144/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 од Законот за помилување (“Службен весник на РМ” бр.20/93).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидува претседателот на Републиката без спроведување на постапка за помилување, а тоа значело по слободна оцена или лично убедување, да врши помилување, поради што законската одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот (односно со владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија), со член 9 од Уставот (односно со уставното начело на еднаквост на граѓаните), со член 51 став 1 од Уставот (односно со определбата законите да мораат да бидат во согласност со Уставот) и со член 79 став 3 од Уставот (односно со определбата претседателот на Републиката своите права и должности да ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите).

3. Судот, на седницата, утврди дека со член 11 од Законот е определено претседателот на Републиката по исклучок да може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривично дело укажуваат дека е тоа оправдано.

4. Според член 84 став 1 алинеја 10 од Уставот, претседателот на Република Македонија дава помилување во согласност со закон, а според член 79 од Уставот претседателот на Републиката ја претставува Републиката (став 1) и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (став 3).

Оттука, произлегува дека Уставот определил помилувањето да е овластување на шефот на државата (не на законодавецот), чии основи (ситуации) и рамки (обем) можат да се операционализираат (разработат) со закон, но без притоа да се доведе во прашање надлежноста на преседателот на Републиката да помилува и да ја претставува државата, надвор и дома.

Со оглед на тоа што со членот 11 од Законот се определуваат основите (две ситуации) и рамките (државен интерес или специфични околности) на правата и должностите на шефот на државата, во врска со помилувањето, таквата одредба има уставна основа на наведените членови од Уставот, па аналогно на тоа законската одредба не е во несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеењето на правото), член 51 став 1 (определбата за согласност на законите со Уставот) и член 79 став 3 од Уставот (овластувањата на шефот на државата да се определи со Уставот и со закон). Исто така, законската одредба не е во несогласност ни со член 9 од Уставот (начелото на еднаквост) бидејќи секој субјект кој ќе се најде во еден од наведените две ситуации, може да бара помилување по тој основ без спроведување на вообичаената постапка, а тоа што за едни граѓани е пропишана редовна постапка, а за други нема таква постапка, последица е на различни ситуации, па нема нееднаквост ако постојат различни правила за различни ситуации.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.144/99
15 септември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков