142/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

а) членовите 5, 8. 9 и 10 од Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007, 70/2008 и 81/2009) и

б) член 5 од Правилникот со Тарифа за измени и дополнување на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2008) .

2. Друштвото за маркетинг и услуги ТАЛЕНТ БОКС ДОЕЛ –Гостивар, застапувано од управителот Филип Николовски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од правилниците означени во точка 1 од ова решение.

Со иницијативата се оспоруваат членовите 1, 2, 3 и 4 од Правилникот со Тарифа за измени и дополнување на Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела, („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2008), со кои се изменети членовите 5, 8. 9 и 10 од основниот текст на Правилникот, поради што предмет на анализа пред Уставниот суд на Република Македонија е интегралниот текст на овие одредби од Правилникот, со сите измени и дополнувања (означени во точка 1.а) од ова решение) и посебно член 5 од Правилникот означен во точка 1. б) од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените членови од Правилникот кои се донесени по Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.74/2007, со која Уставниот суд на Република Македонија ги укинал членовите 5, 8, 9 и 10 од Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела, повторно биле во спротивност со Законот за авторски права и сродните права, ова затоа што членовите 1, 2, 3 и 4 од измените на Правилникот повторно ја содржеле истата содржина од веќе претходно укинати одредби, но на модифициран начин со цел да се прикрие идентичноста на новата со старата содржина на овие одредби.

Подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од членовите 20, 30 и 47 од Уставот, кои според него претставувале реална основа Собранието на Република Македонија да го донесе Законот за авторско право и сродни права, со чии одредби се регулирало остварувањето на авторските права. Исто така, со Законот било предвидено дека надоместоците за користење на делата превентивно се уредувале со договор меѓу здружението за колективно остварување и националниот радиодифузен сервис, односно со соодветното здружение на корисници – нивната комора. Доколку надоместокот не бил определен на ваков начин, истиот се плаќал согласно Правилникот за користење на авторските права со Тарифата за користење на авторските права за висината на надоместоци на здружението за колективно остварување на кој согласност дава Министерството за култура.

Согласно Законот, доколку користењето на авторско дело било нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користење на делото како што било случај со концертните, танчерските и другите користења, предвидено било висината на надоместокот во Правилникот да биде определен во процент од приходот, односно добивката која што корисникот ја остварува со користењето на авторското дело.

Според подносителот на иницијативата, при споредба на законските одредби и одредбите од членовите 2 и 3 од оспорениот Правилник, можело да се утврди дека одредбите од Правилникот не биле во согласност со Законот, затоа што во Правилникот бил предвиден поинаков начин на пресметување на надоместокот од начинот предвиден во Законот.

Според подносителот, а согласно Законот, процентот требало да се определува од остварената добивка од одржаните концертни користење на авторските права, а не како во оспорениот член 3 од Правилникот, според кој висината на надоместокот се определувал по правило во процент од приходот. Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека: прво за него не било јасно што значел дел од одредбата „по правило“ па според него од правилото имало исклучоци кои правилникот не ги предвидел што било спротивно на начелото на сигурност во правниот промет и второ, Законот предвидувал процент од добивката. Во случај на определување на процент од добивката основицата за пресметување на надоместокот бил износот што се добивал по одбивање на сите расходи кои корисникот ги имал за организација на концертните односно танчерски користења.

Подносителот на иницијативата смета дека одредбата од член 3 став 2 од Правилникот исто така е незаконита и содржи нејаснотии од причина што процентот од 10% гратис што ги признава ЗАМП бил нејасен односно не се знаело од што се определувал тој процент, дали од вкупниот број на отпечатени и пуштени билети во продажба или од вкупниот број на продадени билети. Воедно, подносителот го наведува и членот 5 од Правилникот во кој се предвидувало дека во тарифата се бришел зборот “ бруто”, не бил јасен, односно не било јасно за кој износ на приход станувало збор кога се утврдувала основицата за пресметување на надоместокот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 1 од Правилникот за Тарифа за измени и дополнување на Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2008) со кој се менува член 5 од Правилникот со Тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007), “Надоместоците за јавно соопштување на делата што ги штити ЗАМП, првенствено се утврдуваат со договор меѓу ЗАМП и соодветни здруженија на корисници, односно нивна комора, како и со договор меѓу ЗАМП и националниот радиодифрузен сервис. Доколку надоместоците за јавно соопштување не се определени со договор, тие се плаќаат согласно со Правилникот и Тарифата за користење на авторски музички дела на ЗАМП.“

Според оспорениот член 2 од измените во Правилникот со кој се менува членот 8 од основниот Правилник: „Висината на надоместот, доколку користењето на делото е нужно за вршење на дејност на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делото, како што е случај кај радиодифузното користење се определува, по правило во процент од приходот.“

Според оспорениот член 3 од измените на Правилникот со кој се менува член 9 од основниот Правилник: „Висината на надоместот кај концертнитe, танчерските и другите користења, кај кои користењето на делата е исто така нужно за вршење на дејноста, се определува по правило, во процент од приходот остварен со продажба на влезните билети. Билетите кои се даваат на спонзорите или донаторите од страна на организаторите на концерти, танчерските и другите користења се пресметуваат од приходот од соодветниот концерт, танчерски и други користења. ЗАМП признава до 10% гратис од вкупниот број билети. Висината на надоместот се утврдува во процент од хонорарот на изведувачите доколку не се наплаќаат влезните билети кај концертните, танчерските и другите корисници. Кај концертните, танчерските и другите користења, доколку не се врши наплата на влезниците или други наплатувања или ако изведувачите не примат надомест, висината на мининалниот надомест се утврдува во бодови“.

Според оспорениот член 4 од измените на Правилникот со кој се менува член 10 од основниот Правилник: „Висината на надоместот се определува во паушален износ, изразен во бодови, доколку користењето на авторското дело не е нужно за вршење на дејност на корисникот, меѓутоа е корисно или пријатно за корисниците на неговите услуги (хотелски објекти, пансиони, објекти за смествување, изложбени простори, угостителски објекти, превозни средства и други јавни објекти) за постојни или повремени користења. Во предвид се зема подрачјето на користење (бројноста на потенцијалните корисници), категоријата и големина на просторот, траењето. Вредноста на бодот во тарифниот дел од Правилникот изнесува 4,00 денари.“

Со членот 5 од измените на Правилникот се вршат измени во Тарифата, со тоа што во тарифните броеви 1, 2, 3, 16, 29, 30, 31 и 32 зборот “бруто” се брише.

4. Согласно членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, кое според ставот 2 на овој член, создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со членот 47 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво и се гарантираат правата што произлегуваат од било кој вид интелектуално творештво.

Според членот 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1996, 3/1998, 98/2002, 4/2005, 23/2005-пречистен текст и 131/2007), предмет на уредување на овој закон е правото на авторите над нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста (авторско право) и правото на изведувачите, на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации, на издавачите и другите лица утврдени со овој закон, како и на изготвувачите на бази на податоци (сродни права) над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според член 146 од наведениот закон „Надоместоците за користење на делата првенствено се утврдуваат со договор меѓу здружение за колективно остварување и националниот радиодифузен сервис, како и со договор меѓу здружение за колективно остварување и соодветно здружение на корисниците односно нивна комора.. Под соодветно здружение на корисниците, односно нивна комора во смисла на овој став, се подразбира здружение,односно комора основано согласно со закон која го претставува мнозинството на корисниците од определената дејност, дел од дејност или збир на дејности.

Доколку надоместот не е определен согласно со ставот 1 на овој член, тој се плаќа согласно со правилникот за користење на авторските дела со тарифата за висината на надоместоците на здружението за колективно остварување, на кој согласност дава Министерството за култура.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од членовите 138 до 155 од Законот за авторското право и сродните права кои се однесуваат на колективното остварување на авторските права, а посебно членот 146, наспрема наводите од иницијативата кои се однесуваат на оспорениот член 1 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот со Тарифа за користење на авторски музички дела, според Судот оспорениот член 1 е во насока на операционализација на член 146 од Законот во смисла на тоа што со него се утврдува дека надоместоците за користење за јавно соопштување на делата кои ги штити ЗАМП првенствено се уредуваат со договор меѓу ЗАМП и соодветните здруженија на корисници, односно нивна комора како и со договор меѓу ЗАМП и националниот радиодифузен сервис, а доколку надоместоците за јавносоопштување на делото не се определени со договор тие надоместоци се плаќаат согласно со Правилникот за користење на авторски музички дела со Тарифа со која се утврдува висината на надоместоците на здруженијата за колективно остварување на авторски музички дела.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 од Правилникот со член 146 од Законот за авторско право и сродните права како и со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Според членот 146-б став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, („Службен весник на Република Македонија“ број 4/2005), доколку користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делата, како во случај на радиодифузното користење, концертните, танчерските и другите користења, висината на надоместот во правилникот со тарифата се определува, по правило, во процент од приходот, односно добивката која што корисникот ја остварува со користењето на авторското дело.

Со оспорениот член 2 од измените на Правилникот со кој се менува член 8 од основниот Правилник е определено дека „висината на надоместот, доколку користењето на делата е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делото, како што е случај кај радиодифузните користење се определува, по правило во процент од приходот.

Оспорениот член 2 со кој што се менува членот 8 од основниот текст на Правилникот, бил предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, кој со Одлуката У.бр.135/2008 од 18 февруари 2009, година го укинал. По донесување на оваа одлуката на Уставниот суд, изршени се измени во Правилникот за Тарифа за измена и дополнување на Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2009). Според членот 8 од Правилникот кој е во сила: „Висината на надоместокот, доколку користењето на делото е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делото, како што е случај кај радиодифузното користење, се определува по правило во процент од приходот, односно добивката која што корисникот ја остварува со користењето на авторското дело”.

Според Судот, измената на членот 8 од Правилникот, односно начинот според кој се утврдува висина на надоместокот за користење на авторски музички дела е во согласност со член 146-б од Законот за авторското право и сродните права.

Според член 146-б од Законот, доколку користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делата, како во случај на радиодифузното користење, коцертните, танчерските и другите користења, висината на надоместот во правилникот со тарифата се определува, по правило, во процент од приходот, односно добивката којашто корисникот ја остварува со користењето на авторското дело.

Доколку со користењето на авторското дело не се остварува приход, односно добивка висината на надоместот во правилникот со тарифата може да се определи во процент од трошоците потребни за користење на делото, како што се: надоместоците или платите на уметниците, трошоците за користење на просторот при користење на делата или други соодветни трошоци.

Со надоместоците што се определуваат во проценти се определува и најнискиот износ на надоместот.

Доколку користењето на авторското дело не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа е корисно или пријатно за корисниците на нивните услуги, како во случај на хотелските објекти или другите објекти за сместување, изложбените простори, угостителските објекти, превозните средства и другите јавни објекти, висината на надоместокот во правилникот со тарифата се определува во паушален износ и тоа коко за постојаните, така и за повремените користења на делата.

Определувањето на висината на паушалниот надомест во Правилникот со тарифата, како и во случај на надоместот од ставот 3 на овој член се зема во предвид околноста на користењето, и тоа: видовите на користење, подрачјето на користење (бројноста на потенцијалните корисници), категоријата и големината на просторот, траењето и бројот, како и разликата во висината на цените во работењето на корисникот.

Имајќи ја предвид содржината на член 146-б од Законот за авторското право и сродните права, анализата на оспорениот член 3 со кој се менува членот 9 од Правилникот наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите не се основани. Ова затоа што, според Судот, предвидениот начин на утврдување на висината на надоместот според правилникот кој по правило се пресметува во процент од приходот, односно (добивката) остварен со продажба на билети, како и од приходот остварен од соодветен концерт или процент од хонорар, претставува реална основа за утврдување на надоместот или поточно речено приходот (добивката) што се остварува со користење на авторските дела претставуваат основа за утврдување на висината на надоместот ако за користење на авторското дело (танчерски, концертни и други користења) не се врши наплата или изведувачите не примаат надомест висината се утврдува во бодови.

Наводите во иницијативата дека оспорениот член 3 став 2 од Правилникот не бил јасен во смисла на тоа на што се однесува процентот од 10% гратис што го признава ЗАМП, односно не било јасно дали тој процент се однесувал на отпечатени или пуштени карти во промет или пак продадени, според Судот, исто така, е неоснован. Ова, оттаму што од една страна прво и самиот подносител при поставување на прашањето сам си дава одговор на вака поставеното прашање, а од друга страна пак, според Судот, сосема нормално, реално и објективно е ЗАМП да признава одреден процент од продадените карти гратис, а не да признава гратис од пуштените карти во промет.

Судот, исто така, оцени дека не се основани наводите од иницијативата со кои се оспорува член 4, а со кој се менува членот 10 од основниот Правилник. Ова затоа што подносителот на иницијативата не наведува причини за негово оспорување, туку како и за членовите 1 и 5 само се повикува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.74/2008. Меѓутоа, без оглед на тоа што не се наведени причините за оспорување на овој член, според Судот, во конкретниов случај се работи за утврдување на висина на надомест во паушален износ изразен во бодови (чија висина е 4.00 денари) кога користењето на авторските дела не е нужно за вршење на дејноста, меѓутоа истото е корисно и пријатно (хотели, угостителски објекти, превозни средства). Притоа, при определувањето на висината на надоместот се поаѓа од видовите на објектот, видот на користењето, бројноста, категоријата и други фактори и елементи кои претставуваат појдовна основа за определување на износот на надоместот.

Во врска со наводите од иницијативата за оспорување на член 5 од Правилникот со Тарифа за изменување и дополнување на Правилникот со Тарифа за користење на аввторски музички дела, според кои не било јасно и не се знаело што значело тоа што во наведените тарифни броеви и ставови се бришел зборот „бруто“, поаѓајќи од фактот што во Одлуката У.бр.74/2008 Уставниот суд изразил став дека утврдувањето на надоместот во процент односно паушален износ од бруто приходот не бил во согласност со Законот за авторско право и сродните права, Судот утврди дека доносителот на оспорениот Правилник, односно Собранието на ЗАМП, постапувајќи по одлуката на Судот, со измените на Правилникот од 2008 и 2009 година како основа за утврдување на надоместот за користење на авторски музички дела го зема приходот остварен со користењето на авторското дело, што е во согласност со Законот за авторско право и сродните права. Со оглед на тоа, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 5 од овој Правилникот со одредбите на Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.142/2009
10 февруари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски