137/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за испитување на основ за постоење на Самоуправните интересни заедници за унапредување и користење на пасиштата и утрините.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Витомир Трифуновски од с.Ново Село Гостивар, му поднесе иницијатива со која бара да се испита уставниот и законскиот основ за постоењето на самоуправните интересни заедници и пасиштата, со оглед на тоа што во Уставот на Република Македонија не е предвидено организирање во самоуправни интересни заедници. Смета дека постоењето на самоуправните интересни заедници за пасишта негативно се одразува на положбата на граѓаните – корисници на пасишта, поради што истите требало да бидат укинати.

3. Согласно член 110 став 1 алинеа 1, 2 и 3, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласност ана другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

4. Имајќи во предвид дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.194/95 од 6 септември 1995 година го укина Законот за управување и користење на пасиштата и утрините (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/74), врз основа на кого беа основани самоуправните интересни заедници за управување со пасиштата и утрините, поради што повеќе не постои законски основ за самоуправно интересно здружување во оваа област, а пак понатамошното егзистирање на самоуправните интересни заедници за управување и користење на пасиштата и утрините е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува, следуваше судот да одлучи да ја отфрли иницијативата поради ненадлежност, согласно член 28 став 1 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.137/96)