133/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 ноември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополна на Деталниот урбанистички план на град Гостивар – централно подрачје, донесена од Советот на општина Гостивар на 19 јуни 1997 година.

2. Ристовски Томче, Реџепи Иса и други од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што не била спроведена јавна анкета во врска со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Гостивар и што со неа доаѓало до неминовно прекинување на продолжената сообраќајница која минува низ КП.1185 северно од постоечкиот објект на Ул. “Коча Зози”. Од тие причини подносителите на иницијативата сметаат дека корекцијата на планот не била во општ интерес на граѓаните што живеат на оваа улица како и на урбаното планирање на центарот на градот, затоа што улицата останувала само слепа сообраќајница.

3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.174/97 од 18 февруари 1998 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, која, во случајов, повторно се оспорува.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа дека Судот веќе се произнел за уставноста и законитоста на оспорената одлука, а иницијативата не содржи нови факти и докази што ќе влијаат на Судот за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 на ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.133/98)