и друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Од наведените одредби од Законот произлегува дека законодавецот го утврдува договорот за вработување како основ за воспоставување на работниот однос при што правата и обврските од тој однос ги поврзува и условува со работното место, односно функцијата за кое е скучен договорот за вработување.

Bо Законот за трговските друштва во членот 3 ставот 1 точките 12 и 13 е дефинирано значењето на договорот за уредување на односите меѓу друштвото и извршниот член на одборот на директори, член на управниот одбор, односно управителот и договорот за уредување на односите со раководно лице и друштвото преставувано од органот на управување.

Покрај општото определување на менаџерскиот договор Законот за трговските друштва содржи и други одредби (чл. 350, 361, 362, 363, 365 и 366) од чија содржина произлегува дека менаџерскиот договор е поинаков договор за работа од оној што го дефинира Законот за работните односи. Менаџерскиот договор е специфичен договорен однос чија содржина ја сочинуваат правата и обврските на извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор односно на управителот утврдени во Законот за трговски друштва и во статутот на друштвото.

Во член 366 од Законот за трговските друштва се поставени основите на уредувањето на работно правниот статус на извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор односно управителот и раководните лица во друштвото кои со одлука на органот на управување се назначени како лица со посебни овластувања. Имено според член 366 став 1 од Законот за трговските друштва, ако извршниот член на одборот на директори, член на управниот одбор, односно управител бил во работен однос во друштвото, правата и обврските од работниот однос му мируваат од денот на изборот, при што членот на органот го задржува правото по истекот на мандатот или доколку биде отповикан или даде оставка пред истекот на мандатот да се врати на работното место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.

Согласно ставот 2 на наведениот член, од денот на изборот, избраното лице заснова работен однос како член на соодветниот орган во друштвото, a правата од работен однос ги остваруваат според условите утврдени во договорот за уредување на односите меѓу него и друштвото.

Законот за трговските друштва со наведениот став остава можност функцијата извршен член на одбор на директори, односно член на управен одбор да се врши и без засновање на работен однос имајќи го предвид исклучокот од член 346 став 2 од Законот за трговските друштва.

Во ставот 3 на член 366 од Законот на сличен начин е уреден работно-правниот статус на раководните лица во акционерските друштва. Овие лица се менаџери од понизок ранг односно степен на овластувања и одговорност дадени од органот на управување со договорот за уредување на односите меѓу органот на управување и избраното раководно лице.

Во оспорениот став 4 на член 366 од Законот за трговските друштва кој е резултат на утврденииот статус на извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор односно на управителот и на раководното лице (ставовите 1, 2 и 3 на член 366) е предвидено дека на овие лица не се применуваат одредбите од колективните договори како и одредбите од Законот за работни односи, a кои се однесуваат на засновањето и престанувањето на работниот однос на дисциплинската одговорност, на платата, на надоместоците и на заштита на правата на работниците.Овие права утврдени во Законот за работните односи, наведените односно избраните лица ги остваруваат на начин и според услови утврдени во договорот од член 350 и член 366 став 3 од Законот за трговските друштва.

Имајќи го предвид наведеното од што произлегува дека менаџерскиот договор е специфичен договорен однос кој се воспоставува со или без засновање на работен однос со кој се уредуваат односите меѓу друштвото и избраниот член на одборот на директори, член на управниот одбор односно управител или со кој се уредуваат односите меѓу органот на управување и раководното лице, Судот оцени дека наводите од иницијативата дека со оспорениот член се повредувале одредбите од Уставот кои упатуваат на тоа дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор се неосновани.

Ова оттаму што во уредувањето на прашањата од работен однос, Уставот не ја определува содржината и обемот на уредувањето на правата, што значи дека овие прашања може да се уредат со еден или повеќе закони кои не се ограничени со нормите од колективното договарање или поточно речено формулацијата „со закон” наведува на заклучок дека правата на вработените и нивната положба може да се уредат со еден но и со повеќе закони, a со колективните договори можат да се доуредат правата и обврските на работниците и работодавачите.

Co оглед на изнесеното, a тргнувајќи од анализата на член 32 став 5 од Уставот, одредбите од Законот за трговските друштва и Законот за работните односи кои на специфичен начин го уредуваат прашањето за менаџерскиот договор, наспрема содржината на оспорениот член 366 став 4 од Законот за трговските друштва според кој за одредени прашања кои врз основа на законот таксативно се уредуваат со менаџерскиот договор и за кои прашања не се применуваат одредбите од колективните договори и одредбите од Законот за работните односи, Судот оцени дека оспорениот член 366 став 4 од Законот е во согласност со член 9 став 2 и член 32 ставовите 1 и 5 од Уставот.

Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со член 50 став 1 од Уставот, затоа што наведените лица од член 366 став 4 од Законот немале право на судска заштита особено во случај на престанок на работниот однос Судот оцени дека не се основани. Ова оттаму што од анализата на оспорената одредба не произлегува дека е исклучена секаква судска заштита. Имено, исклучувањето на заштитата на правата, обврските и одговорностите од работен однос уредено со Законот за работните односи и колективните договори не значи и не треба да се толкува како што тоа го толкува подносителот на иницијативата, дека договорните страни кај менаџерскиот договор намаат право на судска заштита. Со оспорениот закон се исклучува примената на одредбите од Законот за работните односи во поглед на начинот на остварување на заштита на правата на работниците од работен однос, но не ја исклучува судската надлежност за решавање на споровите помеѓу страните во врска со менаџерскиот договор и правата што произлегуваат од него.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 366 став 4 и со член 50 став 1 од Уставот.

6. Во врска со наводите од иницијативата дека оспорениот член 366 став 4 од Законот за трговските друштва бил во колизија со член 55 од Законот за работните односи, Судот оцени дека согласно надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите, поради што согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.144/2008
29 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски