138/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 став 1 алинеја 13 од Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на градот Штип, донесена од Собранието на Општина Штип на 30 јуни 1994 година (“Службен гласник на Општина Штип” бр.3/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Ванчо Павлов од Штип, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 1 став 1 алинеја 13 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа било предвидено колско-пешачкиот премин на ул.”Битолска” да се скрати до куќните броеви 5 и 15, и ако граѓанинот на јавната расправа расправа по нацрт-планот дал своја забелешка дека со ваквата измена се доведува во прашање постоењето на објекти изградени со легална документација врз претходниот план, на што, Собранието на Општината не одговорило ниту, позитивно ниту, негативно, што не било во согласност со закон.

Воедно, во иницијативата се бара Судот да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што ќе се преземат врз основа на оспорената одлука.

3. На седницата Судот утврди дека Планот во фазата на нацрт бил ставен на јавна расправа од 22 април 1994 година до 5 мај 1994 година и тоа во просториите на месните заедници “Бамби”, “Автокоманда”, “Тошо Арсов”, “Брегалница”, “Ново Село” и “Васил Доганџиски”. Судот, исто така, утврди дека на предлог-планот е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во Скопје.

4. Согласно член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89) нацртите на плановите задолжително се ставаат на јавна расправа која се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог планот. Согласно член 33 од Законот, органот на управата надлежен за урбанизмот му доставува на републичкото собрание односно на собранието на општината, предлог на просторен односно урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образло`ение за неприфатените забелешки.

Од изнесените одредби на Законот произлегува дека како дел од постапката во која граѓаните треба да бидат вклучени во донесувањето на урбанистичките планови претставува јавната расправа. Притоа, од Законот не произлегува обврска за органот што го го донесува планот за неприфатените забелешки што ги дале на расправата граѓаните поединечно да ги известува. Таква обврска е предвидена само за органот на управата надлежен за работите за урбанизам кога го донесува на собранието извештајот од јавната расправа по нацрт-планот.

Со оглед на тоа што за донесување на оспорената одлука е одржана јавна расправа, а органот на управата надлежен за работите на урбанизмот дало образложение за неприфатените забелешки на граѓаните, а што се утврдува од писмото бр.0301-325 од 2.06.1994 година, упатено до Собранието на Општина Штип, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на планот со означените одредби од Законот.

Во врска со барањето во иницијативата Судот да донесе решение за запирање на поединечните акти и дејствија што ќе бидат преземени врз основа на оспорената одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на таква мерка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.