136/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба се предвидувало забрана за избор на лице за член на совет и градоначалник ако лицето се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.

Од причина што со ваквото законско решение се ограничувале слободите и правата на граѓаните, оспорената законска одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот, во која се утврдува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, односно политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори. Според подносителот на иницијативата исто така оспорената законска одредба не била во согласност и со членовите 9, 22, 23 и 54 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата, Уставот не правел разлика меѓу активното и пасивното избирачко право, што подразбирало дека со исполнувањето на утврдените услови граѓанинот стекнува право да избира и да биде избран. При тоа, Уставот не предвидувал никакви посебни услови за стекнување на пасивното избирачко право. Со оглед на тоа што Уставот ги утврдил основните изборни принципи, според подносителот, правна претпоставка е дека изборните закони мора да бидат во согласност со Уставот (член 8 став 1 алинеја 3 и член 51), што значи дека тие не можеле да содржат ограничување ниту на активното, ни на пасивното избирачко право, поради што произлегувало дека оспорената одредба е неуставна.

Поради изнесените причини, предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот за локалните избори.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за локалните избори со одредбата од членот 3 став 2 предвидува дека право да биде избран за член на совет и градоначалник има секој државјанин на Република Македонија кој:

– наполнил 18 години живот;
– има деловна способност;
– не се наоѓа на издржување на казна затвор за сторено кривично дело; и
– е со постојано живеалиште во општина и градот Скопје, каде што се врши изборот.

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Според член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, а избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во Главата В од Уставот на Република Македонија во членовите 114 – 117, се содржани одредбите за локалната самоуправа, односно принципите на демократската локална самоуправа, што се согледува преку фактот што локалната самоуправа претставува уставна категорија. Локалната самоуправа има уставна положба и со Уставот загарантирана самостојност и самоуправност во политичкиот систем на Република Македонија. Правото на локалната самоуправа е несомнено политичко право на граѓаните кое ним им овозможува непосредно или преку избрани претставнички органи да одлучуваат за работите од локално значење во единиците на локалната самоуправа.

Во членот 114 став 1 и 2 од Уставот е утврдено дека на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а единици на локалната самоуправа се општините. Согласно Амандман ЏВИ точка 1 со кој е заменет ставот 5 на член 114, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Согласно Амандманот ЏВИИ со точката 1, со кој е заменет ставот 1 на членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштита на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Во однос на изнесените уставно определени надлежности со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) треба да се има предвид дека органите на општините – советот на општината и градоначалникот имаат посебни надлежности во функционирањето на локалната самоуправа во општината. Имено, советот на општината е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината. Членовите на советот во остварувањето на својата функција имаат определени права и должности. Така, членовите на советот имаат право и должност да присуствуваат и учествуваат во работата на советот и неговите постојани или привремени комисии, како и право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот. Членовите на советот уживаат имунитет и истите не можат да бидат повикани на кривична одговорност или да бидат притворени за искажаното мислење или за гласање во советот. Постои можност на одземање на мандатот на член на советот, доколку тој неоправдано отсуствува од три седници на советот по ред.

Поаѓајќи од фактот што функционалната вредност на локалната самоуправа се изразува исклучиво низ степенот на остварување на надлежностите, аналогно на тоа произлегува и потребата од непречено делување на секој член на советот, односно градоначалник, заради реализација на функциите што се во нивна надлежност.

Имајќи го во вид изнесеното, работењето и функционирањето на локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и зачувување, односно вградување на принципите врз кои таа се организира и функционира, бара неопходно присуство на лицата кои ги сочинуваат органите на општината – членовите на советот на општината и градоначалникот, за тие да ја вршат непосредно својата функција, односно правата и обврските што произлегуваат од истата.

Оттука, оспорената законска одредба според која полнолетно и деловно способно лице кое е државјанин на Република Македонија и е со постојано живеалиште во општината може да има право да биде избрано за член на советот или градоначалник под услов да не се наоѓа на издржување на казната затвор за сторено кривично дело, е во согласност со Уставот, од причина што ваквата законска определба е во духот на една од темелните вредности на Уставот – правото на граѓаните на локална самоуправа.

Имајќи предвид дека со Законот за локалните избори, се уредуваат постапката и условите за избор на членови на советот на единиците на локалната самоуправа, и дека во случајов со оспорената законска одредба е предвиден услов кој не е во спротивност со определбите на Уставот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба од Законот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.136/2004
8 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова