142/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за основање на Водостопанство „Кумановско-Липковско Поле“-Куманово број 19-1687/1 од 15 април 2008 година, донесена од Владата на Република Македонија.

2. Обрад Петковски од с. Умин Дол, Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членовите 23 и 29 од Законот за водостопанствата, поради тоа што со оспорената одлука биле именувани дванаесет членови во составот на Одборот на Водостопанството спротивно на законската определба дека составот можел да има од пет до единаесет членови, како и спротивно на законската определба дека тие лица требало да поседуват знаење, искуство и познавање на работењето на системот, но тие услови избраните лица не ги поседувале.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука со која во членот 1 е определено дека се основа Водостопанство „Кумановско-Липковско Поле“ – Куманово и се означени називот и седиштето на фирмата, а во членот 2 е определено дека тоа се основа како јавно правно лице кое ќе врши економично стопанисување, користење, одржување и контрола на системи на подрачјето на дејствување, заради снабдување со вода за наводнување на земјоделско земјиште, за консумирање од страна на човекот (вода за пиење и други потреби) и технолошки потреби, за индустриски потреби, производство на електрична енергија, одводнување на земјиште и одржување на водостопанските објекти и постројки за заштита од поплави, регулација на реки и заштита на земјиштето од ерозија. Со членот 3 од Одлуката е определено географското подрачје и системите кои се опфатени со Водостопанството. Според членовите 4 и 5 од Одлуката, одборот на корисници на вода на Водостопанството се состоел од 12 членови, а со членот 6 од Одлуката се именувани 12 членови на првиот состав на Одборот на Водостопанството со претседател од редот на тие именовани лица. Со членовите 7, 8, 9 и 10 се определени мандатот на членовите на Одборот, основните средства за вршење на дејноста и организацијата.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија е одлучувањето за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од фактот дека оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува основачки акт на Владата на Република Македонија со кој се основа конкретен правен субјект и нема карактер на пропис подобен за уставносудско одлучување, согласно наведените уставни и деловнички одредби Судот оцени дека се настапени услови за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.142/2008
20 јануари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски