Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Упатството за уредување на постапката при решавање на барање за одобрение за сеча, донесено од ЈП “Македонски шуми” на 10 јуни 1998 година.
2. Министерството за правда – Одделение за општа управа, Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што ЈП “Македонски шуми” за решавање на барањето на граѓаните за одобрение за сеча од приватните шуми. го донело оспореното упатство за што немало овластување со закон.
3. Судот на седницата утврди дека оспореното упатство е укинато со известување бр.09-2181 од 28 април 1999 година, кое известување е доставено до сите подружници . Истовремено на сите подружници им се доставени и нови комплети на обрасци за постапката за одобрение за сеча усогласени со одредбите од Законот за шумите.
4. Со оглед на тоа што оспореното упатство е укинато на 28 април 1999 година, а иницијативата е поднесена на 9 јули 1999 година, односно по престанокот на неговото важење, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.142/99
15 декември 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков