У.бр.141/2011

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за населба “Тафталиџе 2” јужен дел, Општина Карпош-Скопје, број 07-2472/3 од 9 ноември 2004 година, донесена од Советот на Општина Карпош-Скопје, објавена во “Службен гласник на Град Скопје” број 12 од 14 декември 2004 година.

2. Флорика Ширгоска од Скопје, преку полномошникот адвокат Оливер Ристовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука не била законита затоа што при нејзиното донесување Советот на Општина Карпош-Скопје, не постапил согласно Законот за урбанистичкото планирање, бидејќи во парцелата Кп.бр. 3555/1 за КО Карпош, која се граничела со имотот на подносителката на иницијативата, биле предвидени две градежни маркици. Имено на наведената катастарска парцела, постоел објект сопственост на лицето Лидија Тасевска, за што подносителката приложува имотен лист, а во исто време на истата таа парцела бил евидентиран како сопственик на објект во приземје лицето Слободан Маджовски, за што подносителката прилага евидентен лист.
Всушност кај лицето Маджовски се работело за градежен простор на кој бил изграден објект без градежна дозвола, па затоа тој бил срушен во 2010 година, како бесправно изграден објект. Со иницијативата, подносителката приговара и на процентот на градежна искористеност за парцелата евидентирана на лицето Маджовски, кој според наводите од иницијативата, отстапувал од искористеноста во проценти на останатите парцели. Од овие причини, со иницијативата се предлага укинување на Одлуката за донесување на предметниот урбанистички план.

3. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Карпош-Скопје, врз основа на член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) и член 43 став 1 точка 5 од Статутот на Општината Карпош “Службен гласник на Град Скопје” број 8/97), член 26 од, на 45-тата седница одржана на 9 ноември 2004 година, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за населба “Тафталиџе 2” јужен дел, Општина Карпош-Скопје. Одлуката е донесена под бр. 07-2472/3 од 9 ноември 2004 година и е објавена во “Службен гласник на Град Скопје”, број 12 од 14 декември 2004 година.

Судот, исто така утврди дека во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со истата се донесува Детален урбанистички план за населба “Тафталиџе 2” јужен дел, Општина Карпош-Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, барањата во Програмата за содржината на Планот, Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот и Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на просторни и урбанистички планови.

Во членот 2 од Одлуката се определени границите на планскиот опфат.

Во членот 3 од Одлуката се наведува дека донесувањето на Детален урбанистички план за населба “Тафталиџе 2” јужен дел, Општина Карпош-Скопје е изготвен во две фази и тоа: документациона основа за урбано подрачје од 14,21 ха и планиран развој за урбано подрачје од 14,21 ха.

Во членот 4 од Одлуката е наведена содржината на Детален урбанистички план.

Во членот 5 од Одлуката се наведени составните делови на истата.

Во членот 6 од Одлуката се наведени административните работи во врска со заверка на предметниот план.

Во членот 7 од Одлуката е наведен рокот за обезбедување на комплетна документација за реализација на Планот.

Во членот 8 од Одлуката е наведено дека Детален урбанистички план со сите негови делови се чува во Одделението за урбанизам, уредување на градежното земјиште, комунална инфраструктура и заштита на животната средина на Општината.

Во членот 9 од Одлуката е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Град-Скопје.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, со иницијативата се оспорува предметната одлука како незаконита од аспект на прашања кои се однесуваат на содржината на планот, односно оспорувањето на одлуката не се однесува на евентуална незаконитост или манливост на постапката од аспект на фазите за донесување на планот уредена со закон.

Со оглед дека наводите од иницијативата, не се однесуваат и во ниеден момент не укажуваат на повреди на законитоста на постапката во која е донесена Одлуката за предметниот урбанистички план, односно во отсуство на вакви наводи, според Судот, во конкретниот случај не се исполнети условите за впуштање во оцена на законитоста на Одлуката, односно нејзината согласност со одредбите од наведениот закон.

Поради изнесеното и со оглед на тоа што овој суд не е надлежен да ја испитува и цени содржината на донесените урбанистички планови, туку уставноста и законитоста на постапката во која тие се донесуваат, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 141/2011
11 април 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски