133/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 јануари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 350 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/98 и 38/2002).
2. Ленче Маневска, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот, означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот е предвидено меѓу другото технички преглед на моторни и приклучни возила, трактори и земјоделски трактори може да врши организација во која доброволно се здружени најмалку десет правни лица регистрирани за дејности од областа на безбедноста, превентивата во патниот сообраќај и давање на техничка помош на патиштата, што ќе ја овласти министерот за внатрешни работи. Меѓутоа, предвидената организација во која се здружени најмалку десет правни лица има недефинирана статусна форма и не е јасно каков правен субјект таа претставува. Исто така, според оспорената одредба од законот само правни лица можат да се здружат во една организација со цел да добијат овластување од министерот, заради вршење на технички преглед на возилата од што произлегува дека не се дозволува право то на граѓани да формираат здруженија за таа цел, па поради тоа оспорената одредба била спротивна на членот 20 од Уставот, според кој граѓаните можат да формираат здруженија и спротивно на членот 55 од Уставот, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 350 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/98 и 38/2002), технички преглед на моторни и приклучни возила, трактори и земјоделски трактори може да врши организација во која добороволно се здружени најмалку десет правни лица регистрирани за дејности од областа на безбедноста, превентивата во патниот сообраќај и давање на техничка помош на патиштата, што ќе ја овласти министерот за внатрешни работи, како и установа од образованието чија дејност е едукација на кадри од областа на безбедноста и превентивата во сообраќајот на патиштата (во натамошниот текст: овластено правно лице за вршење на технички преглед). Овластување од ставот 1 на овој член може да добие организацијата односно установата од ставот 1 на овој член која располага со соодветен сопствен деловен простор, техничка опрема и уреди, соодветна организација и најмалку две стручни лица оспособени за вршење на технички преглед одделно за секоја станица за технички преглед.
4. Според членот 20 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Во делот на уставните норми кои се однесуваат на основите на економските односи, со членот 55 од Уставот, е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со одредбите од членовите 348 до 356, ги уредил прашањата кои се однесуваат на техничкиот преглед на моторните и приклучните возила. Со одредбите од овој дел на Законот, е утврдено дека техничкиот преглед е заради проверување на техничката исправност на моторните и приклучните возила односно дали возилото ги има и се во исправна состојба пропишаните уреди.
Според членот 350 став 1 од Законот, технички преглед на моторни и приклучни возила, трактори и земјоделски трактори може да врши организација во која доброволно се здружени најмалку десет правни лица регистрирани за дејности од областа на безбедноста, превентивата во патниот сообраќај и давање на техничка помош на патиштата, што ќе ја овласти министерот за внатрешни работи, како и установа од образованието чија дејност е едукација на кадри од областа на безбедноста и превентивата во сообраќајот на патиштата. Овластувањето од ставот 1 на овој член може да добие организацијата или установата од ставот 1 на овој член која располага со соодветен сопствен деловен простор, техничка опрема и уреди, соодветна организација и најмалку две стручни лица оспособени за вршење на технички преглед одделно за секоја станица на технички преглед.
Овластувањето за вршење технички преглед од ставот 1 на овој член од Законот, може да се добие само ако во урбаната средина каде што се врши техничкиот преглед има најмалку 2500 моторни возила.
Законот, со одредбите кои се однесуваат на техничкиот преглед на возилата, понатаму ги пропишал правата и обврските на овластените правни лица за вршење на техничкиот преглед. Имено, во однос на правата и обврските утврдил дека овластеното правно лице не може да врши технички преглед на сопствените и на возилата на правните лица што се здружени во организацијата од членот 350 став 1 на овој закон, дека овластеното правно лице е должно на секои четири години да врши проверка на знаењето на стручните лица кои вршат технички преглед и дека овластеното правно лице е должно да води евиденција за податоците на прегледаните возила во корист на Министерството за внатрешни работи.
Со одредбата од членот 354 од Законот, е утврдено дека надзорот над работењето на овластените правни лица за вршење технички преглед на возилата, врши Министерството за внатрешни работи и дека министерот ќе го одземе овластувањето ако утврди дека овластеното правно лице престанало да ги исполнува пропишаните услови односно права и обврски.
Со одредбата од членот 356 од Законот, се овластува министерот за внатрешни работи да донесе поблиски прописи за техничката опрема, уредите и просторот со кој мора овластеното правно лице да располага за вршење на технички преглед и за други прашања кои се однесуваат на оваа дејност.
Исто така, Судот утврди дека со Законот за здруженијата на граѓани и фондации (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98), во членот 2 е предвидено дека граѓаните слободно можат да се здружуваат во здруженија на граѓани и да основаат фондации, заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хуманитарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и законот.
Согласно членот 6 од овој Закон, здруженијата на граѓаните се правни лица и тие како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување стекнуваат својство на правно лице со денот на уписот во регистарот на здруженијата на граѓаните и фондациите.
Во членот 12 од Законот, е пропишано дека на здружение на граѓанин може да му се довери вршење на јавно овластување, што го доверува соодветното министерство од областа во која дејствува здружението на граѓани, во согласност со закон.
Според членот 72 од овој Закон, здруженијата на граѓани можат меѓусебно да се здружуваат во сојузи или во други облици на поврзување или здружување, за заедничко унапредување на својата работа и активности, за усогласување на посебните и заедничките интереси во областа за која се основани, како и за остварување на други прашања од заеднички интерес.
Врз основа на погореизнесените уставни и законски одредби, Судот утврди дека здруженијата на граѓани се правни лица и ова својство го стекнуваат со уписот во соодветниот регистар, тие можат меѓусебно да се здружуваат во сојузи и други облици на поврзување и здружување а сојузот или друг организационен облик на повеќе здруженија на граѓани стекнува својство на едно правно лице со денот на уписот во регистарот на здруженија на граѓани и фондации.
Поаѓајќи од уставната определба во членот 20 став 1 од Уставот, со која на граѓаните им се гарантира слобода на здружување заради остварување и заштита на права и интереси Судот оцени дека во согласност со оваа уставна норма е и предвидениот организационен облик на доброволно здружување на најмалку 10 регистрирани правни лица од соодветната област, кој по добивање на овластување од министерот за внатрешни работи, добива статус на “овластено правно лице за вршење на технички преглед” ;, според оспорената одредба од Законот.
Министерството за внатрешни работи ги спроведува прописите и презема мерки кои се однесуваат на безбедноста на сообраќајот на патиштата, ова согласно членот 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. На Министерството со закон му се доверени вршењето на јавни овластувања од предметната законска материја, меѓутоа овој орган на извршната власт односно министерот за внатрешни работи, со оспорениот член 350 став 1 од Законот, може да го пренесува конкретното јавно овластување за вршење на технички преглед на возилата, на правно лице кое е организација на 10 или повеќе здруженија на граѓани.
Исто така, со Законот не е лимитирано на колкав број правни субјекти министерот за внатрешни работи може да го пренесе овластувањето за вршење на технички преглед, но се дефинира организациониот облик на овластеното правно лице и се елиминира техничкиот преглед да го вршат само физички лица или други форми на правни лица.
Оттука, според Судот со законската определба јавното овластување за вршење на технички преглед на возилата да може министерот од соодветното министерство, да го пренесува на неограничен број правни субјекти под услови кои законот ги определил особено и во однос на нивниот организационен облик на правно лице, воопшто не се повредува уставната определба во членот 55 од Уставот, со која се гарантира слободата на пазарот и претприемаштвото. Имено, законското регулирање на овие прашања со соодветен пристап каков што е и во оспорената одредба од Законот е детерминирано и од специфичната материја од сферата на безбедноста на сообраќајот на патиштата а во тие рамки и вршењето на техничкиот преглед на возилата за чие спроведување, според Законот, е надлежно Министерството за внатрешни работи. Во случајов се работи за пренесување на јавно овластување на надлежен државен орган на определени правни субјекти и под определени услови. Поради тоа, правата и обврските кои се утврдени во оспорената одредба од законот ја изразуваат определбата на законодавецот да го регулира вршењето на техничкиот преглед на возилата како битен сегмент во безбедноста на сообраќајот на патиштата, на начин и под услови кои ќе овозможат зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето, што претставуваат елементи поради кои согласно членот 55 став 3 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат со закон да се ограничат.
5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јоси ф Талевски.

У.бр.133/2002
22 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов