138/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 16 став 1 точка б) од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1996, 25/1998 и 6/2002).
2. Кристина Трајковиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 16 став 1 точка б) од Законот за вршење на нотарските работи. Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба не била во духот на Уставот на Република Македонија, бидејќи според членот 3 од Законот за вршење на нотарските работи нотаријатот е самостојна, независна и јавна служба, и дека нотарите ја вршат својата служба како основно занимање. Исто така се наведува дека со членот 53 од Уставот на Република Македонија е определено дека ” адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон”, што значи дека адвокатурата и нотаријатот биле самостојни и независни јавни служби, меѓутоа во поглед на остварувањето на правото на старосна пензија постоела разлика помеѓу овие две институции. Имено, во Законот за адвокатурата не постоела одредба според која на адвокатот му престанува функцијата со испол нување на условите за старосна пензија, што не бил случај во Законот за вршење на нотарските работи, со што се правело дискриминација на правата на нотарите во однос на правата на адвокатите по однос на општествената положба, што било спротивно на член 9 во врска со член 54 став 3 од Уставот на Република Македонија.
Временското ограничување на правото на работа, смета подносителот на иницијативата, било спротивно и на член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 16 став 1 точка б) од Законот за вршење на нотарските работи, една од причините за престанување на функцијата нотар е и исполнувањето услови за старосна пензија.
4. Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од истиот член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 32 ставот 1 од Уставот на Република Македонија секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната безбедност за време на привремена невработеност.
Во членот 54 став 3 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Според членот 53 од Уставот на Република Македонија адвокатурата е утврдена како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
5. Судот оценува дека прашањето за уставноста на оспорената одредба од Законот мора да се разгледува во контекст на природата на вршењето на нотарските работи како јавно овластување.
Во Република Македонија прашањето за вршењето на нотарските работи е уредено со Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1996, 25/1998 и 6/2002).
Со овој закон се уредува вршењето на нотарските работи, се определуваат условите и постапката за основање на нотаријат и за именување на нотари и се утврдува делокругот на работа на нотаријатот (член 1 од Законот).
Според членот 2 од Законот, нотарот, нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на закон, други прописи и општи акти засновани врз закон.
Во членот 3 од Законот е предвидено дека нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и другите заинтересирани институции, а нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.
Понатаму, согласно членот 58 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност, законодавецот со Законот за вршење на нотарските работи (членот 10) ги утврдил условите што треба да ги исполнува лицето кое може да биде именувано за нотар меѓу кои услови е предвиден и условот лицето да има положен нотарски испит.
Притоа, самиот закон во член 141 предвидел дека при определување на содржината на нотарскиот испит да се води сметка за содржината на правосудниот испит за да се избегне повторно полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит.
Конечно, за определување на природата на нотарската служба е значајно да се има предвид дека согласно членот 42 од Законот е предвидено дека нотарскиот акт е извршна исправа ако во него е утврдено определена обврска за чинење за која странките можат да се договараат и ако содржи изјава на обврзникот за тоа дека врз основа на тој акт може заради остварување на чинењето по пристигнување на обврската непосредно да спроведе присилно извршување.
Според правната наука јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверува на установи, организации и заедници и најчесто се однесува на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и слично).
На овие субјекти правото да вршат јавно овластување им се пренесува со закон.
По пренесувањето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кои им е доверено тоа овластување.
Врз основа на изнесеното, Судот на седницата утврди дека законодавецот, поаѓајќи од уставните овластувања, со Законот за вршење на нотарските работи определени поранешни судски и управни надлежности во Република Македонија ги пренел на нотаријатот како нова и самостојна независна јавна служба, а не на адвокатурата од причини што нотарските работи се всушност надлежности на јавната власт и дека нотарот тие работи, односно дејствија ги презема во нејзино име, а не во односи на застапник и клиент во давање правна помош.
Судот понатаму утврди дека нотаријатот работи, односно врши јавни овластувања во име на државната власт, која, пак, ги определува условите, постапката за именување на нотарите утврдени во членот 11 од Законот, бројот на нотарите и месната надлежност утврдени во членот 9 од Законот, како и причините за престанување на функцијата нотар предвидени во членот 16 од Законот.
Од анализата на наведените уставни одредби, како и од анализата на одредбите од Законот за вршење на нотарските работи, произлегува не само тоа дека законодавецот е овластен да ги определува условите за престанок на функцијата нотар, туку и дека “исполнувањето на условите за старосна пензија” како една од причините за престанување на функцијата нотар претставува општо прифатен и етаблиран стандард за престанок на работниот однос во органите на државната власт, што Судот го изрази и во други свои одлуки.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за вршење на нотарските работи со членот 9 и членот 54 став 3, како и со член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија.
6. Во однос на наводите во иницијативата, дека нотаријатот и адвокатурата имале иста положба, па затоа за нив требало да важат исти правила, Судот, како и во други свои одлуки, и сега укажува дека целта на членот 53 од Уставот е да го утврди статусот и положбата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, односно адвокатурата е јавна служба во обезбедување на правна помош, но тоа не го прави во вид на јавно овластување, туку во слободни односи на застапник и клиент и затоа суштински се разликува од вршењето на нотарските работи.
Тоа е очигледно и од Законот за адвокатурата со кој се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи и други правни лица, вршење на јавни овластувања утврдени со овој и друг закон како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење, престанок и мирување на адвокатската дејност и правата и обврските на адвокатите, а адвокатурата, согласно Уставот ја дефинира како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош. Адвокатите, согласно член 2 став 2 од Законот вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.
Од изнесените причини Судот смета дека оспорената законска одредба не може да се стави под сомнение од аспект на повреда на принципот на еднаквоста на граѓаните на Република Македонија пред Уставот и законите од причини што адвокатурата и нотаријатот не се со ист статус и функции во правниот поредок.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.138/2003
4 февруари 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова