14/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 163 ставови 1, 2, 3 и 4 и член 164 ставови 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005,110/2008, 83/2009, 116/2010) и член 13 ставови 1, 2 и 3 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009 и 148/2011).

2. Техно – интерекспорт “Душко ДООЕЛ” на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Судот на седница утврди дека според член 163 став 1, со наслов “Ослободување од плаќање на трошоците на постапката” од Закон за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005,110/2008, 83/2009, 116/2010), судот ќе ја ослободи од плаќање на трошоците на постапката странката која според својата општа имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета за својата нужна издршка и нужната издршка на своето семејство. Ослободувањето од плаќање на трошоците на постапката опфаќа ослободување од плаќање на такси и ослободување од полагање на аванс за трошоците на сведоц ите, вештаците, за увид и за судските огласи.(став 2) Судот може да ја ослободи странката само од плаќање на такси ако со плаќањето на таксите значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката и членовите на нејзиното семејство.(став 3) При донесувањето на одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, судот грижливо ќе ги оцени сите околности, а особено ќе ја земе предвид вредноста на предметот на спорот, бројот на лицата што ги издржува странката и приходите што ги имаат странката и членовите на нејзиното семејство.(став 4)

Согласно член 164 став 1 од овој закон, одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката ја донесува првостепениот суд по предлог на странката. Странката е должна кон предлогот да поднесе уверение од надлежниот орган на државната управа за својата имотна состојба.(оспорен став 2) Во уверението за имотната состојба мора да се назначи износот на данокот што го плаќа домаќинството и одделни членови на домаќинството како и други извори на нивните приходи и воопшто имотната состојба на странката на која и се издава уверението.(став 3) Поблиски прописи за издавање на уверенија за имотната состојба донесува органот определен со посебен пропис.(оспорен став 4) Кога е тоа потребно и самиот суд може по службена должност да ги прибави потребните податоци и известувања за имотната состојба на странката која бара ослободување, а може за тоа да ја сослуша и противната странка.(оспорен став 5) Против решението на су дот со кое се усвојува предлогот на странката не е дозволена жалба.(став 6)

Со член 13 став 1 од Закон за суските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009 и 148/2011) судот ќе ја ослободи од плаќање такса странката ако со плаќањето на таксата значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката или членовите на нејзиното семејство. Судот може на странката да и го одложи плаќањето на таксата се до донесувањето на одлуката или да и дозволи плаќање на таксата на рати.(став 2) Решението за ослободување од плаќање такса, за одлагање на плаќање на такса или за плаќање на рати ја донесува судот по предлог на странката во рок од пет дена од денот на поднесениот предлог во судот. (став 3) Кон предлогот странката приложува доказ издаден од надлежен орган за имотната состојба која се утврдува врз основа на податоците за приходи по сите основи на тоа лице, како и на членовите на неговото домаќинство со кои живее, и изјава за неговата материјално-социјална состојба за период од шест месеца пред доставувањето на предлогот. (став 4)

4. Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот за парничната постапка се однесувале само на граѓани кои пред судот настапуваат под семејно односно фамилијарно име, а ослободувањето од плаќање судски трошоци било условено од имотната состојба на секој член на семејството. Овие одредби не се однесувале на оние граѓани кои се здружиле во правно лице и кои пред судот настапуваат под името на фир мата на правното лице, а плаќањето на судските трошоци не зависело од имотната состојба на правното лице, туку од моменталната состојба на паричните средства на неговата жиро сметка.

Истите аргументи во иницијативата се изнесуваат и во однос на оспоредните одредби од Законот за судските такси. Подносителот на иницијативата смета дека со овие оспорени одредби биле дискриминирани оние граѓани кои со помош на правото се здружиле во правно лице и кои како правно лице настапуваат пред судовите со што бил повреден членот 54 став 3 од Уставот кој предвидувал дека не смее да биде дискриминирана слободата и правото на човекот и граѓанинот ниту по основ на имотната состојба ниту по основ на општествената положба. Бил дерогиран и член 9 став 1 и 2 од Уставот според кој сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од нивната имота и општествена положба и дека сите се еднакви пред Уставот и законите.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уведување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 54 став 3 од Уставот определува дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло или оопштествена положба.

Со членот 98 став 5 од Уставот на Република Македонија, меѓу другото е утврдено дека постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, парничната постапка, како и другите постапки пред судовите, се уредени со закони кои се донесени со двотретинско мнозинство.

Во член 1 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010), се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Согласно член 70 став 1 од Законот, странка во постапката може да биде секое физичко и правно лице. Согласно став 2 од истиот член, со посебни прописи се определува кој може да биде странка во постапк ата освен физички и правни лица. Согласно ставот 3 на истиот член, парничниот суд може, по исклучок, со правно дејство во определена постапка, да им го признае својството на странка и на определени форми на здружување, кои немаат способн ост на странка во смисла на ставовите 1 и 2 на овој член, ако утврди дека, со оглед на предметот на спорот, во суштина ги исполнуваат условите за стекнување на способност на странка и ако располагаат со имот над кој може да се спроведе извршување.

Според член 1 од Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009 и 148/2011) се уредува плаќањето на судските такси (во натамошниот текст: такси), за дејствија пред судовите во Република Македонија и Таксената тарифа, која е составен дел на овој закон.

Согласно член 2 од овој закон, такси се плаќаат во: парничната постапка; вонпарничната постапка; извршувањето; кривичната постапка поведена по приватна тужба и по барање на супсидијарен тужител; постапката по управните и управно-сметководните спорови; постапката за упис во регистри што ги води судот; стечајната постапка и постапката за ликвидација; постапката по барања за преиспитување на решение за прекршок и други случаи предвидени во Таксената тарифа.

Според член 3 од Законот, таксите пропишани со овој закон е должно да ги плати лицето по чиј предлог се поведува постапката или во чиј интерес се преземаат дејствијата во постапката (во натамошниот текст: таксен обврзник).

Од содржината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека судската заштита на слободите и правата на граѓаните со Уставот на Република Македонија е утврдена како една од гаранциите за нивно остварување, дека оваа заштита судовите ја остваруваат во постапка утврдена со закон, како и дека општите правила на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за заштита, односно остварувањето на граѓанските права се утврдени со Законот за парничната постапка. При тоа, во овој закон, освен другите правила на постапување и однесување, како на судот, така и на странките и другите учесници во постапката, се утврдени и правилата за трошоците на постапката, меѓу кои и оние во оспорените членови.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата дека со оспорените одредби биле „дискриминирани оние граѓани кои со помош на правото се здружиле во правно лице и кои пред судот настапуваат како правно лице, а плаќањето на судските трошоци и судската такса им го овозможува исклучиво моменталната состојба на паричните средства на жиро сметката со што се дерогира член 54 став 3 од Уставот со кое е уредено дека не смее да биде дискриминирана слободата и правото на човекот и граѓанинот ниту по основ на имотната состојба ниту по основ на општествената положба“ и дека „се дерогира и член 9 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија со кое е уредено дека сите граѓани се еднакви во слободата и правата независно од нивната имотна и општествена положба и дека се еднакви пред Уставот и законите“ сметаме дека истите се неосновани.

Со оспорените член 163 и член 164 став 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка се регулираат ослободувањето од плаќање на трошоци на постапката и со наведените законски решенија, им се овозможува на човекот и граѓанинот, како странки во постапката, без оглед на нивната имотна состојба, да можат да ги заштитуваат и остваруваат своите права и интереси.

Разликата помеѓу овие категории на физички и правни лица влијае на одредени решенија во Законот за парничната постапка и Законот за судските такси, кои се резервирани само за физичките лица, како странки во постапката. Тоа е случајот и со правото на ослободување од плаќање на трошоците на постапката, односно правото на ослободување од плаќање на судски такси. Овие решенија во наведените закони се од голема важност и се во функција на обезбедување на правото за слободен пристап до правдата, обезбедено и со членот 6 од Европската конвенција за човекови права.

Кон ова треба да се има предвид дека физичките и правните лица се различни категории на лица. Тие, според своите атрибути имаат различна правна основа и се разликуваат по својата правна и деловна способност, што се рефлектира и на парничната способност, односно способноста сами да ги вршат дејствијата во парничната постапка.

Исто така, Уставот ги гарантира основните права и слободи на човекот и граѓанинот како физички лица, кои се во корелација со темелните документи за човековите права на Обединетите нации и на Советот на Европа.

Во конкретниот случај, во оспорените членови од двата закони станува збор за пропишување на услови, односно правила на постапката врз основа на кои судот одлучува во граѓанско-правните спорови, согласно овластувањето од членот 98 став 5 од Уставот, со кои според Судот не се врши дискриминација на граѓаните во однос на остварувањето на со Устав загарантираното право на судска заштита на слободите и правата по основ на нивната имотна состојба, со оглед на тоа дека, согласно оспорените членови и другите одредби од законите, судската заштита е подеднакво достапна за сите граѓани, независно од нивната имотна состојба. Во тој поглед посебно значење има токму оспорениот член 163 од Законот за парнична постапка со кој се овозможува судската заштита на своите права да ја остваруваат и граѓаните со слаба имотна состојба, кои не би можеле доколку законот не го предвидеше ослободувањето од плаќање на трошоците на постапката за оваа категорија граѓани. Имено, при непостоење на вакви одредби од Законот, би било оневозможено остварувањето и заштитата на повредените права на овие граѓани пред судовите, што би било во спротивност со уставното начело на еднаквост и уставната гаранција за судска заштита на слободите и правата на секој граѓанин.

Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорените членови 163 и 164 од Законот за парнична се нарушувал принципот на еднаквост од член 9 став 2 од Уставот и поради тоа што во нив не се предвидувало ослободување од плаќање на трошоците на постапката и н а правните лица, како странки во парничната постапка, Судот смета дека овој приговор неможе да се прифати од причини што во наведениот член од Уставот станува збор за еднаквост само на граѓаните пред Уставот и законите, а не и на другите субјекти, какви што се правните лица, кои што пак со оглед на нивниот посебен правен субјективитет неможе да се изедначуваат со статусот, односно положбата на граѓаните, па оттука ниту со нивните права.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека, не може да се постави прашањето за согласноста на член 163 ставови 1, 2, 3 и 4 и член 164 ставови 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка и член 13 ставови 1, 2 и 3 од Законот за судските такси со членовите 9 став 1 и 2 и 54 став 3 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.14/2012
17 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски