141/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбан блок 9/2, Кварт 1 и 2, број 07-1100/4 од 1 јуни 2006 година, донесена од Советот на општина Прилеп („Службен гласник на општина Прилеп“ бр.6/2006).

2. Тоне Петрушески од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека при водење на постапката за донесување на оспорената одлука бил направен пропуст при изготвување на документационата основа на планот т.е. не била правилно утврдена фактичката состојба на лице место на објектите изградени на земјиштето од КП.бр.18755. Имено, во изготвување на планот не биле евидентирани сите подземни и надземни градби во рамките на планскиот опфат на ажурираната геодетска подлога во документационата основа на планот, кој што биле изградени се до почетокот на отпочнување на постапка за изработка на урбанистичкиот план.

Погрешно утврдената фактичка состојба довела до поинакво решение при изработка на планот, кое според подносителот на иницијативата, било спротивно на членовите 11 и 12 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003).

Според наводите во иницијативата, објектот кој што сега постоел на лице место изграден од лицата Бубрегоски Бобан и Душанка, бил изграден без правно-техничка документација, на кој факт органот кој ја спроведувал постапката требал да обрне повеќе внимание.

Поради наведените причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката, се донесува Детален урбанистички план за УАЕ бр.9, урбан блок 9/2, кварт 1 и кварт 2 во Прилеп, чиј составен дел се графичките прилози.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.3/2007 од 20 јуни 2007 година, не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за УАЕ број 9, Урбан блок 9/2, кварт 1 и 2 во Прилеп, број 07-1100/4 од 1 јуни 2006 година, донесена од Советот на општина Прилеп, од што произлегува дека оспорената одлука била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно Уставниот суд ја ценел постапката за нејзиното донесување, по кое зазел став дека истата е донесена во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. При тоа Судот оценил дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за УАЕ бр. 9, Урбан блок 9/2 кварт 1 и 2 во Прилеп, била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената Одлука за Деталниот урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон, поради што не го поставил прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во однос на наводите кои биле истакнати во иницијативата дека оспорената Одлука не била во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, Судот во истото решение зазел став дека не е надлежен да ја оценува согласноста на оспорената Одлука со наведениот Правилник бидејќи станува збор за одлучување за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг.

По однос на наводите истакнати во сега поднесената иницијатива Судот оцени дека не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесување на горенаведеното решение. Имено, со оглед на тоа што оспорената одлука била предмет на оценување од наведениот аспект за кој Уставниот суд е надлежен да постапува, а нема основ за поинакво одлучување Судот утврди дека во целост се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, пропишани во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи какко во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.141/2008
22 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски