140/2002-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 52 став 1, во делот “до влегувањето во сила на овој закон”, од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформа-ција на претпријатијата со општествен капитал (“ Службен весник на Република Македонија ” бр. 25/99).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 52 во целина, од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Фершпед – АД Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 52 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорениот член од Законот, се предвидува Министерството за финансии или овластени лица од него, по барање на Јавниот правобранител, Јавниот обвинител, инспекциски орган или Агенција за приватизација, да може да врши финансиска, сметководствена и правна контрола врз законитоста и правилноста на спроведените постапки на веќе тра нсформираните односно приватизираните фирми согласно со закон, во периодот од 29 јуни 1993 година до влегувањето во сила на овој закон, односно до 30 април 1999 година, доколку постоело основано сомнение дека се сторени битни повреди во постапката за транс формирање на општествениот капитал. Како резултат на ваквата контрола, Јавниот правобранител можел да покренува соодветни постап ки за поништување и утврдување на неважност на одделни акти и договори склучени на штета на општествениот капитал.
Оспорената одредба по својата содржина била спротивна на начелото на правната сигурност како една од темелните вредности инкорпорирани во уставниот принцип на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Имено, органите наведе ни во оспорениот член од Законот, и покрај тоа што имале законски овластувања за вршење на претходни и дополнителни контроли и евентуално преземање на правни средства заради отстранување на одредени незаконитости и неправилности во текот на постапките за трансформација на општествениот капитал на претпријатијата, сега со оспорената одредба се дозволува кај вече спроведените постапки за трансформација во периодот до донесувањето на Законот за измени и дополнување на Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал (“ Службен весник на Р.М. ” бр.25/99 ), во секое време без никакви рокови за тоа, да се врши нова контрола кај претпријатијата и да се поништуваат актите од нивната трансфор-мација.
Исто така, според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Законот била спротивна и на членот 52 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓани.
Од овие причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, а до донесувањето на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на неа.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“ Службен весник на Република Македонија ” бр.38/93) е влезен во сила осмиот ден од денот на објавувањето, односно на 29 јуни 1993 година, а Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал ( “ Служ-бен весник на Република Македонија ” бр.25/99) е влезен во сила со денот на неговото објавување, односно на 30 април 1999 година.

Со оваа измена на Законот, како нов е предвиден членот 52, кој е предмет на оспорување со поднесената иницијатива, и од неговата содржина произлегува дека третира настанати правни состојби за периодот од 29 јуни 1993 година до 30 април 1999 година.
Со членот 52 од Законот е предвидено дека доколку постои основано сомневање дека во постапката по трансформација на оп штествениот капитал се извршени битни повреди на овој закон што резултира со оштетување на општествениот капитал во претпријатијата или од нив зависни или поврзани претпријатија, кои за времето од 29 јуни1993 година до влегувањето во сила на овој закон на кој и да било начин се трансформирале или реорганизирале или извршиле статусна промена (спојување, припојување или поделба), при што е пренесуван општествен капитал или основале или пак вложувале во нови претпријатија или на друг начин пренесувале, или от учувале општествен капитал или одделни деловни функции на други претпријатија, се врши финансиска, сметководствена и правна контрола на законитоста и правилноста на спроведувањето на постапката.
Контролата од став 1 на овој член се врши и во случај и кога постои сомневање дека е оштетен општествениот капитал со кои управува Агенцијата и трајниот влог на Република Македонија.
Контролата од ставовите 1 и 2 на овој член ја вршат Министерството за финансии-Управата за јавни приходи и овластени правни и физички лица од Министерството за финансии.
Контролата се врши по барање на јавниот правобранител, јавниот обвинител, инспекциски орган и Агенцијата.
Барањето од став 4 на овој член Агенцијата го доставува до Министерството за финансии – Управата за јавни приходи и овластени правни и физички лица од Министерството за финансии.
Претпријатијата од став 1 на овој член должни се во текот на контролата да им поднесат на надлежните органи извештај со приказ на постапките и документите за располагање со општествениот капитал.
По извршената контрола се составува записник со наод и мислење и истиот се доставува до Агенцијата, јавниот правобранител и јавниот обвинител на нивна надлежност.
Агенцијата, јавниот правобранител и јавниот обвинител по добиениот извештај од извршената контрола можат да побараат и дополнителна контрола за недоволно јасни состојби.
Ако со контролата се оцени дека е оштетен општестве-ниот капитал јавниот правобранител покренува соодветна постапка за поништување или за утврдување на неважноста на одделни акти или договори склучени на штета на општествениот капитал.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Според членот 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, тие се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а законите влегуваат во сила најрано самиот ден од денот на објавувањето, но по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Во ставот 4 од овој член на Уставот е утврдено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Во приодот кон анализата на оспорениот член 52 од Законот и неговото кореспондирање со изнесените уставни норми, треба да се има во предвид постапката за трансформација која била спроведувана според одредбите од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија”, бр.38/93).
Имено, според одредбите од овој закон, е предвидено дека се формира Агенција со својство на правно лице со јавни овластувања, чиј состав на нејзините членови и претседател ги именува Владата, на која и презентира годишна програма за работа и финансиски план, а годишен извештај од работењето Агенцијата поднесува до Собранието на Републиката. Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал има надлежност за организирање, контрола и спроведување на трансформацијата. Таа донесува упатство за начинот како претпријатието да подготви програма за остварување на трансформацијата и за извештајот за проценка на вредноста, врши разгледување на документите на претпријатието и врз основа на тоа дава мислење до Комисијата на Владата за трансформација дали предложената трансформација е во согласност со условите, начинот и постапката пропишани со овој закон, по кое Комисијата донесува решение за согласност за отпочнување на постапката за трансформација. Исто така, со одредбите од законот е предвидено дека претпријатието по приемот на решението од Комисијата, донесува одлука за трансформација која ја објавува во “Службен весник на Република Македонија”, во еден од дневните весници во Републиката и во весниците на националностите.
Според членот 32 од Законот, договорот за продажба на општествениот капитал склучен спротивно на одредбите на овој закон е ништавен.
Според членот 99 од Законот, заштитата на претпријатијата во процесот на трансформацијата, како и на општествениот капитал во нив, ја врши јавниот правобранител на Република Македонија и тој ги презема сите мерки и правни средства и врши други со закон утврдени права и должности заради заштита на претпријатијата и општествениот капитал во процесот на трансформацијата. Јавниот правобранител поведува пред Уставниот суд на Република Македонија или пред судовите постапка за укинување или поништување на одлуки или други акти со кои се оштетува општествениот капитал.
Врз основа на изнесените одредби од Законот произлегува дека јавниот правобранител на Република Македонија и Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатија со општествен капитал со својство на јавно-правен субјект, секако имале законски овластувања за следење, спроведување и активно преземање на правни средства во текот на самиот процес на трансформација и имплементацијата на Законот. Со оглед на тоа, оспорениот член од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал ( “ Службен весник на Република Македонија ” бр.25/99 ) , е нов член 52 кој со својата содржина не задира во материјалните одредби од Законот кој се изменува, туку предвидува континуитет на надлежните државни органи во натамошен период да продолжат со надзор и контрола и со преземање на мерки и правни средства спрема постапките во процесот на трансформацијата на општествениот капитал.
Имајќи го во предвид изнесеното, Судот оцени дека заштитата на општествениот капитал од одделни акти и договори склучени на негова штета, не може ниту да се ограничи, како што е тоа предвидено во членот 52 став 1 од Законот, за односите настанати во периодот само до влегување во сила на овој закон, со оглед на јасната законска определба дека договорите за продажба на општествениот капитал склучени спротивно на одредбите на овој закон се ништавни.
Имено, контролата и преземањето на правни средства на државните органи, како што е предвидено во оспорениот член 52 од Законот, со исклучок на временскиот лимит со кој се ограничува периодот за кој ќе се врши контролата утврден во ставот 1 од овој член, според мислење на Судот, не претставува нова надлежност и право кои со измените на Законот се востановуваат, туку тие имаат смисла на прецизирање на самата постапка за утврдување дали правилно е спроведен Законот. Исто така, според одредбите на оспорениот член од Законот произлегува дека во постапката на вршењето на контрола не се пристапува кон автоматско интервенирање на надлежните органи туку во постапка со утврдување на постоење на конкретни факти кои се одразиле со штетни последици по општествениот капитал. Оттука, надлежните органи со осознавање за постоење на акти и договори како резултат на незаконито спроведени постапки за трансформација, независно од нормативното постоење на оспорениот член од Законот, би продолжиле да преземаат соодветни правни средства во постапки за нивно оспорување, врз основа на веќе постојниот законски основ за тоа .
Со оглед на тоа, Судот утврди дека пропишаната контрола во одредбите од членот 52 од Законот, само во делот од ставот 1 на овој член каде се определува дека таа се однесува за периодот “до влегување во сила на овој закон”, има повреда на уставниот принцип на владеење на правото кој е предвиден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Во однос на останатите одредби од членот 52 од Законот, Судот оцени дека тие по својата суштина го регулираат континуитетот на контролата на актите во постапките за трансформација, со што овие одредби имаат димензија на следење на правото и не преставуваат повреда на принципот на забрана на ретроактивното дејство на законите понеповолно за граѓаните.
Имено, воспоставениот режим на контрола пропишан со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, за утврдување на оштетување на општествениот капитал од односите настанати со неправилна примена на одредбите од законот и правото на Јавниот правобранител да покренува соодветни постапки за оспорување на актите и договоритет склучени на штета на општествениот капитал, според оценка на Судот добива само попрецизна нормативна форма со одредбите од новопредвидениот член 52 од Законот, за начинот на вршење и спроведување на контролата од страна на надлежните органи.
Токму поради тоа, континуитетот на контрола во постапките за трансформација воспоставен и утврден со Законот, не може да се ограничува за определен период, како што е тоа утврдено во ставот 1 од оспорениот член 52 од Законот.
Судот оцени дека спротивно на наводите изнесени во поднесената иницијатива, со кои се оспоруваат во целост одредбите од членот 52 од Законот, воопшто не може основано да се постави прашањето за повреда на принципот на владеење на правото втемелен во уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, ниту одредбите имаат автоматско повратно дејство понеповолно за граѓаните, што би било спротивно на членот 52 став 4 од Уставот.
Врз основа на оценката на Судот дека одредбите од оспрениот член 52 од Законот се во согласност со наведените уставни норми и само делот во ставот 1 од овој член од Законот каде е утврдено дека пропишаната контрола ќе се однесува на настанати односи “до влегувањето во сила на овој закон” е во спротивност со принципот на владеење на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, произлегува и ставот на Судот дека нема основ за изрекување на времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа оспорениот член од Законот, кое како барање било изразено од страна на подносителот на иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри И сљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 140/2002 ПРЕТСЕДАТЕЛ
4 декември 2002 год. на Уставниот суд на Република Македонија
Скопје
д.б. д-р Тодор Џунов
Судија известител,
Бахри Исљами