135/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 3 од Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2001, 50/2001, 52/2001, 103/2001, 37/2002, 41/2002, 61/2002, 42/2003 и 13/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорената одредба намала основ во Уставот на Република Македонија, бидејќи наложувањето со закон акционерско друштво нешто да чини безплатно било противуставно. Имено, според подносителот на иницијативата и Централниот регистар на Република Македонија не требало да биде изземен од плаќањето на услуги или предизвикани трошоци. Ова од причина што за извршените услуги од делокругот на својата работа утврден во Законот за платниот промет, клириншката куќа требало да има право и овластување да наплаќа од сите заинтересирани субјекти, според исти економски мерила и критериуми, како што впрочем тоа го правеле и сите јавни и државни институции, како и самиот Централен регистар на Република Македонија согласно член 18 а од Законот за Централен регистар („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001 и 49/2003). Со оглед на тоа што, законодавецот, според подносителот на иницијативата, направил разлика помеѓу учесниците во работата на клириншката куќа, од една страна и Централниот регистар од друга страна, кој единствено бил повластен и привилегиран со што се нарушувала еднаквата положба на субјектите на пазарот, се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 11 од Законот за платниот промет, носителот на платниот промет е должен податоците од својот регистар на иматели на сметки да ги достави до единствениот регистар на иматели на сметки (став 1).

Клириншката куќа која го води единствениот регистар на иматели на сметки е должна да ги достави податоците за имателите на сметките и сметките кои ги водат носителите на платниот промет во Централниот регистар (став 2).

Клириншката куќа податоците од ставот 2 на овој член ги доставува до Централниот регистар без надомест (оспорениот став 3).

Учесникот во платниот промет е должен за настанатите статусни и други промени писмено да ги извести носителите на платниот промет кај кои има сметка најдоцна во рок од три дена од денот на настанатите промени (став 4).

Единствениот регистар на иматели на сметки се води во клириншка куќа (став 5).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Според член 2 од Законот за платниот промет, “учесник во платниот промет” е домашно или странско, правно или физичко лице кое врши регистрирана дејност или друго физичко лице, кое врши плаќања во денари преку носителите на платниот промет.

Според член 3 од Законот, носители на платниот промет се Народната банка на Република Македонија (во натамошниот текст: Народна банка) и банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет согласно со закон.

Според член 12 од Законот, носителот на платниот промет е должен да го извести единствениот регистар на иматели на сметки за отворање и укинување на сметката и за статусни промени на учесникот во платниот промет, најдоцна до крајот на работното време на единствениот регистар на иматели на сметки на денот на приемот на известувањето (став 1). Носителот на платниот промет не смее да извршува платен промет преку сметката на учесникот, доколку не постапил согласно со став 1 од овој член (став 2).

Според член 13 од Законот, податоците од единствениот регистар на иматели на сметки може да се користат под услови утврдени со закон.

Според член 19 од Законот, за утврдување и пребивање на плаќањата на носителите на платниот промет врз основа на меѓубанкарски плаќања, утврдување и пребивање на други меѓубанкарски трансакции, поврзување и размена на податоци меѓу банките, поврзување и размена на податоци и банки со други субјекти, водење на бази на податоци од меѓубанкарски интерес, изработка на информациони системи од интерес на меѓубанкарското работење и изработка на други информациони системи се основа клириншка куќа (став 1). Начинот, видот и висината на плаќањата кои се основа за работата на клириншката куќа се уредуваат со актите на клириншката куќа (став 2).

Според член 20 од Законот, клириншката куќа има својство на правно лице, кое се запишува во трговскиот регистар (став 1). Клириншката куќа ја основаат носителите на платниот промет (став 2).

Според член 21 од Законот, учесници во работата на клириншката куќа се носителите на платниот промет (став 1). Учесниците во работата на клириншката куќа отвораат сметка за пресметка (став 2). Меѓусебните права и обврски на клириншката куќа и учесниците во работата на клириншката куќа се уредуваат договорно (став 3). Надзор врз работата на клириншката куќа врши Народната банка (став 4).

Според член 1 од Законот за Централен регистар („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001, 49/2003 и 109/2005), со овој закон се уредува: основањето, организацијата и делокругот на работа на Централниот регистар на Република Македонија (во натамошниот текст: Централен регистар); односите меѓу овој регистар и другите основни регистри (во натамошниот текст: основни регистри) и нивните корисници; односите со други правни субјекти; како и прашањата сврзани со внесувањето, обработката, чувањето и дистрибуирањето на релевантни податоци од Централниот регистар до корисниците на тие податоци.

Според член 2 од Законот, Централен регистар се основа, како централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои согласно со овој или друг закон или со договор се внесуваат во него. Централниот регистар има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон. Седиштето на Централниот регистар е во Скопје.

Според член 3 од Законот, во Централниот регистар се основаат основни регистри врз основа на други закони , во кои се конституираат права, како и регистри во кои не се конституираат права (став 1). Во Централниот регистар се водат и основни регистри кои се предвидени со други закони надвор од Централниот регистар (став 2).

Според член 9 став 2 од Законот, податоците кои се однесуваат, меѓу другото на стекнат статус на трговско друштво или статус на друг вид на правно лице и годишни сметки задолжително се внесуваат во Централниот регистар.

Според член 18 а од Законот, за извршените услуги од делокругот на својата работа, кој е утврден со овој или друг закон, а кои се однесуваат на упис, внесување, обработување, обединување, класифицирање, селек-тирање, складирање, чување и користење на податоците во Централниот регистар на Република Македонија, како и дистрибуирање на податоците до заинтересираните корисници, Централниот регистар на Република Македонија наплаќа соодветен надоместок кој се утврдува со Тарифа на Централниот регистар, која ја донесува Управниот одбор на Централниот регистар, а на која согласност дава Владата на Република Македонија (став 1).

Надоместокот од ставот 1 на овој член не се наплаќа од корисниците и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија од областа на законодавната, извршната и судската власт (став 2).

Според член 21 од Законот, Централниот регистар обезбедува техничка можност за меѓусебна поврзаност на основните регистри и другите правни субјекти кои врз основа на овој или друг закон или договор, внесуваат правни и друг вид релевантни податоци.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се остварува меѓу другото и со еднаквоста на давањата и примањата на субјектите учесници во правниот промет, кој принцип наоѓа свој посебен одраз и во слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на сите субјектите на пазарот. Меѓутоа, Уставот поконкретно не уредува во кои случаи субјектите во правните односи воопшто, па и субјектите на пазарот ќе ги остваруваат меѓусебните односи со или без надоместок и оставил ова прашање да биде предмет на законско или договорно уредувањ е.

Притоа, Народната банка на Република Македонија и воопшто банките имаат специфична улога и положба на пазарот, со оглед на нивното дејствување како активни учесници и носители на платниот промет со значајна функција во економскиот свера на една земја.

Со оглед на околноста што нивното работење во голема мерка влијае врз севкупната состојба во сферата на ликвидноста на плаќањата како во државата така и кон странство истите имаат нешто поинаква положба на пазарот од останатите субјекти-учесници на пазарот.

Оттаму, со цел да се утврди како се поставени на пазарот, како се остварува претприемништвото и какви се меѓусебни односи на клириншката куќа и Централниот регистар, од аспект на наводите од иницијативата, во претходната постапка, беше неопходно да се направи анализа на цитираните одредби од двата закона.

Имено, Народната банка и банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет, согласно со закон, како носители на платениот промет (член 2 од Законот за платниот промет) имаат обрвска да го известат единствениот регистар на иматели на сметки (член 12) за отворање и укинување на сметката и за статусни промени на учесникот во платниот промет (член 2).

Носителот на платниот промет е должен податоците од својот регистар на иматели на сметки да ги достави до единствениот регистар на иматели на сметки кој го води клириншката куќа и таа без надоместок овие податоци понатаму го доставува до Централниот регистар (оспорениот член 11 став 3). Инаку, носителите на плат-ниот промет основаат клириншка куќа (член 19), со цел вршење на меѓубанкарски транскции, размена на податоци и слично.

Од понатамошната анализа на оредбите од Законот за Централниот регистар Судот го утврди следното:

Централниот регистар е централна информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои согласно со овој или друг закон или со договор се внесуваат во него (член 2). Во Централниот регистар се водат и основни регистри кои се предвидени со други закони надвор од Централниот регистар (член 3 став 2) или како што е случајот со единствениот регистар на имателите на сметки, според Законот за платниот промет.

Притоа, според член 9 став 2 од Законот, податоците кои се однесуваат на стекнат статус на трговско друштво или статус на друг вид на правно лице и годишни сметки задолжително се внесуваат во Централниот регистар, што значи дека задолжителноста се однесува и по однос на сметките на сите учесници во платниот промет.

Понатаму, во членот 18 а став 1 од Законот е определено општо правило според кое Централниот регис-тар е овластен да наплати, меѓу другото за внесување на податоците во неговата централна информативна база. Меѓутоа, од ова правило, во ставот 2 од истиот член од Законот е содржан исклучок, според кој од корисниците и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија од областа на законодавната, извршната и судската власт за упис, внесување, обработување, обединување, класифицирање, селектирање, складирање, чување и користење на податоците во Централниот регистар на Република Македонија не се наплаќа надоместок.

Притоа, според означувањето на Законот за централниот регистар во иницијативата произлегува дека на подносителот на иницијативата како да не му е позната содржината на член 18 а став 2 од Законот, која станала составен дел на интегралниот текст од Законот со член 1 од Законот за дополнување на Законот за Централен регистар („Службен весник на Република Македонија„ бр.109/2005).

Исто така, според Судот, од значење е и содржината на членот 21 од Законот, според која Централниот регистар обезбедува техничка можност за меѓусебна поврзаност на основните регистри и другите правни субјекти кои врз основа на овој или друг закон или договор, внесуваат правни и друг вид релевантни податоци. Оттаму, централната информативна база на Централниот регистар ги добива податоците од страна на правните субјекти чија обврска за доставување на податоците до него, може да произлезе како од Законот за централниот регистар, така и од други закони.

Врз основа на изнесеното, по однос на наводите од иницијативата за нееднаквост на субјектите на пазарот создадена на начин што законадавцот го ослободува Централниот регистар на Република Македонија да и плати надоместок на клириншката куќа при доставувањето на податоците, наспроти останатите субјекти кои доставуваат податоци до него, Судот оцени дека се неосновани.

Имено, клириншката куќа е субјект кој е задолжен за водење на единствениот регистар на имателите на сметки, во кој регистар се содржани податоци од особена важност за стабилноста и функционира њето на монетарниот и девизен пазар на државата и како таква таа има законска обврска овие податоци задолжително да ги достави до Централниот регистар на Република Македонија, кој всушност е систем од основни и други регистри. Притоа, Централниот регистар не само на клириншката куќа, туку и на корисниците и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија од областа на законодавната, извршната и судската власт не им плаќа надоместок при приемот на податоци од нив.

Оттаму, според Судот, во оспорената одредба безплатниот трансфер на податоци не се предвидува според карактерот на субјектот што ги доставува податоците, туку според карактерот на правно релевантните податоци од значење за целината на информативната база на податоци, што ја води Централниот регистар на Република Македонија, а со такви правни и друг вид релевантни податоци, меѓу другите, располага клириншката куќа, како и носителите на извршната, законодавната и судската власт, корисници на Буџетот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, исто така, произлегува дека е неоснован наводот од иницијативата за противуставно наложување на акционерските друштва да чинат нешто безплатно, бидејќи карактерот или видот на субјектот, односно дали е во прашање клириншка куќа која не остварува добивка за доставените податоци или Централниот регистар кој не плаќа при примањето на податоците е без правно релевантно значење. Од значење за безплатноста на настанатиот однос единствено е важен карактерот на податоците што се од значење.

Напротив, според Судот, за ваков вид на податоци само бесплатниот начин на вршење на услугата води кон сигурно прибирање на правно релевантните податоци од значење за целината на информативна база и одржување на системот на евиденција пропишан со закон, што не би било така кога прибирањето на овие податоци би се вршело со надоместок.

По однос на наводот од иницијативата дека клириншката куќа за извршените услуги требала, исто така, да има право да наплаќа од заинтересираните субјекти, како што тоа го правеле јавните и државни институции, вклучувајќи го и Централниот регистар, Судот оцени дека е неснован. Ова пред се од причина што оспорената одредба воопшто не уредува какви права има клириншката куќа при вршење на услуги на заинтересирани субјекти, туку уредува обврска за задолжително доставување на бараните податоци од страна на клириншката куќа до Централниот регистар, во овој случај без надоместок. Значи одредбата ја регулира релацијата помеѓу клириншката куќа и Централниот регистар, но не и релациите со останатите заинтересирани субјекти. Од друга страна ваквиот навод упатува на барање за оценка на законската одредба, според содржина што подносителот на иницијативата смета дека треба да ја има, а не според содржина што ја има, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Оспорената одредба, исто така, според изнесената содржина, не прави разлика помеѓу учесниците во работата на клириншката куќа и Централниот регистар, од причина што учесниците во работата на клириншката куќа се трет субјект, кој не е опфатен во оспорената одредба. Таа ја решава релацијата исклучиво помеѓу клириншката куќа и Централниот регистар, без инволвирање на учесниците во работата на клириншката куќа во таа релација и не уредува на кој начин клириншката куќа ги прибира потребните податоци од учесниците во нејзината работа и дали за тоа наплаќа надоместок.

Конечно, со оспорената одредба не се создава повластена и привилегирана положба за Централниот регистар од причина што ваква положба не се создава врз основа на законска забрана да се наплати при прибирање на податоците. Дали понатаму од така безплатно прибраните податоци од клириншката куќа Централниот регистар остварува некаква добивка, не е прашање што може да биде предмет на уставносудска оцена.

Врз основа на наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласност на оспорената законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6 . Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.135/2006
2 мај 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи