142/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на детален урбанистички план на Свети Николе бр.13-37, донесена од Собранието на Општината на 17 април 1996 година – во делот на КП 455/4, 285/6, 231/2 и 228.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Иљо Митев од Свети Николе му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение затоа што за донесување на планот била одржана јавна расправа но по измените кои планот ги претрпел како забелешки повторно не биле изнесени на јавна расправа, со што била повредена постапката за донесување на планот, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека планот во фазата на нацрт план бил изложен на јавна расправа во градските месни заедници на градот Свети Николе од 19 јуни 1995 година до 7 јули 1995 година. Била одржана и усна расправа на 19 јули 1995 година.

Во нацрт-планот кој бил изложен на јавна расправа е предвидено поранешната патека на ул.”Кумановска” помеѓу куќните броеви 20 и 24 да се брише. На овој предлог во нацрт-планот усмена забелешка дал Иљо Митев – подносител на иницијативата, кој истакнал дека местото кое било предвидено да се одземе односно кое со нацрт-планот се дели на објектите 484 и 485/1 и со тоа се брише пешачката патека е во негова сопственост и бара да се вгради пешачка патека и делот од земјиштето да му се врати. На усмено дадениот предлог на подносителот на иницијативата пешачката патека била вцртана во предлог-планот но со едно закосување кон КП 231/1 и со додавање на 1,50 метри за оформување пристапен пат на легално изградениот соседен објект кој се граничи со парцелата бр.231/1.

Од изнесеното произлегува дека иако со нацрт-планот не била предвидена пристапна патека во предлог планот истата се вцртува како резултат на јавната расправа, а делот од земјиштето за кој подносителот смета дека му се одзема и му се доделува на соседната КП заради дооформување на пристапен пат, Судот утврди дека се работи за земјиште во општествена сопственост во износ од 159 м., кое било узурпирано од подносителот на иницијативата, кое го користел подолго години и сметал дека е во негова сопственост, па на тоа земјиште засадил повеќе дрвја и изградил времен објект.

3. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 18/89), нацртите на плановите задолжително се ставаат на јавна расправа која се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог планот. Согласно член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на Републичкото собрание односно на собранието на општината, предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.

Со оглед на тоа што за донесување на оспорената одлука е одржана јавна расправа и врз основа на прифатените забелешки на јавната расправа е изготвен предлог планот, а за неприфатените забелешки е дадено образложение, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.142/96)