132/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 129-а и член 129-б од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2009 и 35/2010).

2. Павле Ѓорѓиевски и 15 други лица од Делчево; Маринчо Поп-Иванов и 5 други лица, сите од Струмица и Ѓорѓија Јовановски од Кавадарци, преку полномошник – адвокат Милош Пертемов од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата од Делчево, порано вработени во МВР ОВР Делчево ПС М.Каменица и пензионирани во периодот од 1993 – 2003 година, со оспорените одредби тие биле дискриминирани во однос на колегите кои го остваруваат правото на пензија согласно оспорените одредби, во однос на висината на пензијата, затоа што оспорените одредби на нивните колеги им овозможувале да остваруваат повисока пензија од платата што ја земале како вработени, со што било повредено нивното законско право да бидат еднакви пред Уставот и законите, а со тоа биле повредени член 8 став 1 алинеите 3 и 11 и член 9 став 2 од Уставот.

Според подносителите на иницијативата од Струмица, како поранешни вработени во СВР Струмица и подносителот Ѓорѓија Јовановски од Кавадарци, како поранешен вработен во МВР-Гранична полиција Регионален центар – Југ седиште Кавадарци, со оспорените одредби се вршела дискриминација на сите поранешни вработени а сега пензионери во МВР во однос пензионерите кои ќе се пензиоираат со новиот Закон за внатрешни работи, и тоа во однос на висината на пензијата и во однос на испратнината при одење во пензија. Нееднаквоста со новите пензионери произлегувала од фактот што и поранешните вработени по основ на платени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување (во зависност од работното место, бодовите и чинот) во корист на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување имале исплаќано сигурно многу повеќе, отколку со вака донесените законски решенија, а имале решенија со многу пониски износи на месечни пензии и отидено во пензија со две отпремнини. Притоа, напоменуваат дека биле вработени релативно во ист временски период, па со тоа неосновано, противуставно било да има скоро три категории на пензионери, поранешни вработени во МВР. Според тоа, оспорените одредби директно го повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Овие подносители на иницијативата бараат од Уставниот суд да бидат изедначени во однос на користењето на правата од член 129-а и член 129-б од Законот со идните пензионери и овие одредби да важат и за нив, како скоро пензионирани, па законодавецот да биде задолжен истите одредби да важат и за нив. Воедно укажуваат дека доколку не бидат изедначени во користењето на правата од овој закон, спремни се да поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

3. Судот на седницата утврди дека според член 129-а став 1 од Законот за внатрешни работи, Министерството ги прекинува договорите за вработување на овластенитеслужбени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службено лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на овластеното службено лице, без оглед на неговите години на возраст. Според став 2 на истиот член, старосната пензија од ставот 1 на овој член се утврдува во висина од 80% од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж.

Согласно член 129-б од истиот закон, на работникот кој стекнал право на пензија му следува еднократен надоместок во вид на отпремнина, во висина од пет просечни месечни нето плати остварени по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата.

Судот, исто така, констатира дека со Одлука У.бр. 58/2010, („Службен весник на Република Македонија“бр.134/2010 од 07 октомври 2010 година), Уставниот суд ги укина член 129-а и член 129-б од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2009 и 35/2010).

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Одлука на Судот, У.бр.58/2010 („Службен весник на Република Македонија“ бр.134/2010 од 07 октомври 2010 година), Уставниот суд ги укина член 129-а и член 129-б од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2009 и 35/2010).

Со оглед на фактот дека наведените одредби не се повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативите и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативите.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.132/2010
20 октомври 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски