У.бр.138/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Статутот за основање на Трговското друштво за производство и промет Солун – 2001 АД Гевгелија бр. 0306-328 од 30 ноември 2001 година.

2. Марија Калкова од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Трговското друштво за произ-вод-ст-во и промет Солун- 2001 АД Гевгелија било основано како АД настанато со статусна промена – поделба на Трговското друштво Солун АД – Гевгелија на две друштва, а во спогодбата за регулирање на меѓусебните односи меѓу новоформираните друштва и друштвото што се дели, не биле предвидени одредби за посебни права или предности како што бил акционерскиот капитал, имот или недвиж-ности кои не биле дел од основачкиот капи-тал.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот статут се основа Трговско друштво за производство и промет Солун – 2001 АД Гевгелија бр.0306-328 од 30 ноември 2001 година.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, Судот оцени дека статутот на трговско друштво не претставува пропис во смисла на истата, па ни Статутот за основање на Трговското друштво Солун – 2001 АД Гевгелија не претставува пропис во смисла на оваа уставна одредба, поради што оцени дека истиот не може да биде предмет на уставно-судска оценка.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.138/2004
27 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова