138/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за надоместок за исхрана на работниците бр.02/321 донесена од „Здружението на пензионери“ Кисела Вода – Скопје на седницата одржана на 30 септември 2004 година.

2. Петар Димовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука имала повратно дејство, дека таа немала основ во Статутот на здружението, колективнииот договор, како и во законските прописи.

Имено, оспорената одлука била донесена на 30 септември 2004 година, а нејзината примена била од 1 јануари 2004 година што значело дека таа има повратно дејство и била против одредбата од член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со оспорената одлука не биле опфатени сите вработени и како доказ е доставен Списокот за исплата на хранарина за месец февруари 2006 година и дека таква можност не произлегувала од колективниот договор и од законот.

Според тоа, подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената Одлука, на работниците ангажирани за вршење на работи и работни задачи во Здружението, како и на работниците по функција со надоместок ќе им се исплатува надоместок за исхрана, согласно законските прописи. Според член 2 од оспорената Одлука висината на надоместокот ќе изнесува 50% од износот утврден за работниците во органите на управата на Републиката, што сега изнесува 2.300,00 денари. Во членот 3 од оспорената Одлука е утврдено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1.01.2004 година. Според членот 4, оваа одлука да се достави до благајната на Здружението за спроведување.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија покрај другото одлучува и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Разгледувајќи ја иницијативата, како и содржината на оспорената одлука, Судот утврди дека таа не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт на „Здружението на пензионери„ Кисела Вода, со која на одредени вработени во Здружението им се исплатува надоместок за исхрана, поради што Судот оцени дека иницијативата согласно наведената одредба од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.138/2006
21 март 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи