144/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 10 алинеја 4 од Правилникот за организација и систематизација на работните места на Јавна научна установа “Институт за сточарство” – Скопје.

2. Д-р Симо Георгиев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот акт бил повреден член 6 став 6 од Законот за научно-истражувачката дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/1996) и Уставот на Република Македонија.

Имено, според наводите во иницијативата, работите и работните задачи кои според описот ги извршувале дел од соработниците (асистенти) биле децидно наведени во алинејата 4 на членот 10 од оспорениот акт “изработува елаборати и апликативни проекти”, а не биле наведени и кај научните работници кои во хиерархијата на звањата согласно Законот стоеле на повисоко рамниште од вработените избрани со соработнички звања. Според тоа, подносителот смета дека со оспорениот акт на научните работници им е ускратено правото да вршат работи со какви биле овластени асистентите.

Поради изнесените причини, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на оспорениот акт и потоа истиот да го поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 10 од Правилникот, за работното место асистент-истражувач описот на работа и работни задачи е:

– учествува во изведувањето на опити во научно-истражувачки проекти;
– врши непосреден надзор во изведувањето на опитите од страна на соработниците – помлади асистенти и лаборантите;
– помага на раководителот во научно-истражувачкиот проект при обработката на податоците за извештаи и научни трудови;
– изработува елаборати и апликативни проекти;
– учествува во смотри и контрола на производните особини на приплоден добиток и др.;
– учествува на конгреси, симпозиуми, советувања и други научни и стручни собири преку презентирање на сопствени истражувања;
– активно работи на свое усовршување (докторат); и
– врши и други работи по налог на раководителот на одделението.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Од причина што оспорениот Правилник, бил предмет на оценување од страна на Уставниот суд и со Решение У.бр.166/2004 од 10 ноември 2004 година, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за организација и систематизација на работните места на ЈНУ Институт за сточарство, ја отфрлил, бидејќи истиот не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку интерен акт, не наоѓа основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во конкретниов случај се исполнети условите да се одлучи согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.144/2004
24 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова