143/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари и 14 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Закон за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007).

2. Васил Велковски во име на Правно деловен консалтинг Велковски, дооел Скопје и Бранислав Стефановски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на првата иницијатива поднесена од Васил Велковски со наведниот закон на поранешните сопственици им се ограничувало правото во денационализација да бараат враќање или плаќање на имотот после 31 декември 2007 година.

Според овој подносител на иницијативата, се поставувало прашањето: „што станува со имотот што се денационализира, а не била поведена судска или управна постапка до 31 декември 2007 година“? Со измените на законот што биле направени со наведениот оспорен закон во врска со членот 49 од Законот, значело дека државата повторно го национализира имотот, што било спротивно на членот 30 од Уставот од причина што на поранешните сопственици или на нивните наследници им се ограничувало правото на сопственоста на имотот што се денационализирал.

Овој подносител на иницијативата ја оспорува и измената на членот 64 став 2 од Законот наведувајќи дека недвижностите, што се предмет на денационализација се враќаат во сопственост во состојба во која се наоѓаат на денот на влегувањето во сила на законот. Бидејќи постапката за денационализација можела да трае подолго време, повеќе години со Законот се забранувало располагање со имотот што бил предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создавале обврски за барателот (член 64 став 1). Нужна последица на оваа забрана била ништавноста на правните дела и едностраните изјави на воља (член 64 став 2). Ова значело дека сите правни дела и еднострани изјави на вољата, со кои на било кој начин се располагало со имот што бил предмет на денационализација, буле ништовни. Со извршеното дополнување, ништовни биле само правните дела и едностраните изјави на воља кои се однесувале на имот за кои барањето за денационализација било поднесено до 7 мај 2003 година. Доколку, барањето било поднесено после 7-ми мај 2003 година, а била склучена правна работа со која се располагало со имотот, независно кога била склучена, таквата правна работа не била ништовна! Мотивите за ваквото решение, биле со цел, да останат во сила договорите за продажба на имот, предмет на денационализација, а пред се на градежно и земјоделско земјиште што државата го има продадено на јавни лицитации или во четири очи, по цена која можела да биде десет до петнаесет пати повисока од онаа која им се плаќало на барателите, кога имотот неможел да им биде вратен. Измените на законот во однос на членот 64 став 2 имале ретроактивно дејство.

Поради изнесеното, оспорените измени на Законот не биле во согласност со принципот на правната заштита на сопственоста (член 8), член 30 став 3 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, поради што се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон.

Според вториот подносител на иницијативата, Бранислав Стефановски со измените на законот во 2007 година се укинувало правото за водење на постапка за денационализација преку парнична постапка, при што се правела суштинска повреда на со Устав загарантираното право на еднаквост, еден дел од граѓаните се ставале во нерамноправна положба во однос на оној дел кој што до донесувањето на наведените измени постапката за денационализација можеле да ја поведат по парнична или управна постапка, поради што се бара од Судот да го укине оспорениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација, во Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000 и 42/2003), членот 49 се менува и гласи:

„Барањата за денационализација се остваруваат само во управна постапка.

Барањата за денационализација во управна постапка можат да се поднесат до 31 декември 2007 година.

По истекот на рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, може да се бара давање на надоместок, а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки.

По истекот на рокот од ставот 2 на овој член, правото да се поднесе барање за денационализација престанува“.

Според член 2 од оспорениот Закон, поведените парнични постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон по барање за враќање на имот или за плаќање на надоместок, ќе продолжат според одредбите кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според член 3 од оспорениот Закон, во членот 64 став 2 по зборот „ништовни“ точката се брише и се додаваат зборовите: „ако барањето за денационализација е подннесено во рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година“.

Според член 4 од оспорениот Закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Судот на седницата исто така, констатира дека Законот за денационализација е влезен во сила на 7 мај 1998 година по објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998. Законот имал три измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2000, 42/2003 и 44/2007).

Членот 49 од Законот, пред последните измени во 2007 година, имал три става. Ставот 1 на овој член од Законот предвидел дека барањето можело да се поднесе во рок од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон (од 7 мај 1998 до 7 мај 2003 година).

Тоа бил рокот за поднесување на барања за денационализација во управна постапка, кои според концептот значело и враќање на имотот и обесштетување доколку не можело враќање (надомест).

Ставот 2 од членот 49 од Законот предвидуваше дека по истекот на рокот од ставот 1 на овој член, барањето за враќање на имот можело да се поднесе само доколку во меѓувреме не настапиле правни и фактички промени, а најдоцна во рок од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон (по 7 мај 2003 до 7 мај 2005 година, во управната постапка сеуште можеле граѓаните да поднесуваат барања). Но битна е формулацијата дека за барањата од овој период, веќе ја нема обезбедно опцијата враќање на имотот, туку само и доколку за тој имот не е променета правната и фактичката состојба.

Ова значи врската исклучиво со ставот 1 од членот 49 од Законот е неодвоива со одредбите на членот 64 од Законот кои се заштитни. Членот 64 не дозволувал располагање со имотот што е предмет на денационализацијата, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот, а правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со ставот 1 на овој член се ништавни.

Променетата правна и фактичка состојба на имотот значело дека државата веќе можела по 7 мај 2003 година да располага со имотот, доколку до овој датум не било поднесено барање за денационализација. Имотот сепак можел да биде предмет на обесштетување (давање на надомест) или вратен, но само ако немал променета правна и фактичка состојба.

Заштитниот член 64 од Законот ја имал својата функција само во врска со ставот 1 на членот 49 од Законот, и се однесувал за барања поднесени до 7 мај 2003 година. Ставот 2 на членот 49 од Законот го либерализирал располагањето на државата со имотот.

Во ставот 3 од членот 49 од Законот беше предвидено дека по истекот на рокот од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон може со тужба, во парнична постапка да се бара плаќање на надомест, а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки. Тоа е периодот по 7 мај 2005 година и без никаков временски лимит, граѓаните можеле пред надлежните судови, (а не во управна постапка) да поднесуваат тужбени барања за обесштетување ( со надоместо во пари) или за враќање на поранешниот имот. А Република Македонија со тоа требала да биде секоја година подготвена да ги извршува судските одлуки за обесштетување или враќање на имотот. Оваа одредба резултирала предмети пред судовите во Република Македонија по кои се решава, но оваа можност на судско одлучување по барања за денационализација, е запрена со последната измена на Законот, односно по 14 април 2007 година нема законска можност за нови тужбени барања така што надлежните судови ќе ги решаваат тужбите поднесени од 7 мај 2005 до 14 април 2007 година.

Со последните изменувања и дополнувања на Законот законодавецот всушност регулирал дека од влегувањето во сила на законот (14 април 2007 година) барањата за денационализација може да се остваруваат само во управна постапка – тоа е всушност продолжен рок во управна постапка и тоа до 31 декември 2007 година. Истоветно, како и во претходното законско решение со ставот 3 на членот 1 од Законот е уредено дека по истекот на рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација (7 мај 2003 година) може да се бара давање на надоместок, а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки, ставот 4 на членот 1 од Законот утврдува дека по истекот на рокот од ставот 2 на овој член, правото да се поднесе барање за денационализација престанува, а тоа значи ниту во управна ниту во судска постапка.

Додека пак, со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација членот 64 став 2 од Законот е само прецизиран, а суштински по својата содржина е истоветен на претходното решение – пред измените на Законот.

Од изнесеното произлегува дека со влегувањето во сила на измените на Законот од 2007 година не се задира во правата стекнати претходно за веќе поднесените барања за денационализација. Измените, својот акцент го имаат во делот на продолжување на рокот во управна постапка да се поднесуваат нови барања (31 декември 2007 година), и запирање на правото за поднесување на тужбени барања за денационализација во судска постапка.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и правната заштита на сопственост претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата. Според став 3 на овој член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен ако се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Со донесувањето на Уставот и неговата операционализација со законите со кои започна и се остварува процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост, а особено со донесувањето на Законот за денационализација, на поранешните сопственици и нивните наследници им е признаено правото на враќање во сопственоста и правото на надомест на одземениот имот.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање на надоместот за имот одземен во корист на државата.

Според член 11 од Законот, право да поднесе барање за денационализација има поранешниот сопственик, односно лицата кои се негови наследници, според прописите за наследување (барател).

Според член 13 од Законот, во постапката за денационализација се применуваат одредбите на Законот за општа управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за денационализација е донесен на 30 март 2007 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007 година и е влезен во сила на 14 април 2007 година.

За уставносудската анализа на оспорените одредби од Законот, битно е дека денационализацијата преставува мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа правото на сопственост, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не може да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедува надомест.

Оттука и Законот е систематизиран така што во посебна Глава II „Враќање во сопственост“ ги уредува прашањата за тоа кој имот е предмет на враќање и под кои услови. Прашањето за надоместокот во случај кога не е можно враќање е регулирано во посебна Глава III од Законот со наслов „Надомест“.

Поаѓајќи од самиот концепт на Законот за денационализација и неговата основна цел – враќање на имотот на поранешните сопственици односно обесштетување, на кои со присилни прописи им бил одземен тој имот, јасно произлегува дека Законот за денационализација всушност е донесен во корист на поранешните сопственици и нивните наследници. Законот како странки во постапката ги определил само барателот на имотот (поранешен сопственик односно, негов наследник) и јавниот правобранител кој ги штити интересите на државата, а не и други заинтересирани лица.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорените членови од Законот не биле во согласност со членот 30 од Уставот, Судот смета дека членот 30 од Уставот на Република Македонија ги регулира ситуациите на одземање (експропријација), односно ограничување на сопственоста и наметнува обврска на државата ваквото ограничување да го компензира со праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност на предметниот имот, а во случајов кај денационализацијата се работи за обратен процес во кој државата не одзема, ниту ограничува имот туку предмет на денационализацијата е враќање во сопственост.

Оттаму, одредбата од членот 30 од Уставот не може да се доведе во корелација со прашањето на денационализација бидејќи во денационализација не станува збор за одземање или ограничување на сопственоста, туку напротив, за враќање на сопственоста во постапка и на начин регулирани со закон. Денационализацијата е регулирање на специфични имотно правни односи врз одреден правен режим утврден со закон.

Во тој контекст и определувањето надомест за имот кој не може физички да се врати според неговата вредност во времето на одземањето, дури и кога тој не би соодветствувал на претпоставената пазарна вредност на тој имот, не може да се смета за арбитрерно, туку е израз на волјата на законодавецот да ги обештети поранешните сопственици, дури и во случај кога нивниот имот престанал да постои.

Во иницијативата, исто така се наведува дека со ограничувањето на правото на поранешните сопственици или нивните наследници, да им биде вратен или платен имотот по пат на управна односно судска постапка, државата повторно го национализирала еднаш веќе национализираниот имот и тоа било спротивно на членот 30 од Уставот.

По однос на овие наводи во иницијативата Судот смета дека донесувањето на Законот за денационализација има за цел да ги намали последиците од присилните прописи, со кои имотот бил во минатото национализиран, секако на начин и во постапка утврдени со закон.

Согласно со ваквата цел на Законот биле определени и роковите за поднесување на барање за враќање на имотот и давање надомест кои изнесуваат пет години од денот на влегувањето во сила на законот, односно седум години ако во меѓувреме не настапиле правни и фактички промени на имотот.

Законот за денационализација пред последните измени давал можност за враќање и давање надомест и по истекот на рокот од седум години во парнична постапка ако во тој рок не е поднесено барање во управна постапка.

Роковите за поднесување на барање за денационализација пред донесувањето на измените на Законот за денационализација, рокот од пет години од влегување во сила на законот, по тоа седум години за барање за враќање на имот, доколку во меѓувреме не настапиле правни и фактички промени и се со продолжување на рокот до 31 декември 2007 година (со измените на Законот), според мислењето на Судот се сосема доволни поранешните сопственици, односно нивните наследници да ги остварат своите права од денационализација и дека процесот на денационализација не би требало да се одвива во недоглед и бесконечно. Во оваа насока, значи се направени и измените и дополнување на оспорениот закон со кој би требало да се надминат искажаните состојби преку остварување на барањата за денационализација само во управна постапка и истовремено да се заокружи процесот на денационализација. Право на законодавецот е да го пропишува со закон овој режим.

Во овој контекст не постои уставна пречка денационализација како процес да може да биде ограничена со рокови, па од тука и правото на државта како сопственик на имотите да ги определува и роковите во кои поранешните сопственици, односно нивните наследници ќе ги остварат своите права од денационализацијата.

Со оглед на изнесеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (со кој се менува членот 49 од Законот) со Уставот.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.72/2006 од 14 март 2007 година, меѓу другото не поведе постапка и за оценување на уставноста на членот 64 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000 и 42/2003).

Во образложението на решението меѓу другото стои дека оспорената одредба од член 64 од Законот забранува секакво располагање со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот и предвидува ништовност на правните дела и едностраните изјави на воља спротивни на оваа забрана. Со оваа одредба, всушност се заштитува имотот предмет на денационализација и правата на поранешните сопственици врз тој имот, со што се овозможува остварување на целта на законот, односно враќање на имотот на поранешните сопственици. Со оваа одредба, всушност се заштитува имотот предмет на денационализација и правата на поранешните сопственици врз тој имот, со што се овозможува остварување на целта на законот, односно враќање на имотот на поранешните сопственици.

Дополнувањето на членот 64 од Законот, што е направено со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација „Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007 со кој се додаваат зборовите: „ако барањето за денационализација е поднесено во рок од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година“, не е од влијание за да се менува и ставот на Судот изразен во Решението У.бр.72/2006 од 14 март 2007 година, бидејќи во суштина одредбата е истоветна од пред измените, и е прецизирање на нејзината функција за настанатите договори и други односи до 7 мај 2003 година.

Имено, измената на оспорениот член 64 има за цел да ја дообјасни и допрецизира оваа одредба, во однос на нејзиното делување, и е во функција на што подобра нејзина имплементација за сите субјекти кои се поврзани со процесот на денационализација (баратели, државата, судовите).

Оттука, дополнувањето на оспорениот член 64 од Законот, бидејќи нема суштински промени туку е прецизирање на она што и претходно одредбата го уредувала, не е ниту во интерес, ниту на штета на барателите во денационализацијата и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека има ретроактивно дејство, ниту се повредени правата утврдени со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на членот 1 ставовите 1 и 4 од Законот е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.143/2007
14 мај 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски