137/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 86-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.25/99).

2. Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за оценување уставноста на член 86-а од Законот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата смета дека и ако оспорениот член престанал да важи односно бил избиршан од законот со извршените измени, Уставниот суд на Република Македонија согласно член 70 од Деловникот има основ да го оценува наведениот член во време на неговото важење.

Имено според наводите од иницијативата со оспорениот член во времето на неговото важење била извршена продажба на претпријатието Скијашки центар “Заре Лазарески” од Маврово со непосредна спогодба со стратешки инвеститор наместо да се одвива по пат на јавен повик и прибирање на понуди како приоритетен и загарантиран начин на продажба на претпријатието, на кој начин за претпријатието настанале неотстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека во член 86-а глава ВИ-а – Продажба на претпријатието со непосредна спогодба од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/99) било предвидено дека “Со непосредна спогодба се продава идеален дел од претпријатието. Под идеален дел од став 1 на овој член се смета било кој дел од главнината од претпријатието изразено во акции односно удели.

Со непосредна спогодба се продаваат претпријатијата предвидени во Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби (“Службен весник на РМ” бр.2/95 и 65/95) и други претпријатија за кои постои интерес за купување од страна на стратешки инвеститор.

Стратешки инвеститор во смисла на овој закон е купувачот на идеален дел од претпријатието што го определува Владата на Република Македонија по предлог на Агенцијата.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.49/2000) односно во член 5 е предвидено дека Глава ВИ-а – Продажба на претпријатието со непосредна спогодба и членовите 86-а, 86-б, 86-в и 86-г се бришат.

4. Од изнесеното произлегува дека оспорениот член престанал да важи со извршените измени на законот односно со негово бришење поради што Уставниот суд на Република Македонија согласно член 28 од Деловникот нема процесни претпоставки односно нема основ да оценува одредба од закон која не е во правниот поредок ниту била во правниот поредок во време на поднесување на иницијативата.

5. Во врска со наводите од иницијативата според која Уставниот суд на Република Македонија има основ во Деловникот да ја оценува уставноста и законитоста на одредбата од Законот или други прописи кои престанеле да важат, Судот утврди дека согласно член 70 став 1 алинеја 6 од Деловникот, Уставниот суд на Република Македонија донесува одлука кога одлучува за суштината на работите и тоа за утврдување на неуставноста на закон односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката ако се исполнети условите за нивно поништување.

Од наведеното произлегува дека Уставниот суд, покрај другото, може да донесе поништувачка одлука за закон или друг пропис кој престанал да важи само ако за тој закон или друг пропис постапката е во тек, односно е донесено решение за поведување на постапка, а не и кога постапката воопшто не е иницирана односно не е поведена.

6. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.137/2000
4 октомври 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов